/ Прочитано:

2.949

Најмногу жалби поради „молчење на администрацијата“ за пристапот до информации од јавен карактер

Од формирањето на Комисијата до денес, најголем број на жалби поднесени до Комисијата се поради „молчење на администрацијата“ што е констатирано и во досегашните годишни извештаи. „Молчењето на администрацијата“ и понатаму е најголема причина поради која барателите поднесуваа жалби, велат од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Изјавени жалби против министерства, комисии, општини, високобразовни институции

Во Република Македонија пристапот до информациите од јавен карактер е уставно загарантирано право, право преточено во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Сепак, од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер велат дека законот не се спроведува во целост.Од формирањето на Комисијата до денес, најголем број на жалби поднесени до Комисијата се поради „молчење на администрацијата“. Комисијата констатира дека најголем број од поднесените жалби се изјавени против: општини, подрачни единици на Агенцијата за катастар на недвижности, Државната комисија за спречување на корупцијата, високо образовни институции, Регулаторната комисија за енергетика, Министерството за финансии, Министерството за здравство, јавни здравствени установи низ цела територија на Република Македонија, казнено поправни установи и други.

Како најчести причини во поднесените жалби до Комисијата се наведуваат: недозволен или нецелосен увид во документи, молчење на имателот на информации, односно добивање парцијален или несоодветен одговор по поднесено барање, непочитување на законските рокови за одговор на поднесени барања и слично.

Законот не се спроведува во целост

„Имателите се уште не го спроведуваат законот во целост. Дека се работи за неспроведување на Законот од страна на имателите на информации од јавен карактер, односно за нивно непостапување по барањата согласно роковите предвидени во Законот, зборува и фактот дека по поднесувањето на Жалбите имателите ја доставуваат бараната информација до барателот, по што Комисијата донесува Заклучоци за запирање на постапките по жалбите поради доставување на бараната информација (но после рокот предвиден во Законот) или поради повлекување на жалбата. Комисијата како независен државен орган, нема искуство во врска со применувањето на прекршочните одредби бидејќи, нема право да врши 14 надзор над спроведувањето на одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и да води прекршочна постапка, како што е тоа случај со другите регулаторни тела во државата“, објаснуваат од Комисијата.

Во членот 45-б од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер донесен 2010 година, е прецизирано дека “за прекршоците утврдени со овој закон прекршочната постапка ја води и прекршочни санкции изрекува надлежниот суд“.

Предлог за директно изрекување на прекршочните санкции

Од Комисијата посочуваат дека уште од почетокот на примената на Законот истакнале дека директното изрекување на прекршочните санкции од страна на Комисијата ќе доведе до поефикасно водење на прекршочната постапка, а со тоа и зголемување на ефикасноста на спроведувањето на одредбите на Законот.

„Во досегашниот период Комисијата настојуваше со обуки и секојдневни јавувања и укажувања да ја наметне потребата имателите сами да увидат дека давањето на информации од јавен карактер во законски предвидениот рок е нивна законска обврска која се должни да ја спроведуваат. По добиените информации после законски предвидениот рок и поднесување на жалба, барателите ја информираат Комисијата дека ги добиле информациите, но откако Комисијата посредувала кај имателите на информациите“, посочуваат од Комисијата.

Честа промена на службените лица

Комисијата уште пред неколку години до Министерството за правда доставила Мислење во кое биле дадени предлози за измени и дополнувања на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

„Законот претрпе измени во 2014 година, но тие се однесуваат на условите кои треба да ги исполнуваат претседателот, заменикот и членовите на Комисијата. Продолжува досегашната пракса имателите на информации (службените лица) и покрај присуството на обуките спроведени од страна на Комисијата, при обидите да го спроведат „тестот на штетност“, да се повикуваат само на одредбите на Законот, без да ги образложат реалните мерливи штетни последици, што всушност е суштина на тестот на штетност. Една од причините поради кои има потешкотии при примената на Законот која континуирано продолжува е и честата промена на службените лица кај имателите на информации. Новоназначените службени лица ја контактираат Комисијата и бараат помош при спроведувањето на Законот. Од наведените причини Комисијата и понатаму континуирано ќе спроведува обуки за овие лица“, велат од Комисијата.

Недоразбирања во однос на наплатувањето на трошоците

Од Комисијата додаваат дека понекогаш се појавувале недоразбирања и во однос на наплатувањето на трошоците од страна на имателите за дадена информација.

„Ова особено се јавува кај оние иматели кај кои постои законски утврден Тарифник со кој е регулиран надоместокот на материјалните трошоци за дадената информација, согласно тарифникот. Во врска со овие 15 недоразбирања Комисијата укажува дека кога постои законски утврден Тарифник со кој е регулиран надоместокот на материјалните трошоци за дадената информација, имателот на информацијата овозможува пристап до бараната информација и ги наплаќа материјалните трошоци, согласно Тарифникот. Во овие случаи не се применува Одлуката за надоместок на материјалните трошоци, донесена од Владата на Република Македонија“, образложуваат од Комисијата Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

М.В

22.7.2015