/Прочитано:

1.474

НАЦРТ- СТРАТЕГИЈАТА ЗА РЕФОРМА НА ПРАВОСУДНИОТ СЕКТОР

Во Нацрт-стратегијата за реформа на правосудниот сектор се вели дека овој документ е од суштинско значење заради зачувување и унапредување на постигнатите ефекти/придобивки од претходните реформски процеси и активности, но и заради спречување на  назадувањата во правосудниот сектор на државата констатирани во изминатите неколку години.

„Новата Стратегија дава насоки, правци за подобрување на системот на правосудство преку надминување на постојните недостатоци од нормативен и институционален карактер кои се провлекуваат низ него, но пред сè, го има предвид основниот проблем на мешање на извршната власт и партизацијата, како причина за назадувањето и нефункционалноста на правосудниот сектор“, се посочува во Стратегијата.

Како стратешки цели во Стратегијата се издвојуваат: избор и унапредување на судиите и обвинителите од страна на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители, врз основа на објективни и неполитички критериуми, воспоставување објективни и мерливи критериуми за утврдување на одговорност на судиите и јавните обвинители, плурализација на санкциите, разрешување само за потешки и континуирани дисциплински повреди и воспоставување законска рамка за општествена и политичка рехабилитација на лустрираните лица.

Потребни се, се посочува понатаму во Стратегијата во делот на стратешките цели, и законски критериуми и постапка за индивидуална и колективна одговорност на членовите на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители.

„Членовите на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители потребно е да се избираат од редот на најискусните судии и јавни обвинители и други претставници од правничките професии.

Одлуките на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители за избор на судии и јавни обвинители, како и за нивно унапредување, оценување и разрешување, одлуките за дисциплинска одговорност на судиите и јавните обвинители треба да се детално и аргументирано образложени и јавно објавени“, се посочува во Стратегијата.

Подобрување на улогата на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители  како заштитници на правата на судиите, односно јавните обвинители, во поглед на нивното независно и непристрасно односно самостојно постапување  и отстранување на притисоците врз нивната работа.

Влез во судството и Јавното обвинителство треба да се обезбеди во одреден процент и на лица кои не се дипломци на Академијата за судии и јавни обвинители, како што се долгогодишни и искусни стручни соработници, адвокати, универзитетски професори и претставници на други правни професии.

Самостоен и одржлив судски буџет за работа на судовите и задолжително подобрување на условите за работа на судиите, што заедно со другите мерки за обезбедување на нивна независност и самостојност ќе придонесе за враќање на угледот и дигнитетот на судиската функција.

Потребно е, се посочува во Стратегијата, да се овозможи распределба на судските предмети (АКМИС) без надворешни влијанија – мерка значајна за реализација на сите начела поставени како стратешки цели на реформата и ставање во целост во функција на системот за електронска распределба на предмети во ЈО.

Понатаму, во Стратегијата за реформи на правосудниот сектор се предлага донесување  нов закон за бесплатна правна помош, со кој ќе се уреди обезбедувањето на правната помош за сите прашања и постапки освен одбраната во кривичните постапки.

Во контекст на прашањето за адвокатурата се предлагаат  регулаторни и методолошки унапредувања во врската меѓу Адвокатската комора и Министерството за правда, притоа зачувувајќи ги уставните гаранции за независност и автономија.

Потребно е, се вели во Стратегијата, воспоставување адвокатски канцеларии за давање на бесплатна правна помош на подрачјето на секој суд во РМ од страна на Адвокатската комора, ревидирање на адвокатската тарифа, креирање политика за контрола на квалитетот, механизми за оценување на капацитетот и алатки за нивно спроведување на ниво на Адвокатската комора и на регионално ниво, како и креирање методологија и механизми за следење на спроведувањето задолжителна континуирана обука за адвокатите како обврска на Адвокатската комора.

Во однос на извршителите се предлагаат законски измени, со цел јакнење на професионалните капацитети на извршителите, поедноставување на извршувањето, намалување на трошоците на извршувањето, соодветно конципирање на испитот за извршители и начинот на негово полагање.

Исто така, се предлага и континуирано следење на ефектите од извршувањето и на квалитетот на работењето на извршителите, како и воспоставување единствен софтверски систем за евиденција и водење на предметите кај извршителите.

Во врска со нотарите се предлага изменување и дополнување на законската рамка во правец на редефинирање на нотарскиот акт, поедноставување на постапувањето и зголемување на ефикасноста на нотарите, намалување на трошоците за нотарските услуги, поедноставување на именувањето на помошници нотари, менување на концептот за полагање на нотарски испит и воспоставување единствен софтверски систем за евиденција и водење на предметите кај нотарите.

Во однос на медијацијата, меѓу другото, се предлагаат законски измени во делот на испитот за медијатори, со цел ревизија на испитот за медијатори, овозможување законски претпоставки и поттикнување на јавните органи  да ги решаваат меѓусебните спорни ситуации  по пат на медијација, како и промоција на потребата и придобивките од медијацијата во согласност со Директивата на Европската комисија за медијација во граѓански и трговски спорови од 2011 година

Во Стратегијата се вели дека е потребно продолжување на соработката помеѓу ГО и институциите на правосудниот сектор со продлабочување и интензивирање на соработката помеѓу Министерството за правда и ГО во креирањето на политиките од областа на правосудството.

„Во идниот период, потребно е да се направи јасна дистинкција помеѓу заштитата  на уставно загарантираните права во надлежност на редовните судови и оние кои се или треба да бидат во надлежност на Уставниот суд. Доколку анализите покажат дека е потребно воведување на уставната жалба како механизам за заштита на слободите и правата загарантирани со Уставот и со Европската конвенција за човековите права, и последен филтер пред поднесување на тужба (апликација) против државата пред ЕСЧП, неопходни ќе бидат претходно кадровско и професионално доекипирање и зајакнување на капацитетите на Уставниот суд“, се вели во Стратегијата.

Во Стратегијата се предлагаат измени во условите и критериумите за избор на членовите на Судскиот совет. Конкретно, потребно е да се предвиди учество на претседателот на Врховниот суд во работењето на Судскиот совет без право на глас, аналогно на министерот за правда.

Се предлагаат законски измени за Јавното обвинителство и јакнење на улогата на Советот на јавни обвинители. Јавното обвинителство функционира врз основа на неусогласени материјални и организациски прописи. Покрај тоа, не е извршено ниту квалитетно екипирање на јавнообвинителската служба.

„Поради постојното законско решение, кое се однесува на мандатот за постапување на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, а имајќи ги предвид бројноста и сложеноста на предметите во надлежност на ова обвинителство, потребно е да се создадат законски предуслови за продолжување на неговата работа, како посебно одделение во рамките на ЈОРМ“, се вели во Стратегијата.

Во однос на Академијата за судии и јавни обвинители во Стратегијата се вели дека треба да постои законско утврдување на одреден процент новопримени судии, да можат да се избираат од редот на искусните правници, а за другите да важат правилата за избор во судии преку посетување задолжителна почетна обука во Академијата. За поквалитетно и поефикасно функционирање на Академијата, потребно е нејзино кадровско и техничко доекипирање, проследено со обезбедување на соодветни просторни услови.

М.В