/ Прочитано:

2.761

Намалување на трошоците за нотар – предлог во изменетата Нотарска тарифа

Петок, 25 јули 2014 – Министерството за правда најавува дека е изготвена Нотарска тарифа за изменување и дополнување на Нотарската тарифа и повикуваат на сите засегнати страни да се вклучат во јавната расправа.

„Со Нотарската тарифа за изменување и дополнување на нотарската тарифа ќе се намали наградата на нотарите за составување на нотарски акти или солемнизација на приватни исправи за купопродажба на имот, со што ќе се намалат трошоците на граѓаните или правните лица во постапката пред нотар. Министерството за правда ги известува сите засегнати страни да се вклучат во јавната расправа“, велат од Министерството за правда.

Од Нотарската комора на Македонија за Академик изјавуваат дека Комората веќе го доставила мислењето до Министерството за правда и очекуваат дека нивните мислења ќе бидат прифатени, а како прилог во јавната расправа, исто така, очекуваат дека ќе се вклучат и сите засегнати страни.

Прилог – Нотарска тарифа за изменување и дополнување на Нотарската тарифа:

Врз основа на член 137-а од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/07, 86/08, 139/09 и 135/11), министерот за правда донесе:

 

НОТАРСКА ТАРИФА

ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА НОТАРСКАТА ТАРИФА

Член 1

Во Нотарската тарифа (,,Службен весник на Република Македонија“ бр.108/12), во член 11 по ставот (7) се додава нов став (8) кој гласи:

,, (8) За подготовка и составување на нотарски акти за купопродажба на подвижен или недвижен имот, нотарот има право на награда утврдена согласно ставовите (1), (2), (3) и (4) од овој член, а за вредност на предметот на службеното дејствие и тоа:

– во износ од 9.000.001,00 денари до износ од 20.000.000,00 денари, нотарот има право на награда од 15.000,00 денари,

– во износ од 20.000.001,00 денари до износ од 60.000.000,00 денари, нотарот има право на награда од 20.000,00 денари и

– ако вредноста на предметот на службеното дејствие го надминува износот од 60.000.000,00 денари, нотарот има право на награда од 30.000,00 денари.”

Во ставот (8) кој станува став (9), по бројот (6) се става запирка, а зборовите “и (7)” се заменуваат со зборовите  “(7) и (8)”.

Член 2

Оваа тарифа влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се објави по добивањето на согласност од Владата на Република Македонија.

(М.В)