/ Прочитано:

4.287

На Правниот факултет „Јустинијан Први“ се отвори Правна клиника за антикорупциско право

На Правниот факултет „Јустинијан Први“ се отвори Правна клиника за антикорупциско право. Станува збор за прва таква правна клиника како на Правниот факултет „Јустинијан Први“, така и во Република Македонија воопшто. Отворањето на Правната клиника за антикорупциско право беше поддржано од Мисијата на ОБСЕ во Скопје која, како што истакнуваат од Правниот факултет, сесрдно го поддржа целокупниот подготвителен процес.

„Тоа беше сторено преку неколкумесечен проект кој за своја главна цел го имаше пишувањето наставна програма за Правната клиника за антикорупциско право. Како автори се јавија проф. д-р Гордана Лажетиќ и проф. д-р Ана Павловска-Данева, а рецензија на финалниот производ даде проф. д-р Борче Давитковски. Во проектот како соработник учествуваше и м-р Константин Битраков. Покрај тоа, Мисијата на ОБСЕ во Скопје донираше техничка опрема и литература кои во иднина ќе бидат ползувани од страна на студентите и академскиот кадар“, велат од Правниот факултет „Јустинијан Први“.

По повод отворањето на Правната клиника за антикорупциско право вчера на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје се одржа свеченост по повод отворањето на Правната клиника за антикорупциско право. На настанот, модериран од проф. д-р Гордана Лажетиќ, збор најнапред зеде деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, проф. д-р Горан Коевски. Тој ја поздрави иницијативата и ја истакна отвореноста на Факултетот за иновативни и прогресивни програми во иднина. Пред присутните се обрати и шефот на Отсекот за владеење на правото при Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Алфредо Стриполи, кој изрази задоволство од проектот и неговата реализација, осврнувајќи се на сеопфатноста на наставната програма.

На свеченоста говореше и проф. д-р Борче Давитковски, кој ја истакна суштественоста на една ваква програма, која се очекува на студентите да им овозможи доближување на нивните теоретски сознанија со она што значи практична работа. На тој начин, нагласи Давитковски, ќе се создадат генерации правници кои ќе бидат остручени и доволно вешти да започнат со практична работа во органите кои го спроведуваат антикорупциското законодавство.

Проф. д-р Ана Павловска-Данева на свечениот настан детално ја изложи наставната програма за Правната клиника. Таа истакна дека станува збор за програма која на студентите ќе им овозможи работа на „живи случаи“, нешто што за нив претставува новина, како што претставува и студијата на случај. Покрај тоа, рече професорката Данева, студентите инволвирани во Клиниката, заедно со своите ментори редовно ќе ги следат сите предлог-закони влезени во собраниска процедура, со цел да детектираат евентуални основи за преземање на коруптивни дејствија, односно дискрециски овластувања. Доколку тоа е случај, Правната клиника ќе му укаже на Собранието на Република Македонија дека соодветниот (предлог) законски текст треба да претрпи измени.

Како што образложи професорката Данева, студентите понатаму ќе земат учество и во симулација на судење, а покрај тоа ќе имаат можност и да пишуваат магистерски тези од соодветната научна област. Клиниката, додаде Павловска-Данева, ќе оствари и соработка со средните правни училишта и гимназиите. Имено, студентите ќе можат на учениците од завршните години да им одржат предавања и презентации за корупцијата како општествен феномен и правен поим, односно начините за дејствување против неа.

„Правната клиника ќе работи во тесна комуникација со Државната комисија за спречување на корупцијата, адвокати, како и други органи и организации“, беше заклучено на свечениот настан на кој беше промовирана Правната клиника за антикорупциско право. Клиниката ќе започне да работи од идната година, а студентите ќе можат да се пријават за учество во нејзините активности. Со тоа тие ќе ги зајакнат своите познавања во сферата, како и практичните вештини, со што ќе се остручат за работа во Државната комисија за спречување на корупцијата, обвинителствата, судовите, адвокатурата и слично.

M.В