/ Прочитано:

2.159

НАМАЛЕНИ КАЗНИ ЗА МОБИНГОТ: Апсурдни законски измени и одврзани раце на вознемирувачите – адвокат Маја Ристова

Предложени се нови измени на Законот за заштита од  вознемирување на работно место, со кои се намалуваат казните за вршителите на вознемирувањето на работното место. Ваквите решенија се директен атак врз работничките права, доведени до ниво на апсурд, вели адвокатката Маја Ристова, долгогодишен истражувач на прашањето за мобингот што е и нејзина потесна специјалност.

Според законското образложение на измените на Законот за заштита од  вознемирување на работно место, измените во самиот закон се во функција на ефективно спроведување на прекршочната постапка, било пред прекршочните органи или пред судовите, како и олеснување и поедноставување на постапката.

„Измените се со цел креирање на еден системски пристап кон оваа област од Закон за прекршоците произлезе обврска за органите на државната управа и другите организации и институции за усогласување на материјалните закони со Законот за прекршоците. Наведените причини ја наметнаа потребата од донесување на овој закон“, се посочува во законските измени, во кои се предвидени значителни намалувања на глобите за потенцијалните вршители на вознемирувањето на работното место.

Единствениот закон кој до извесно ниво ги охрабруваше работниците  да иницираат постапка 

Активистите за заштита на работничките права велат дека ваквиот „домино-ефект“ на законски измени во функција на усогласување со одредбите од новиот Закон за прекршоците се одразува негативно врз смислата на казнената политика кај одредени законски решенија, а особено во Законот  за заштита од  вознемирување на работно место, со кои се намалуваат казните за вршителите на вознемирувањето на работното место.

Адвокатката Маја Ристова, која подолг период работи на оваа проблематика, вели дека Законот за заштита од вознемирување на работното место (мобинг) е релативно нов закон, кој до извесно ниво ги штител и ги охрабрувал работниците да иницираат постапка за заштита од вознемирување на работното место

„Законот за заштита од вознемирување на работното место (мобинг) е релативно нов закон, донесен во мај 2013 година, и е единствениот закон кој до извесно ниво ги штитеше и ги охрабруваше работниците да иницираат постапка за заштита од вознемирување на работното место. Од друга страна, пак, тој предвидуваше и високи казни за вршителите на вознемирувањето на работното место“, истакнува Ристова.

Адвокатката Ристова вели дека усвојувањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита од вознемирување на работното место би бил и е директен атак врз работничките права.

Директен атак врз работничките права

„Усвојувањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита од вознемирување на работното место, би бил и е директен атак врз работничките права, нешто што негативно ќе се рефлектира врз вознемируваните работниците и сите останати кои се потенцијални жртви на вознемирување на работното место, а истовремено оваа казнена политика на вознемирувачите и работодавачите ќе им ги одврзе рацете за исполнување на своите негативни цели спрема работниците“.

Ристова додава дека проблематично во самото решение е што тоа е парцијално, само во делот на висината на казните за вршителите на мобинг.

„Освен тоа, изменувањето и дополнувањето на предметниот закон, само во делот на висината на казните за вршителите на мобинг (кое најчесто е од страна на работодавачите), значи нееднаков и несразмерен пристап кон работниците, поради тоа што одговорностите на работодавачите остануваат исти, а казните за нивното однесување се намалуваат, додека пак во корист на работниците немаме промена“, образложува адвокатската, нагласувајќи дека ваквото решение е апсурдно.

„Поради тоа, намалувањето на казните за оние што вознемируваат на работното место е апсурдно и погрешно, кое единствено може да ни донесе уште полоша и понездрава работна средина, а со тоа и незадоволни и непродуктивни работници. Наместо да се стремиме кон зацврстување и зголемување на работничките права, кон донесување и изрекување на прва правосилна пресуда за вознемирување на работното место во корист на жртвата, ние продолжуваме со децениски уназадувања на правата на македонските работници низ законите“, нагласува адвокатката Маја Ристова.

M.В / veljanoskim@akademik.mk

21.8.2015