/ Прочитано:

1.448

НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ: Гумените куршуми да се избришат од Законот за полиција

Четврток, 3 декември 2015 – Народниот правобранител до Министерството за внатрешни работи достави Мислење по Предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за полиција. Во Мислењето, Народниот правобранител го истакнува својот став дека за позитивно го смета ограничувањето на примената на средствата за присилба предвидени со членот 90-а, како и допрецизирањето на тоа што се смета за хемиско средство. Исто така, во однос на употребата на гумените куршуми Народниот правобранител смета дека одредбата со која се предвидува употреба на овој вид на средства треба да се избрише, а дека согласно препораките во Годишниот извештај на народниот правобранител потребно е да се предвиди обука за вработените во министерството за внатрешни работи за пружање на медицинска помош на лицата вр з кои се применуваат средствата за присилба.

Според Народниот правобранител овие измени во Законот за полиција се во спротивност со меѓународните стандарди воспоставени од Комитетот за спречување тортура при Советот на Европа, особено во врска со воведувањето на дополнителните средства за присилба, односно „Електричен парализатор“ и „Гумени куршуми“.

Европските стандарди не дозволуваат овие мерки за присилба да се применуваат кон група во толпа

„Имено, постојниот Закон за полиција не ја регулира постапката, како и во кои ситуации може да се користат овие средства за присилба, односно недостигаат јасни правила за нивна употреба, а од друга страна сметаме дека воведувањето на широки овластувања при нивното користење треба да биде придружено со соодветна заштита на човековите права, односно истите да бидат јасно утврдени во законот и оперативните процедури, со соодветна обука за нивна употреба. Исто така, потребно е јасно да се утврди постапката околу бројот, траењето и интензитетот на електричното празнење, кое треба да биде ограничено на безбедно ниво, во спротивно би можело да дојде до злоупотреба на средствата за присилба. Во контекст на изнесеното, во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за 2014 година, Народниот правобранител укажа дека европските стандарди не дозволуваат овие мерки за присилба да се применуваат кон група во толпа, туку само кон поединци. Воедно, според Комитетот за превенција од тортура, користењето на вакви средства само заради придржување на редот се смета за неприфатливо“, вели Народниот правобранител.

Народниот правобранител и минатата година реагираше во јавноста, а и со Укажување во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за 2014 година, во врска со новите средства за присилба на полицијата за воспоставување на јавниот ред и мир, воведени со изменувањето и дополнувањето на Законот за полиција, кои измени беа донесени без консултирање на Институцијата.

Народниот правобранител потсетува дека и во Извештајот на Европската комисија за Република Македонија 2015, Поглавје 24: Правда, слобода и безбедност дадени се забелешки во врска со измените и дополнувањата на Законот за полиција, во делот за употребата на средствата за присилба, повикувајќи се на укажувањeтo дадено од страна на Народниот правобранител по однос на овие новини во законот, односно потребата од утврдување на јасни правила за употреба на таквите мерки во соодветното законодавство.

Употребата на средствата за присилба да биде безбедна и да спречат евентуални сериозни повреди по здравјето и животот на лицата

„Ја поздравуваме одлуката на Министерството за внатрешни работи за пристапување кон изменување и дополнување на Законот за полиција во делот на средствата за присилба, како и доставувањето на Предлогот на законот на мислење до Народниот правобранител, при што Ве известуваме следното: Во однос на користењето на средствата за присилба, Народниот правобранител констатира дека со дополнителните ставови во член 88 во врска со употребата на хемиски средства, се допрецизира што се смета под хемиски средства, односно кога не се употребуваат овие средства. За поздравување се и ограничувањата на примената на средствата за присилба предвидени во членот 90-а, со кој се забранува употребата на средствата за присилба кон деца, очигледно болни, стари и изнемоштени лица, лица со тежок инвалидитет и жени со видлива бременост, но смета дека треба да се изостават (бришат) од текстот на членот исклучоците што се наведуваат во истиот член (текстот после зборот „освен.). Во однос на член 91 од Предлог на Законот Народниот правобранител констатира дека наместо „електричен парализатор“ и ,,гумен куршум“ се воведува „Гумени проектили, а во член 91-а, став 2 се наведува дека гумените проектили се употребуваат за привремено онеспособување на лица од толпа кои активно го нарушуваат јавниот ред и мир. Народниот правобранител смета дека употребата на овој вид средства за присилба треба да се избрише во Предлог на Законот. Притоа, уште еднаш укажуваме на меѓународните стандарди во врска со употребата на средства за присилба од ваков вид. Исто така, со Предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за полиција не е предвидена медицинска помош за лицата врз кои се применуваат средствата за присилба, како и обука на вработените во Министерството за внатрешни за укажување на прва помош работи, со цел употребата на средствата за присилба да биде безбедна и да спречат евентуални сериозни повреди по здравјето и животот на лицата, согласно укажувањата на Народниот правобранител изнесени во Годишниот извештај“, истакнува Народниот правобранител.

Полициската палка добива законско засилување: Гумени куршуми за обезбедување јавен ред и мир

М.В