/ Прочитано:

1.544

Народниот правобранител не е задоволен од правичната застапеност во јавните обвинителства

Среда, 15 април 2015 – Народниот правобранител секоја година врши следење на спроведувањето на начелото на соодветната и правичната застапеност преку прибирање податоци од органите спрема кои постапува надлежно. Од овогодишната анализа на податоците вкалкулирани во Извештајот за примената на начелото на соодветната и правична застапеност, Народниот правобранител констатира дека имало појава на неквалитетна примена на начелото на соодветна и правична застапеност.Посебно била незадоволителна состојбата во јавните обвинителства.

Извештајот дополнет со уште една категорија вработени  – избрани или именувани лица

„Оваа година Народниот правобранител со претходно подготвени табели, кои за разлика од претходните години беа дополнети со уште една категорија вработени (избрани или именувани лица), се обрати до органите на државната управа, самостојните органи и организации, единиците на локалната самоуправа, здравствените, културните и образовните институции, судовите и обвинителствата и до други установи и служби спрема кои надлежно постапува“, велат од Канцеларијата на Народниот правобранител.

Некои институции не доставиле податоци

Народниот правобранител доставил писмени барања со подготвени табели за пополнување до 1.077 институции од кои 1.062 доставиле податоци.

 „15 институции и покрај писмените барања и телефонски контакти, како и ургенции и информација доставена до Владата на Република Македонија, не доставија одговори. Па така, не се добиени податоци од Министерството за здравство, Клиниката за дигестивна хирургија, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и од неколку образовни и културни установи. Со недоставувањето на податоците овие институции ја попречија работата на Народниот правобранител. За институциите кои не одговорија на барањата на Народниот правобранител внесени се податоци од претходната година“, се посочува во Извештајот на Народниот правобранител.

Народниот правобранител не е задоволен од правичната застапеност во Јавното обвинителство

Народниот правобранител смета дека имплементацијата на начелото на правична застапеност не е задоволителна во јавните обвинителства, а на општ план вели дека и покрај тоа што имало квантитативен пораст на вработувањата, тоа било, како што се посочува во Извештајот – привиден напредок.

„Народниот правобранител анализирајќи ги податоците констатира дека постои благ квантитативен, односно привиден напредок во имплементацијата на начелото на соодветна и правична застапеност. Меѓутоа констатација е дека привидниот напредок не е и квалитативен и реален, а воедно се констатира дека голем број институции го немаат постигнато ниту задоволителното ниво на примена на начелото. Исто така, како и претходните години, присутна е констатацијата дека кај јавните обвинителства, казнено поправните установи, и кај јавното здравство имплементацијата сè уште е незадоволителна, а кај некои степенот на примената на начелото на соодветна и правична застапеност е низок. Ваквата констатација е присутна како во однос на вкупниот број вработени, така и во однос на вработените кои го сочинуваат нераководниот кадар во институцијата, а особено припадниците на помалобројните заедници. Од анализата на податоците Народниот правобранител со загриженост констатира дека со години наназад има појава на неквалитетна примена на начелото на соодветна и правична застапеност“, стои во Извештајот за примената на начелото за правична застапеност.

Критики кон Генералниот секретаријат

Според Народниот правобранител, во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор од вкупно 1.766 вработени, 1.482 се припадници на албанската заедница, 138 се Турци, 85 се Роми, 10 Срби, 5 Власи, 19 Бошњаци, а останатите се Македонци.

„Од друга страна, во Генералниот секретаријат од вкупно 449 вработени, 12 се припадници на албанската задница, 100 се Турци, 71 Ром, 27 Срби, 16 Бошњаци, 9 Власи, а останатите се Македонци, појава која Народниот правобранител ја критикува“, забележува Народниот правобранител.

Незадоволство и за раководниот кадар

Народниот правобранител вели дека во институциите недоволно е применето начелото на соодветна и правична застапеност и кај раководниот кадар.

„Во одделни институции недоволно е применето начелото на соодветна и правична застапеност, особено е карактеристична кога се анализираат податоците за застапеноста на припадниците на заедниците кај раководниот кадар, но и застапеноста на припадниците на помалобројните заедници, како на ниво на вкупно вработени, така и на вработени на раководни работни места“, заклучува Народниот правобранител, давајќи препорака институциите да преземат конкретни мерки кои ќе ги следи со засилен надзор и со директни посети во институциите.

ИЗВЕШТАЈ ЗА СЛЕДЕЊЕТО НА ПРИМЕНАТА НА НАЧЕЛОТО НА СООДВЕТНА И ПРАВИЧНА ЗАСТАПЕНОСТ ЗА 2014 ГОДИНА

М.В