/ Прочитано:

923

НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ: Граѓаните најмногу се жалат на правосудството

Понеделник, 24 ноември 2014 – Најголем дел од претставките на граѓаните доставни до институцијата Народен правобранител се однесуваат на неправилности и забелешки во областа на правосудството и тоа од најразличен вид, потоа прашања од имотно-правните односи, правата на работниците, работата на полицијата, условите во казнено-поправните институции, истакна Народниот правобранител, Иџет Мемети, во рамки на дводневната конференција посветена на правата на граѓаните во постапките на извршување и избирачкото право што се одржува во Охрид.

„Македонија воспостави нов систем на извршување и секогаш при такви радикални промени се јавуваат проблеми во пракса, така што и извршувањето на почеток им создаваше големи проблеми на граѓаните, било од формален, било од аспект на нецелосно спроведување на одредбите од Законот“, изјави Мемети, притоа како пример посочувајќи ги случаите да се реализираат извршни решенија за наплата кај лица кои се приматели на социјална помош, што е спротивно на Законот.

Мемети додаде дека иако дел од проблемите се надминати, граѓаните и натаму се соочуваат со проблеми, како случаите кога банките при спроведување извршни решенија зафаќаат повеќе од третина од вкупните приходи на граѓаните, што исто така е спротивно на легислативата.

По однос втората тема на состанокот во Охрид, народниот правобранител посочи дека во избирачкото право недостасува брзината во реализирањето на правото на граѓаните како бирачи.

„Избирачкото право условува ажурност, така што заштитата што ја дава народниот правобранител во оваа сфера засега се сведува само на наоѓање на граѓаните на избирачките списоци, односно само да ги информира, истакна Мемети.

За народниот правобранител средбите како оваа во Охрид се можност да се разменат мислења, да се укаже на слабостите во легислативата и да се понудат решенија за нивно надминување.

Марк Ласер од Амбасадата на САД ги поздрави реформите што се спроведуваат во земјата во насока на подобрување на кривично-правниот систем и правосудниот систем во целина, како и чекорите од аспект на реформите на казнената политика.

„Се разбира има уште области каде може да се работи на подобрувања, особено ја охрабруваме власта да издвои повеќе средства за финансирање на правосудниот систем во целина, како и за активности што ќе придонесат за поголема информираност на граѓаните за нивните права“, истакна Ласер, додавајќи дека ќе продолжи поддршката што ја дава американската Влада за континуирана обука на сите субјекти од правосудниот систем, се во насока на подобрување на заштитата на правата на граѓаните.

На дводневната работна средба во Охрид што ја организира Народниот правобранител со поддршка на Американската амбасада, учествуваат претставници на Комората на извршители во РМ, на Апелацискиот суд во Битола и Основниот суд во Струга, министерствата за правда, за внатрешни работи, како и претставници на ДИК.