/ Прочитано:

1.057

Народниот правобранител ќе ги промовира човековите права преку јавниот радиодифузен сервис

Петок, 2 јануари 2015 – Нови измени и дополнувања на Законот за Народен правобранител се наоѓаат во собраниска процедура. Со предложените измени се врши усогласување на законот со Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура и друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување кој е ратификуван од страна на РМ на 30.12.2008 година, се наведува во Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Народниот правобранител.

Целите кои треба да се постигнат со предлогот, како што наведува предлагачот Министерството за правда, се исполнување на Париските принципи за Национална институција на човекови права, воведување на промоцијата на човековите права како дел од мандатот на институцијата Народен правобранител, плурализам и независност во функционирањето, потоа усогласување на законот со Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура и друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување во делот на утврдувањето на превенцијата како овластување,и исполнување на обврските кои произлегуваат од Факултативниот протокол со кој се бара функционална и оперативна независност на Националниот превентивен механизам.

„Со предлог законот за изменување и дополнување на законот за Народен правобранител се врши усогласување на законот со Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура и друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување кој е ратификуван од страна на РМ на 30.12.2008 година. Со законот за ратификација на Факултативниот протокол, Република Македонија даде изјава дека Народниот правобранител е назначен да дејствува како Национален превентивен механизам, а во соработка и со претходна согласност на Народниот правобранител и невладини организации и организации кои имаат статус на хуманитарни организации во Република Македонија можат да преземат некои од надлежностите на НПМ. Со Законот за изменување и дополнување на Законот за Народен правобранител  кој се донесе во 2009 година , во членот 45 се додаде нов став 2 кој гласи „Народниот правобранител формира посебни одделенија за заштита на правата на децата и лицата со посебни потреби, одделение за заштита на граѓаните од дискриминација и тортура и друг вид на свирепо, нечовечно или понижувачко постапување или казнување, како и одделение за правична и соодветна застапеност на граѓаните“. Со вака поставената законска одредба се создаде неусогласеност со Факултативниот протокол кој предвидува воспставување на механизам за превенција на тортурата на домашно ниво. Во таа насока со предложените измени на овој Закон за изменување и дополнување на Законот за Народниот правобранител се врши усогласување со меѓународно ратификуваниот документ за формирање на посебно одделение за превенција од тортура“, се образложува во Предлог-законот.

Како што велат од Министерството за правда, Народниот правобранител во октомври 2011 година по поднесено барање за акредитација до Меѓународниот координативен комитет за Национална институција за човекови права доби статус Б.

„Со оваа акредитација институцијата се здоби со право да делува како национална институција за човекови права и да учествува на состаноците на другите институции,  без право на глас.  Согласно статусот се утврди дека институцијата делумно ги исполнува критериумите за Национална институција со статус А. Во својата евалуација, Поткомитетот за акредитација утврди дека институцијата НП на Република Македонија има широк мандат за заштита, но не и мандат за промоција на човековите права. Иако го пофали НП за своите активности во промоцијата на човековите права, Поткомитетот побара да се овозможи поширок мандат кој ќе ја вклучи и промоцијата во себе“, посочуваат од министерството, дополнувајќи дека со измените и дополнувањата кои се предлагаат во законот ќе се прошири мандатот на Народниот правобранител со вклучување на промоцијата на човекови права во правната рамка, односно во законот за Народен правобранител.

На таков начин, сметаат од Министерството за правда, ќе се утврди дека Народниот правобранител ги промовира и ги штити уставните и законските права на граѓаните и на тој начин ќе се исполнат предусловите предвидени со Париските принципи.

Член 2 од Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за Народен правобранител:

„По став (1) се додава нов став (2) кој гласи: “Со цел промовирање на човековите права и слободи Народниот правобранител ја следи состојбата на почитување на човековите права и укажува на потребата од нивна заштита, спроведува соодветни истражувања, организира едукативни активности, навремено и редовно ја информира јавноста, соработува со граѓанскиот сектор, меѓународните организации и академската јавност, како и дава иницијативи за усогласување на правната регулатива со меѓународните и регионалните стандарди за човековите права.“

По став 2 се додава нов став (3) кој гласи: Промоцијата на човековите права може да се спроведува преку јавниот радиодифузен сервис кој е должен при производството и обезбедувањето на радио и телевизиски програми да придонесува за почитување и промоција на основните човекови права и слободи, како и преку едукативно-промотивни настани со цел јакнење на свеста кај граѓаните и вработените во органите на државната управа.“

„Покрај потребата од вклучување на промоцијата во правната рамка со која се утврдува мандатот на Народниот правобранител, од страна на Поткомитетот беше побарано и воведување на плуралистички пристап во изборот на раководните функции во институцијата, особено во делот на изборот на заменици на Народниот правобранител. Во таа насока е дадена препорака за активно лобирање на институцијата за овозможување на јавен избор, зголемување на бројот на потенцијални кандидати со вклучување на поширок круг на социјални групи, сеопфатна консултација и овозможување на плурализам во составот на вработените. Воедно во доставените препораки се посочува за потребата од промовирање на независноста и јавната доверба на институцијата. Од страна на Поткомитетот е дадена забелешка дека позицијата Народен правобранител не е јавно објавена, па во таа насока со прифаќањето на препораките, во предлогот се утврдува распишување јавен оглас за Народниот правобранител и неговите заменици. Со предложениот закон, независноста на институција која е потенцирана во евалуацијата на Поткомитетот за акредитација ќе се оствари преку изменувањето на одредбите за критериумите за разрешување и зацврстување на самата позиција на раководните функции во институцијата кој ги избира Собранието на РМ каде ќе се разграничи престанокот на функцијата по сила на закон и разрешувањето. Со цел исполнување на Париските принципи меѓу другото потребно е да се обезбедат средства за реализација на мандатот на Националниот превентивен механизам, како и да се зајакне соработката со Меѓународниот систем за човекови права“, се наведува во законското образложение.

Според предлагачот, Поткомитетот за акредитација укажал на исполнување на обврските кои произлегуваат од член 18 на Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура, со кој се бара функционална и оперативна независност на Националниот превентивен механизам,  како и обезбедување на потребните ресурси за функционирање на НПМ.

„Во таа насока со одредбите на Законот за изменување и дополнување на Законот за Народен правобранител , во делот на средствата за работа ќе се издвојат средствата за функционирање на Националниот превентивен механизам преку утврдување на посебна буџетска програма. Со предложените измени се пропишува и соработката со Меѓународниот систем за човекови права преку активно поттикнување, оддржување, комуникација и известување за состојбите во полето на човековите права“, појаснуваат од Министерството за правда.

>>>Предлог -закон за изменување и дополнување на Законот за Народен правобранител 

М.В