/ Прочитано:

2.132

Најдобриот овогодишен оратор, Стефанија Темелковска, на свој начин: Јазикот е средство за разбирање меѓу луѓето, а не оружје за издигнување над другите

Стефанија Темелковска ја понесе победата на осумнаесеттото издание на Ораторската вечер „Иво Пухан“ оваа година. Откривајќи ја заднината на своето минатонеделно излагање пред публиката, Темелковска, во интервју за „Академик“ прави рез во реторичката и во дебатната култура во Македонија: македонскиот јазик располага со богата изворна лексика. Наместо беспоговорно прифаќање на интернационализмите во говорот, секој поединец треба свесно да го поедностави своето изразување, со цел да го разберат другите и – еднакво важно – да научи да сослушува, зашто она што е најважно за дебатната култура и што најмногу ни недостига е самокритика.

Ви честитам за победата на овогодишната Ораторска вечер. Во што се огледа важноста на темата што ја избравте за своето излагање?

 Ви благодарам за искрените честитки. Без да звучи излитено, ми беше мило, а ќе ми беше и доволно мојата порака да допре до оние што треба да го чуваат и да истражуваат за македонскиот јазик. Наградата не е важна. Важноста ја согледувам во тоа што овој проблем не е од пред неколку седмици или месеци, туку останува да живее во секојдневната лексика на повеќе разни професии. Се согласувам дека јазикот е жива материја што се менува, но не се согласувам дека по секоја цена треба да навлегуваат нови зборови – кога за нив има соодветна замена во македонскиот јазик. Она што тлее во мене, од денешна гледна точка, неколку дена по ораторската вечер, е покажувањето дека македонскиот јазик не е сиромашен во изборот на зборови, само треба да се допре длабоко во македонската ризница, да се осознае своето и да се прифати како свое.

Како би ја изразиле во една реченица главната порака на својот говор?

Зачувајте го македонскиот јазик!

Грижата за мајчиниот јазик, односно јазичната политика нема високо место во македонското општество. Иако постојат законски уредби, нивното спроведување ниту се контролира, ниту се казнува. Какви новини ни се потребни за да ја зајакнеме употребата на јазичната норма?

Промените почнуваат на лично ниво. Казнувањето во мојот говор го споменав како некоја крајна можност. Почетна точка би требало да биде вработување лектори во медиумите, кои би ја контролирале употребата на македонскиот јазик. Се разбира, неизбежно е и усовршувањето на сите лица што беа засегнати во мојот говор. Потребни се повеќе научни трудови на оваа тема. Во овој момент, би споменала и еден труд што го читав за да го поткрепам својот говор со повеќе аргументи. Трудот што укажуваше за непотребното употребување странски зборови во македонскиот јазик беше преполн со нив. Потребно е осовременување на програмите по македонски јазик и литература, како и истражување на изворот од каде што доаѓаат овие зборови.

Реториката, како и низа други вештини, се учи во текот на целиот живот. Кои грешки од реторички гледен агол најчесто ги забележувате во настапите на нашите јавни личности?

Токму така, учиме додека сме живи, вели една стара вистина. Јавните личности во Република Македонија треба сериозно да работат на изговорот, на правилното акцентирање и на правилното нагласување на зборовите, на правилната дикција, на правилната вербална и невербална комуникација, којашто честопати кажува многу повеќе. Во овој контекст би сакала да ја споменам и етиката во јавното говорење. Македонските јавни личности, барем поголемиот дел од нив, треба да научат дека добриот говорник никогаш не го користи говорот на омраза, никогаш не навредува и никогаш не клевети. Честопати знам да кажам дека е чудно како сите овие работи ги учиме како мали, а магично забораваме на нив кога ќе влетаме во светот на возрасните.

Она што стои во книгите не се пресликува секогаш во практиката; студентка сте во областа на односите со јавноста: можете ли да ни наведете пример за лоши односи со јавноста?

Во својата најкратка дефиниција, односите со јавноста – благодарна сум што не ги нарекувате ПР – означуваат добри дела што се добро претставени. Тоа треба да биде така, а така треба и да остане. Од гледна точка на прашањето, понекогаш најдобро е работите да се дефинираат со негативната дефиниција, т.е. подобро да кажеме што не се отколку што се. Лошите односи со јавноста би се потпирале само на една страна на односите со јавноста или би ги изедначиле односите со јавноста со пропаганда, спин, средување на излог или со повикување на јавна личност на некој настан. Односите со јавноста се многу повеќе. Практичарите на односите со јавноста треба да знаат дека средувањето на надворешноста има краткорочни ефекти, односно надворешната слика нема да донесе многу успех доколку внатрешните односи се ставени на минимум. Односите со јавноста се далеку од пропаганда. Многумина веруваат дека односите со јавноста и пропагандата се изедначени поими затоа што и двете дејности „лажат“. Вистина е дека и двете дејности ги користат масовните медиуми и влијаат на јавното мислење, но суштинската разлика е во тоа што пропагандата се основа на лаги и на полувистини, додека, пак, односите со јавноста ја користат вистинатата бидејќи од неа имаат заемна корист  и компанијата и јавноста што е нејзина цел. Друга суштинска разлика е тоа што пропагандата користи еднонасочна комуникација, додека односите со јавноста во најголема мера се двонасочни.

Прекумерната употреба на интернационализми во секојдневието честопати се восприема како средство за издигнување над другите. Му помага ли поедноставениот јазик на човекот да размислува поструктурирано?

Едно од основните начела на културата на говорот е да го направите своето излагање разбирливо за соговорникот. Во моментот кога се издигнуваме над другиот со непотребни јазични средства, ние не го покажуваме својот интелект, туку својата себичност, арогантноста и непотребната амбиција да се биде над другиот. Убавината во животот е во едноставните нешта. Така е и со јазикот. Нема потреба залудно да лутаме во менталниот речник кога ни се на дофат зборовите од сопствениот јазик.

Жак Рансиер рекол оти срцето на демократијата не е консензусот, ами неговата спротивност: дисензусот. Без ревносно разменување мислења, демократијата трајно се нарушува. На кој начин може да се поттикне развојот на дебатната култура во Македонија?

Дебатната култура во Република Македонија не е на завидно ниво. Се радувам што на Правниот факултет постои Дебатен клуб, каде што членовите ги изучуваат основите на различни дебатни системи, но имаат можност и да дебатираат на разни теми. Дебатната култура не се развива со еднонасочно размислување и без критичка мисла. Најважна од сè е самокритиката. Она на што особено треба да се научиме е – да слушаме. Немаме залудно две уши и една уста – слушањето е двапати поважно од зборувањето.

Речиси сите студиски насоки бараат од студентите да одржат излагање на тема од наставниот материјал. Од друга страна, ретко им се покажува како правилно треба да се изведе тоа. Потребата од специјализирани курсеви или од наставни предмети по реторика била воочена во повеќе наврати, но никогаш не се задоволувала во целост. Каде лежи проблемот?

Позитивната промена е во тоа што веќе не се очекува само од професорот да вложи во наставата, туку и од студентите со своите презентации. Проблемот е во тоа што на студентите им се кажува ШТО треба, но не и КАКО треба. Потребно е вежбање, многу вежбање и само вежбање.

Клубот на оратори е збиралиште на голем број млади што сакаат да ги совладаат вештините на реториката и на јавното говорништво. Како ви помага Клубот да ги постигнете овие цели и каков придонес давате вие?

Го благословувам моментот кога одлучив да се пријавам на минатогодишната обука по јавно говорење и реторички вештини. Неколку месеци подоцна, од учесник станав обучувач. Ме соочувате со мошне емотивно прашање. Клубот на оратори не е само збиралиште на млади луѓе што го сакаат говорништвото, туку е збиралиште чија главна особина се несебичната поддршка и искреното пријателство. Во Клубот на оратори ја градиме приказната за успешното јавно говорење и за реторичките вештини преку разни работилници и преку обуки што ги спроведуваме неколкупати во текот на годината. Мојата главна задача се обуките за вербална комуникација, за дикција и за правилен изговор. 

>> ПОБЕДНИЧКИОТ ГОВОР НА СТЕФАНИЈА ТЕМЕЛКОВСКА НА ОРАТОРСКАТА ВЕЧЕР „ИВО ПУХАН“ 2014: „Јазикот наш насушен“


Разговараше: Далибор Стајиќ

Објавено: 15.12.2014