/ Прочитано:

923

Народен правобранител: Отворивме предмет за штипските професори – како го искажуваат своето незадоволство тоа е нивно право!

Понеделник, 14 јули 2014 – Народниот правобранител отвори предмет за тројцата штипски професори кои веќе неколку дена штрајкуваат со глад на Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“. Тој во изјава за Академик укажува на тоа дека изразувањето на незадоволството на професорите е нивно право и дека наскоро според сознанијата во постапката ќе биде детализиран ставот и заклучоците за конкретниот случај.

Народен правобранител: Отворен е предмет за тројцата професори, нивниот штрајк е нивно право

Народниот правобранител Иџет Мемети вели дека постапката е веќе отворена, а во однос на начинот како тројцата професори ќе го искажат своето незадоволство потенцира дека тоа е нивно право.

„Како ќе го искажат своето незадоволство тоа е нивно право. Ние добивме од нив и барање за заштита на нивните права и веќе водиме постапка по тоа прашање. Се обративме до Државниот просветен инспекторат и Деканатот на Универзитетот и во овој момент сме во фаза кога ги собираме сите информации за случајот за да можеме да го засноваме својот конечен став. Би сакал да напоменам дека во однос на оспорувањето на начинот на кој го искажуваат своето незадоволство, тие го имаат тоа право“, вели народниот правобранител Иџет Мемети.

Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) денеска најави дека ако не се исполнат барањата на тројцата професори од штипскиот универзитет и тие ќе се приклучат кон штрајкот со глад и дека ги поддржуваат тројцата професори од Економскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип кои почнаа штрајк со глад незадоволни од одлуките на деканот на Економскиот факултет за отказ од работа.

СОНК: Грубо кршење на член 38 од Уставот на Република Македонија

„Претседателството на СОНК констатира дека е направено грубо кршење на член 38 од Уставот на Република Македонија, со кој се гарантира правото на штрајк, од страна на одговорни органи на Економскиот факултет и на Универзитетот,, Гоце Делчев,, – Штип, со (грубо) отстранување на тројцата професори од просториите на Економскиот факултет во Штип на 11-07-2014 година. Исто така,направени се груби прекршувања на повеќе членови од Законот за работни односи, во делот на синдикалното организирање и слободата на синдикална активност“, стои во заклучоците.

Претседателството на СОНК констатира дека државните органи, особено Државната просветна инспекција и Државната трудова инспекција, покажаа неприфатлив инертен однос во врска со нивните надлежности со споменатиот случај и покрај навременото писмено известување и од страна на раководството на СОНК. Претседателството на СОНК констатира дека потесното раководство на СОНК навреме и целосно ги презело сите активности, согласно законите и Статутот на СОНК, со навремено известување на надлежните државни органи, како и со обезбедувањето на просториите на Регионалниот одбор на СОНК за користење од страна на тројцата универзитетски професори кои се во штрајк со глад, а по нивното грубо отстранување од просториите на Економскиот факултет, каде што имаат уставно и законско право да го изведуваат штрајкот“, се вели во соопштението од СОНК.

Претходно и дел од академската јавност и колеги на тројцата професри бурно реагираа и ја осудија постапката за отказ заради, како што рекоа, „карактерните несогласувања“.

Реакции од академската јавност

„Во овој случај е дадена позитивна рецензија од тројца професори на чело со деканот, кој ставил потпис по што трудовите се објавуваат во Билтенот, како што предвидува постапката. Ако рецезентската комисија оценила дека квалитативните услови се исполнети тогаш се поставува прашањето врз основа на кои критериуми наставничкиот совет ги одби професорите. Во овие неколку денови имаше коментари дека станува збор за некои карактерни несогласувања меѓу професорите и раководството. Ако тоа е причината, тогаш станува збор за апсурд. Клучното прашање е дали професорите стручно одговориле и ги задоволиле критериумите што се бараат, ако е тоа така тогаш наставничкиот совет со одбивањето постапил неосновано“, беше дел од нивната реакција.

И апсолвентите на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип со  упатија писмо со поддршка до тројцата професори кои штрајкуваат со глад затоа што се бесправно отпуштени. Во писмото со наслов „Не ни ги земајте професорите“, студентите велат дека директно се засегнати за расплетот на случувањата во врска со прекинувањето на работниот однос на тројцата професори – Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска, Александар Костадиновски, кои во текот на нивното студирање се покажале како едни од најдобрите професори на Факултетот.

М.В/ veljanoskim@akademik.mk