/ Прочитано:

1.744

Најголем број на кривичните дела од областа организиран криминал и корупција се однесуваат на криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе

Коалицијата „Сите за правично судење“ ги презентираше резултатите од набљудувањето на предметите од областа на организираниот криминал и корупцијата.

akademik foto 1

Анализираните податоци се однесуваат за период од 9 месеци, во кој беа набљудувани 75 предмети со 224 расправи во Основниот суд Скопје 1 Скопје. Иницијалната идеја на проектот беше да се набљудуваат предмети пред Одделението за организиран криминал и корупција, останати предмети за корупција, како и предмети кои се од значење за јавноста во согласност со тековните состојби во државата.

Според базата на податоци, беа мониторирани 37 предмети пред Одделението за организиран криминал и корупција, 4 предмети од значење за јавноста а кои се однесуваа на протестите од 5 мај 2015 година и од 12 април 2016 година, како и избран примерок од 34 предмети за корупција.

Од генералните податоци во Одделението за организиран криминал и корупција, истакнуваат од Коалицијата „Сите за правично судење“,  може да се утврди дека најголем дел од кривичните дела се однесуваат на делата од областа трговија на луѓе, криумчарење на мигранти и организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице (чл. 418-а, 418-б, 418-в и 418-г од КЗ), односно ова кривично дело самостојно или во корелација со други кривични дела се појавува во 12 случаи.

Второ кривично дело кое најчесто се појавува е неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и други прекурзори и злоупотреба на службена положба и овластување. Останатите кривични дела се злосторничко здружување, фалсификување пари, примање поткуп и фалсификување исправа.

Од останатите коруптивни дела, најголем дел се однесуваат на кривичното дело измама, дури во 20 случаи, потоа неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и други прекурзори и прикривање, а во помал број се делата фалсификување или уништување деловни книги, злоупотреба на службена положба и овластување, фалсификување исправа, даночно затајување и фалсификување службена исправа. Од предметите кои се од интерес за јавноста беа набљудувани „Диво Насеље”, „Пуч”, „Ровер” и предметите кои произлегоа од протестите во мај 2015 и во април 2016 година.

Од Коалицијата „Сите за правично судење“ заклучуваат дека вкупниот број на обвинети лица во 70 мониторирани предмети е 168, додека пак за 5 предмети тој податок не е добиен.

Забележано е дека и оваа година како и претходната, додаваат од Коалицијата, најголемиот број на кривични дела од областа организиран криминал и корупција се однесуваат на криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе.

„Порастот на овие кривични дела во текот на 2015 и 2016 година, наспроти нивната помала застапеност во претходните години, доведува до заклучок дека бегалската и мигрантска криза која директно ја засега Република Македонија, која е клучна транзитна дестинација на бегалците и мигрантите, е искористена од страна на криминалните групи.

Од друга страна, пак, потребно е државата да обезбеди услови за безбедно транзитирање на овие лица, наместо игнорирање на оваа ситуација, и гонење на лицата кои вршат нелегален превоз. Со измените на Законот за азил и привремена заштита, чија цел е да се надмине, односно да се превенира проблемот на илегалната миграција, а од друга страна да му се олесни на потенцијалниот барател на право на азил пристап до органот кој ја води постапката за признавање на право на азил, делумно државата презеде мерки за регулирање на овој феномен, но очигледно потребен е подолг временски период за оваа регулација да ги покаже правните последици преку намалување на бројот на овие судски постапки“, образложуваат од Коалицијата „Сите за правично судење“.

M.В