/ Прочитано:

2.550

НАЈДОБРИОТ СТУДЕНТ НА УКИМ, КОНСТАНТИН БИТРАКОВ, ПРЕД ЗАТВОРЕНИТЕ ВРАТИ НА МОН: „Министре, кога планирате да ги слушнете аргументите и ставовите на илјадниците студенти?“

„Студентите воопшто не стравуваат од проверката на сопствените знаења. Впрочем,  ние сме постојано подложни на проверка и испитувања преку редовните обврски во текот на студиите. Секоја таква дополнителна проверка во рамките на универзитетите би била сосема прифатлива. Она што не е прифатливо, пред сѐ поради автономијата на универзитетите, е испитување од страна на надворешен субјект, во овој случај државата“, вели во интервјуто за Академик, Константин Битраков, студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“, добитник на наградата „26 Јули“ за најдобар студент на УКИМ во учебната 2013/2014“ и активист на Студентскиот пленум.

Како ги коментирате измените и дополнувањата на Законот за високото образование во кои е детално образложен начинот на кој би се спроведувал државниот испит?

Студентскиот пленум е изречно против воведувањето на предложениот државен испит за студентите. Независно од (не)совршеноста на текстот во рамките на предлогот за донесување на Законот, останува констатацијата дека со донесување на ваквите измени и дополнувања би дошло до грубо нарушување на автономијата на универзитетот поради причините коишто неколку пати ги истакна Студентскиот пленум. Иако, поради наведеното, Пленумот одбива да дискутира по предложеното решение, за да одговорам на Вашето прашање, ќе ги изложам моите ставови во поглед на предлогот. Прво нешто што би сакал да истакнам во врска со овие измени и дополнувања е дека станува збор за премногу крупни измени, кои се предвидуваат во еден сеопшт недостиг на дебата и слух за забелешките што беа посочени. Аргументите што беа понудени од страна на Студентскиот пленум, за жал, не беа разгледани, туку независно од нив се премина на донесување на предлогот за измени и дополнувања. Подробната анализа на измените и дополнувањата би довела до генерален заклучок за постоење на цела низа конфузни елементи, како и елементи што, според својата природа, не спаѓаат во рамките на материјата која, според редовниот тек на нештата во светот на правото, би требало да биде регулирана со закон.

Во предложениот член 69-а може да се најде цела низа елементи што неколку пати беа истакнати како несоодветни од претставниците на Пленумот. Прво, се определува дека т.н. државен испит ќе биде спроведуван од страна на Одборот за акредитација и евалуација, меѓутоа она што се поставува како прашање е дали Одборот, онака како што се предвидува да биде уреден во членот 70, ги има капацитетите за спроведување на тој испит, односно дали овие девет члена на Одборот ќе бидат воопшто во можност за спроведување на државен испит на цела низа универзитети и факултети низ земјата. Дополнително, во предлогот за донесување на Законот може да се забележи недостиг на определување на материјата врз основа на која ќе бидат испитувани студентите. Целокупниот член изобилува со ставови со кои се уредуваат бројот на прашања што ќе ги одговараат студентите, начинот на нивното дистрибуирање, начинот на спроведување на надзорот за време на испитот итн. Меѓутоа, она што недостасува е, како што споменав, одредба за материјата врз основа на која ќе бидат испитувани студентите. Недостасуваат и одредби со кои се определува кои лица ќе ги составуваат прашањата и како ќе биде измерена сложеноста на прашањата. Сите овие прашања се оставени на регулирање со подзаконски акт, кој по предлог на Одборот ќе го донесе министерот за образование и наука. Со тоа, законодавецот остава преширок простор за навлегување во уставно гарантираната автономијата на универзитетите од страна на министерот за образование и наука. Дополнително, како што споменав, постојат низа елементи што не се предмет на законско уредување според нивната природа. Тоа се токму оние прашања што се однесуваат на техничките аспекти во врска со спроведувањето на државниот испит. Со тоа доаѓа до обременување на законската материја.

Кои се вашите 5 непобитни аргументи – зошто не треба да се воведе државен испит?

Еден: Државниот испит, како концепт, доведува до загрозување на автономијата на универзитетите, онака како што е уредена автономијата во Уставот на Република Македонија и во меѓународните рамки. Пред сѐ, тоа се должи на фактот што со спроведувањето на ваквото испитување директно би се навлегло во академската слобода што им е гарантирана на универзитетските професори. Во рамките на таа слобода влегуваат правата на професорот, во рамките на усвоената наставна програма, да одлучи: која материја ќе им биде пласирана на студентите, кој ќе биде методот за испитување на знаењата на студентите, кои студенти заслужуваат да продолжат понатаму со сопственото високо образование.

Два: Она што недостасува, како што може да биде утврдено од податоците достапни за јавноста, е пошироко објаснување како би довел до подобрување на квалитетот на високото образование државниот испит. Освен генерални определби и флоскули, до овој момент не беа понудени никакви понатамошни аргументи како би бил постигнат резултатот кој се посакува со овие законски измени.

Три: Како надоврзување на претходната забелешка, следува прашањето дали  е навистина ratio legis на ваквите измени подобрување на квалитетот на високото образование или, пак, е негирање на работата на професорите.

Четири: Покрај наведеното, дополнително прашање е што навистина би предизвикал во практиката овој испит. Со воведувањето и со спроведувањето на ваквата мерка би се довело до состојба во високото образование во која испитувањето од страна на предметниот професор губи од сопственото значење, земајќи предвид дека независно од добиените оценки конечното нешто што ќе ја детерминира академската иднина на студентите е државниот испит. Ценам дека ваквите резултати не соодветствуваат со целта што се поставува зад државниот испит.

Пет: Во крајна линија, она што секогаш треба да се земе предвид при конципирањето на крупни измени е како ќе влијае тоа врз субјектите на кои се однесуваат тие измени. Во овој случај, студентите се доведуваат во една, несомнено, незавидна положба. Во втората и во завршната година од студиите тие би биле подложни на полагање испит на огромен број предмети, кои многу често се однесуваат на материја што е суштински различна. Воедно, се поставува прашањето, дали на ваков начин ќе биде исправно утврдено знаењето на студентот што изучува материја којашто е обемна. Дополнително, постојат области во кои покрај знаењето од универзитетските учебници доаѓа до израз и креативноста на студентот. Академската судбина на еден студент на факултетите за ликовни и драмски уметности или за физичка култура би била непосредно зависна од одговорот на пет прашања.

На што сметате дека се должи падот на квалитетот во високото образование и што треба да се преземе за да се надминат овие негативни состојби?

Ценам дека констатациите во поглед на падот на високото образование во Република Македонија не се потврдени со релевантни податоци, кои би требало да бидат изнесени пред спроведувањето на вакви крупни реформи. Освен тоа, поставеноста на законската регулатива во Република Македонија и решенијата во неа нудат доволно добри механизми за зачувување на квалитетот на образованието. Тука пред сè, би ги истакнал сегашните овластувања на Одборот за акредитација и евалуација, внатрешната самоевалуација и надворешната евалуација на универзитетите. Со употреба на овие механизми би можело да дојде до подобрување на општите состојби во високото образование и до спречување хиперпродукција на неквалитетен кадар, па затоа треба да се работи на нивно подобрување и доследно спроведување во случаите кога ќе се утврди неисполнување на обврските кај некоја високообразовна институција. Наместо тоа, извршната власт се ориентира кон донесување сосема нов механизам за постигнување на истата цел. Основната цел на Студентскиот пленум е активно учество при спроведувањето на реформите во високото образование од кои се непосредно засегнати студентите.

Како одговарате на нападите дека студентите се плашат од проверка на знаењата, или, пак, на забелешките дека на овој начин студентите всушност ја бранат автономијата зад која одредени професори го затскриваат своето неработење, што е повторно на штета на студентите?

Во однос на првиот дел од прашањето, студентите воопшто не стравуваат од проверката на сопствените знаења. Впрочем,  ние сме постојано подложни на проверка и испитувања преку редовните обврски во текот на студиите. Секоја таква дополнителна  проверка во рамките на универзитетите би била сосема прифатлива. Она што не е прифатливо, пред сè поради автономијата на универзитетите, е испитување од страна на надворешен субјект, во овој случај државата. Дополнително, испит составен од 5 прашања апсолутно не доведува до соодветна проверка на нечие знаење од извесна материја.

Во однос на вториот дел од прашањето, автономијата на универзитетите им е гарантирана во членот 46 од Уставот на Република Македонија. Оттаму,  забелешките дека универзитетите се затскриваат зад сопствената автономија во себе не содржат ниту еден аргумент што го оправдува воведувањето на таков државен испит. Автономијата е поставена токму со таква цел, да се оневозможи директно влијание на државата во спроведувањето на академските обврски што произлегуваат од Законот за високо образование.

Евентуалното неизвршување на обврските од страна на професорите не може да биде решено преку воведување државен испит за студентите, туку преку механизмите понудени во законодавството на Република Македонија.

Студентите вчера повторно останаа пред затворените врати на Министерството за образование и наука. Како го коментирате тоа? 

Студентскиот пленум одбива да навлезе во дебата околу деталите за спроведување на државниот испит, тргнувајќи од тоа дека беа изложени доволно аргументи зошто воопшто не би требало да постои таков државен испит. Прашањето упатено до министерот беше кога планира да ги слушне аргументите и ставовите на илјадниците студенти што цврсто застанаа против воведувањето на државен испит.

Кои се следните активности што планирате да ги преземете како Студентски пленум?

 Во рамките на Пленумот во овој момент се одвива процес на координација со цел да се утврдат идните активности. Таа координација се одвива на повеќе нивоа. По изминувањето на овој неопходен процес, ќе бидат донесени конечните одлуки околу идните активности. Меѓутоа, како што беше и кажано од страна на претставниците на Пленумот, организирањето на уште еден марш не е исклучено.


Разговараше: Eлена Павловска

Објавено: 18.12.2014