/ Прочитано:

3.736

Најдоцна до 9 јануари Иванов ќе го довери мандатот за состав на Владата на РМ

Претседателот Иванов изјави дека ќе ги испочитува роковите според Уставот за доверување на мандатот за формирање на Владата. „Јас како претседател сум обврзан според Уставот, по конституирањето на Собранието во рок од десет дена да го дадам мандатот, потоа следува мандатарот кој има дваесет дена да ја состави Владата која треба да добие мнозинство во Парламентот“, истакна Иванов.

Влада на РМ зграда

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во согласност со Уставот на РМ, заклучно со 9 јануари треба да му го довери мандатот за состав на Владата на РМ на кандидатот на партијата, односно на партиите што имаат освоено најголем број пратенички места во Парламентот. Потоа, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, мандатарот е должен да го предложи составот на Владата и треба да му поднесе програма на Собранието.

На предлог на мандатарот, Собранието ја избира Владата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Претседателот Иванов изјави дека ќе ги испочитува роковите според Уставот за доверување на мандатот за формирање на Владата.

„Јас како претседател сум обврзан според Уставот, по конституирањето на Собранието во рок од десет дена да го дадам мандатот, потоа следува мандатарот кој има дваесет дена да ја состави Владата која треба да добие мнозинство во Парламентот“, истакна Иванов.

Инаку, на предвремените парламентарни избори што се одржаа на 11 декември, најмногу пратенички места освои Коалицијата за подобра Македонија, предводена од ВМРО – ДПМНЕ, 51 мандат, потоа Коалицијата за подобар живот во Македонија предводена од СДСМ – 49 мандати, ДУИ освои 10 пратенички места, Беса – 5, Алијанса на Албанците – 3 и ДПА – 2.

А. Б.