/ Прочитано:

1.368

НА УСТАВНИОТ СУД МУ Е ПОТРЕБНА ЕВОЛУЦИЈА: „Судот има ригидно толкување на законите во поглед на човековите права“

На Уставниот суд му е потребна еволуција која би опфатила законски реформи, усвојување на закон за Уставниот суд и подобро регулирање на опфатот на заштита на човековите права, беше порачано на денешната дискусија за работната верзија на научниот труд и истражување „(Не)трансформативната улога на Уставниот суд на Република Македонија“, која има за цел да поттикне погласна јавна дебата за реформите што му се потребни на уставното судство.

akademik foto 1

Еволуција наместо револуција

„Во примерот со Уставниот суд на Република Македонија, она што го бараат повеќето експерти е револуција. Резултатите на оваа анализа налагаат дека навистина се потребни и неопходни реформи. Сепак, инсистирањето на забрзана динамика на реформи на Уставниот суд исто така е проблематично бидејќи тука може да лежи разликата помеѓу умерен успех и неуспешен потфат. Мора да имаме на ум дека Уставниот суд исто така има улога да обезбеди општествен континуитет, кој може да биде загрозен доколку Уставот или деловникот со кои работи Судот станат предмет на постојана реформа и непредвидливост. А, предвидливоста е важна за граѓаните, за деловните субјекти и за регулаторните тела“, се посочува во истражувањето за трансформативната улога на Уставниот суд на Република Македонија.

На Уставниот суд, се потенцира во истражувањето, не му е потребна револуција, туку му е потребна еволуција која би опфатила законски реформи, усвојување на закон за Уставниот суд и подобро регулирање на опфатот на заштита на човековите права и која би поставила појасна основа за ефикасни и успешни процедури со кои на крајот би се зајакнала трансформативната и демократизирачка улога на македонскиот Уставен суд.

Уставниот суд во маѓепсан круг

Во оваа насока, на денешната дискусија  беше истакнато дека излезниот легитимитет на Уставниот суд е ограничен поради маѓепсаниот круг сочинет од непочитувањето на неговите одлуки, ниските нивоа на доверба, угледот на судиите на Уставниот суд и процесот на именување, како и немотивираноста за поднесување иницијативи.

„Ваквите состојби дополнително се комплицираат со тешките состојби во кои државниот орган кој го усвоил актот ја извршува одлуката на Уставниот суд, а истовремено иницира нова постапка за измена на законскиот акт со истата содржина како онаа што ја укинал Судот “, беше потенцирано на дискусијата.

akademik foto 1

Ригидно толкување на законите во поглед на човековите права

Во погледот на човековите права, се вели во истражувањето презентирано на јавната дискусија, Судот, посебно од гледна точка на родова еднаквост,  покажал ригидно толкување на законите и има тенденција да следи поконзервативен став, кој влече корени од поконзервативните идеологии кои ги имаат владејачките партии, но и од правната состојба и од традиционалните вредности во Македонија во периодот пред 1990 година.

Конструкцијата „истакнати правници“ – параван за инсталација на партиски послушници

Марија Ристеска, главен истражувач и автор на научниот труд, вели дека еден од најсилните фактори за трансформативната улога на Уставниот суд на Република Македонија е самиот избор на судиите.

„Всушност, најголемиот проблем е конструкцијата дека изборот на уставните судии е од редот на истакнатите правници. Оваа конструкција е оценувана како нејасна и непрецизна и подложна е на злоупотреби. Поголемиот дел од професорите по уставно право се против ваквата конструкција и тие предлагаат соодветни измени кои ќе имаат за цел да се овозможи избор на судии кои ќе имаат висок интегритет и поголемо искуство и квалитет на работата. Такво мислење има  и Венецијанската комисија“, истакнува Ристеска, повикувајќи се на истражувањето, во кое за ова прашање се посочуваат и мислењата на познатиот правник Стамен Филипов, на поранешниот уставен судија Игор Спировски и на професорката Гордана Силјановска-Давкова.

akademik foto 1

Мандатот е најсилна директна гаранција на независноста 

Според Филипов, поради фактот што судиите на Уставниот суд не се истакнати правници, граѓаните не му веруваат на Судот. Според Спировски, мандатот е најсилна директна гаранција на независноста на Уставниот суд, додека пак според професорката Силјановска, бидејќи критериумот за избор не е дефиниран прецизно, често избраните судии не се на крајот од кариерата, па мора да бараат нова работа кон крајот на мандатот.

Според Емил Шурков, кој е вториот автор на трудот, граѓаните имаат слаба мотивираност за поднесување иницијативи, а недостигот од комуникациска стратегија разгорува сомнежи кај јавноста и предизвикува дополнителни негативни перцепции за транспарентноста на Судот, за неговата независност и за отвореноста.

Како што се посочува во истражувањето, според Мирјана Лазарова-Трајковска, судија во ЕСЧП и поранешен судија во Уставниот суд на РМ, иако Уставниот суд понекогаш е мета на критика, важно е да се забележи дека неговите одлуки често имаат прогресивен карактер и придонесуваат за зајакнување на институциите и процедурите.

Уставниот суд да се регулира со закон и  да има инструменти за да се обезбеди извршување на одлуките

Професорката Гордана Силјановска истакнува дека во време кога во Македонија постои криза на демократијата, нарушена претставничка демократија и отсуство на рамнотежа на трите власти, најголем проблем е што Уставниот суд не постапува во случаите кога постои очигледно кршење на Уставот од страна на извршната власт, односно од страна на Владата. Професорката истакнува дека е потребно да постои импичмент и за Владата и за министрите доколку има кршење на Уставот. Исто така, според Силјановска, во Македонија е потребно Уставниот суд да се регулира со закон и  да има инструменти за да се обезбеди извршување на одлуките, како и редефинирање на начинот на избор на судиите, со што ќе се обезбеди независноста и непристрасноста на Судот.

akademik foto 1

„Евидентно е дека овие години Судот не постапува по сопствена иницијатива, туку може да се забележи дека се работи за автоконтрола и автоцензура од негова страна. Уставните судии можеа да покажат дека се креативна и мислечкинастроена правна елита, но тие се однесуваа патријархално и поданички. Значи, се работи за самозаробување на Уставниот суд. Инаку, на судиите никогаш не гледам како на неполитички актери и мислам дека во Република Македонија токму фактот што Келзен како втемелувач на австрискиот Уставен суд и докажан нормативист веројатно повеќе се цитира во Македонија отколку во самата Австрија, потсетувам на последната одлука на Уставниот суд за поништување на претседателските избори, што е навлегување во политичките води“, посочи професорката Силјановска.

Не може секој да биде истакнат правник

Според Маргарита Цаца-Николовска, Уставниот суд е потребно да претрпи темелна реформа, како од легалистички аспект така и од аспект на легитимноста на Судот во поглед на изборот на уставните судии.

„Па така, многу малку имаме судии кои се бавеле исклучиво со уставноправна материја, а имаме и такви што прашање е дали имаат јако познавање и дали го заслужуваат епитетот истакнат правник. Не може секој да биде истакнат правник“, истакна Цаца-Николовска, упатувајќи и критика кон уставните судии кои не учествувале на денешната јавна дискусија.

М.В