/ Прочитано:

4.502

На првиот ден од новата година стапуваат во примена новиот Закон за нотаријатот и новиот Закон за извршување

Новиот Закон за нотаријатот и новиот Закон за извршување стапуваат во примена на 1 јануари 2017 година.

адвокат со клиент

Со Законот за нотаријатот се уредуваат организацијата на нотаријатот како јавна служба и неговите органи, постапката за именување и разрешување на нотарите, делокругот на работа и службените дејствија на нотарите, овластувањата на нотарите, составувањето на нотарски исправи, надзорот и дисциплинската одговорност на нотарите, како и други прашања кои се однесуваат на нотаријатот.

Со новиот Закон за нотаријатот, велат од Министерството за правда, ќе се овозможат услови за успешна примена на Законот во пракса,  ќе се овозможи воедначена примена на законските одредби од страна сите нотари во Република Македонија, ќе се обезбеди побрз пристап на граѓаните до правдата, ќе се зголеми степенот на правната сигурност во правниот промет, ќе се остане во чекор со современите текови во поразвиените латински нотаријати, а истовремено ќе се влијае и врз понатамошно намалување на бројот на судските предмети и растоварувањето на судството.

Дел од новините во Законот за нотаријатот се присуството на адвокати при постапката за расправање на оставина, составувањето на нотарски исправи и изготвувањето на приватни исправи. Овие измени, како што беше истакнато на собраниската расправа при донесувањето на Законот, се со цел зголемување на правната сигурност на странките во постапката пред нотар.

Исто така, на 1 јануари стапува во примена Законот за извршување. Со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено.

Целта на новиот Закон за извршување е поефикасно остварување на правата на граѓаните и правните лица и сите учесници во постапката пред извршител, а во правец на надградување на системот за брзо и ефикасно спроведување на извршувањето и остварување на правата на доверителите.

Во таа насока, со новиот Закон се врши прецизирање на досегашните одредби од постојниот закон, пополнување на правните празнини, номотехничко и содржинско преуредување на структурата на Законот, проширување на надлежноста на извршителите со воведување на вонсудска наплата на долгови врз основа на веродостојна исправа, воведување на електронско полагање на испитот за извршители, допрецизирање на одредбите за дисциплинската постапка, дисциплинските повреди и дисциплинските мерки, како и допрецизирање на одредбите кои доведуваа до различна примена од страна на извршителите при спроведување на извршувањето.

Дел од новините во Законот за извршување се вонсудската наплата на долгови од комунални услуги, задолжителното повикување на должникот да го намири долгот пред блокада на сметка, скратувањето на рокот за утврдување на вредноста на недвижностите, како и задолжителна електронска комуникација на извршителот со Катастарот.

При изработката на новото законско решение, велат од Министерството за правда, се ценеа препораките на извештајот Дуинг бизнис за подобрување на бизнис-климата во Република Македонија.

„Сите решенија преточени во одредбите на Законот за извршување се одраз на потребите од решавањето на постојните проблеми со кои се соочуваат извршителите во пракса, а за граѓаните значат полесен пристап до остварувањето на нивните права и интереси и воопшто подобрување на системот за извршување“, посочуваат од Министерството за правда.

„Новиот Закон ги надминува сите оние проблеми со кои се соочуваа и извршителите и доверителите и сите засегнати. Примената на Законот треба да почне од први јануари, а ќе донесе бројни предности, посебно за граѓаните кои припаѓаат на ранливите категории“, вели Зоран Петрески, претседател на Комора на извршители на РМ.

М.В