/ Прочитано:

1.493

На иницијатива на адвокати, Уставниот суд го укина членот 158 од Законот за прекршоците

Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на членот 158 од Законот за прекршоците. Судот оцени дека оспорената одредба од членот 158, анализирана во контекст на останатите преодни и завршни одредби од Законот за прекршоците, има за последица ретроактивно важење на Законот и создава правна несигурност.

akad 2

Уставниот суд го укина членот 158 од Законот за прекршоците по иницијативите поднесени од Адвокатското друштво „Тошиќ и Јевтиќ“ и адвокатот Зоран Величкоски од Скопје.

Според оспорениот член 158 од Законот за прекршоците, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува со денот на започнување на примената на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.

Од содржината на оспорената одредба од членот 158 од Законот за прекршоците произлегува дека таа одредба е поврзана со останатите преодни и завршни одредби од Законот за прекршоците, како и со преодните и завршните одредби на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.

Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка бил донесен на 1 септември 2014 година, бил објавен во Службен весник на Република Македонија бр. 130/2014 од 3 септември 2014 година, а започнал да се применува од 1 февруари 2015 година.

Законот за прекршоците бил донесен на 22 јули 2015 година, бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 124/2015 од 23 јули 2015 година, а според оспорената одредба од членот 158, тој требало да започне да се применува на 1 февруари 2015 година.

Од наведеното произлегува дека иако Законот за прекршоците бил донесен во јули 2015 година, тој требало да се применува од 1 февруари 2015 година, значи, пред да биде донесен и објавен, што практично значи дека тој има ретроактивно дејство.

Во однос на исклучокот од уставната забрана на ретроактивното дејство, односно допуштеноста на повратното дејство ако тоа е поповолно за граѓаните, Уставниот суд укажува дека оцената за тоа дали еден закон е поповолен или не, особено во сферата на казненото право, има свои специфичности.

„Утврдувањето дали еден нов закон е поблаг се прави во однос на точно определен сторител и конкретно казниво дело што му се става на товар на тој сторител“, истакнуваат од Судот.

Прашањето за примената на поблагиот закон за сторителите на казниви дела, истакнуваат од Уставниот суд, е конкретно прашање што се оценува од случај до случај од страна на Кривичниот суд, а не е прашање кое воопштено би го утврдувал законодавецот, ниту пак прашање кое апстрактно би го проценувал Уставниот суд во постапката за оцената на уставноста.

„Принципот на владеењето на правото го обврзува законодавецот да конципира прецизни, недвосмислени и јасни норми бидејќи само таквите правни норми можат да претставуваат солидна основа за постапување од страна на државните органи, што значи дека само јасните и прецизните норми ја гарантираат правната сигурност на граѓаните како составен дел на принципот на владеењето на правото. Владеењето на правото подразбира доследна примена на законските прописи, кои треба да се општи, точно одредени и недвосмислени формулирани правила“, се вели во Одлуката  на Судот.

М.В