/ Прочитано:

3.998

Најчесто поставувани прашања во врска со годишната даночна пријава

Во врска со поднесувањето на годишната даночна пријава, УЈП објави и листа на најчесто поставувани прашања.

slika

Јас сум ПЕНЗИОНЕР, а имам остварено и други приходи (дивиденда, приходи од кирија и др.). Дали имам обврска во Годишната даночна пријава да ја прикажам и пензијата, покрај другите приходи?

Во Годишната даночна пријава покрај остварените други приходи, имате обврска да го прикажете и износот на пензијата. Податоците за исплатите, односно пресметката на годишната бруто-пензија, социјални придонеси и персонален данок, потребно е да ги обезбедите од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ).

Остварувам приходи со работа преку интернет. Дали треба во Годишната даночна пријава да ги пријавам овие приливи на пари?

 За приходите остварени со работа преку интернет, имате обврска да поднесете Годишна даночна пријава.

Користам ПОРОДИЛНО БОЛЕДУВАЊЕ, а имам и други приходи. Дали треба во Годишната даночна пријава да го прикажам и боледувањето, покрај другите приходи?

Во Годишната даночна пријава покрај остварените други приходи, имате обврска да го прикажете и износот на надоместокот на плата за породилно боледување. Податоците за исплатите, односно пресметката на годишнoтo породилното боледување, социјални придонеси и персонален данок, потребно е да ги обезбедите од Фондот за здрaвствено осигурување на РМ.

Остварувам РОДИТЕЛСКИ ДОДАТОК ЗА ТРЕТО ДЕТЕ кој го исплатува Министерството за труд и социјална политика, а остварувам и други приходи. Дали надоместокот треба да го прикажам во Годишната даночна пријава?

Примениот надоместок за трето дете, кој го исплатува Министерството за труд и социјална политика, немате обврска да го пријавите во Годишната даночна пријава бидејќи за примањата по основа на помош за социјална заштита не се плаќа персонален данок на доход.

Дали треба да се пријави во Годишната даночна пријава надоместок на штета од сообраќајна несреќа исплатен од осигурителна компанија?

Добиениот надоместок на штета од сообраќајна несреќа исплатен од страна на осигурителна компанија не подлежи на оданочување со персоналниот данок на доход и не треба да го пријавите во Годишната даночна пријава.

Дали добивката од 12 000 денари од НАГРАДНА ИГРА треба да ја пријавам во Годишната даночна пријава?

Секоја добивка остварена од општите игри на среќа во износ поголем од 5 000 денари, имате обврска да ја пријавите во Годишната даночна пријава.

Дали исплатениот надоместокот за регрес за годишен одмор треба да го пријавам во Годишната даночна пријава?

Граѓанинот кој во текот на годината остварува само приход од плата не е должен да поднесува Годишна даночна пријава. Доколку пак покрај приходот од плата сте оствариле и дополнителни примања од работен однос (на пример: регрес за годишен одмор), работодавачот има обврска да пресмета и да плати персонален данок на доход, да ви издаде примерок од пресметката, а вие имате обврска да го пријавите во Годишната даночна пријава.

Во текот на 2016 година, издавав СТАН ПОД КИРИЈА. Приходите ги пријавив во УЈП, поднесов Аконтативна даночна пријава и го платив персоналниот данок. Дали треба да поднесам Годишна даночна пријава и дали тоа значи дека УЈП повторно ќе ми пресмета данок?

Како лице кое остварува приходи од кирија, и за остварениот приход сте поднеле Аконтативна пријава „ПДД-АДП/ПИ“ и сте го платиле персоналниот данок на доход, имате обврска да ги пријавите и во Годишната даночна пријава. За веќе платениот данок по поднесената Аконтативна даночна пријава, УЈП нема повторно да ви утврди обврска за плаќање на персоналниот данок. Не заборавајте, доколку покрај приходот од кирија сте оствариле и други приходи и тие имате обврска да ги прикажете во Годишната даночна пријава.

Фирма во која не сум вработена, ми има платено АВИОНСКИ БИЛЕТ И СМЕСТУВАЊЕ ВО ХОТЕЛ, дали тоа ми се смета како приход и дали треба да поднесам Годишна даночна пријава?

Средствата исплатени за авионски билети и сместувања во хотел за лица кои не се вработени во фирмата, подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход бидејќи се лично примање на физичкото лице. За исплатените приходи, фирмата има обврска да го пресмета и да го плати персоналниот данок на доход, да ви издаде примерок од пресметката, а вие како граѓанин имате обврска да ги пријавите во Годишната даночна пријава.

Работам како волонтер. Дали исплатите на надоместоците за извршените волонтерски работи потребно е да се пријават во Годишната даночна пријава?

Надоместоците на волонтерите исплатени најмногу во висина до 15 % од просечната месечна плата во Републиката исплатена за претходната година, во согласност со Законот за волонтерство, не подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход, и немате обврска да ги пријавите во Годишната даночна пријава.

УЈП: Поднесување годишна даночна пријава и пријавување на приходи

М.В