/Прочитано:

235

НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ: Ниско ниво на еколошка светст и намален број на преставки за правото на здрава животна средина

Денеска во просториите на Народниот правобранител, прес- конференција одржа заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска- Мустафа која говореше за правото на здрава животна средина. Правото на чиста и здрава животна средина е фундаментално граѓанско право чие целосно и доследно почитување претставува услов за подобро здравје, поквалитетен и подолг живот на граѓаните.

Посочувајќи на податоците од добиените претставки до Народниот правобранител, заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа истакна дека бројот на поднесени претставки во однос на заштитата на правото на здрава животна средина е намален. Според податоците на кои укажа Бајрамовска,  во 2012 година биле поднесени 35 претставки, додека, пак, во 2016 година само 15. И од овие претставки, истакна правобранителката, најмногу се однесуваат на проблемот со бучавата.

Инаку, во извештајот на Народниот правобранител, во однос на правото на здрава животна средина, се констатира дека особено загрижува инертноста на надлежните органи и поединци, како на централната така и на локалната власт, поради непреземање на конкретни мерки за намалување на загаденоста на воздухот.

„Со ваквиот однос се покажува голема негрижа за здравјето на граѓаните, на кои им се повредува уставно загарантираното право за живот во здрава животна средина. Како последица на оваа недоволна грижа, нашите поголеми урбани центри се меѓу најзагадените во Европа“, се истакнува во извештајот.

Властите на штета на животната средина, констатира Народниот правобранител, предолго ги толерираат големите индустриски капацитети за имплементација на еколошките стандарди, со тоа што им овозможуваат да работат без да вградат соодветни филтри.

Граѓаните на штета на своето здравје ги плаќаат несоработката и префрлувањето на надлежноста за преземање на системски мерки помеѓу централната и локалната власт, чии инспекциски служби недоволно се грижат за откривање и санкционирање на загадувачите.

Состојбата со депонирањето на отпадот, се вели во извештајот, е повеќе од алармантна. Во ниту една општина, со исклучок на градот Скопје, нема депонија која ги исполнува минимум еколошките стандарди.

„Тоа се најчесто простори на периферијата на населените места кои не се обележани ниту оградени, ниту имаат чуварска служба, а единствено нешто што упатува дека тука се депонира отпадот се расфрланиот смет околу патот и неподносливата миризба. Проектот за регионално депонирање на отпадот, според кој е предвидена изградба на осум регионални депонии во кои покрај прописното депонирање на отпадот, би се вршеле негова селекција и рециклажа, е далеку од реализација. Властите во своите буџети издвојуваат минимални средства за кампањи за подигнување на еколошката свест кај граѓаните“, се истакнува во извештајот.

И покрај ваквите проблеми, Бајрамовска-Мустафа нагласува дека бројот на претставки до народниот правобранител драстично се намалува. Ниското ниво на претставки, вели правобранителката,  укажува на ниско ниво на еколошка свест, но и на потреба за подигнување на свеста кај граѓаните.

„Од друга страна, загрижуваат инертноста на надлежните органи и институции, несоработката и отсуството на координација за преземање на системски мерки меѓу централната и локалната власт“, изјави Бајрамовска-Мустафа.

И истражувањето на Народниот правобранител за состојбите со депонирањето на отпадот во Република Македонија, спроведено во 2016 година, покажува дека состојбата со депонирањето на отпад е под секакво ниво, супстандардна и речиси не се почитува ниту една законска норма, која се однесува на ова прашање.

„Сегашната состојба со управување со цврстиот отпад во Македонија е неефикасна, а последиците од загадениот воздух, почвата и водата го чувствуваме сите. Загрижува појавата, особено во помалите места, собраниот отпад едноставно да биде фрлен на отворен простор, а надлежните служби тоа да не го регистрираат. Загрижува и тоа што на исто место се меша и депонира различен вид отпад, индустриски, опасен медицински отпад и отпад од домаќинствата, а откако празниот простор се пополнува, депонијата се напушта и се избира и експлоатира друга локација“, истакна на денешната прес-конференција  Бајрамовска-Мустафа.

Според податоците, регионални депонии користат само 14 општини, додека 42 општини користат локални депонии за комунален и друг отпад, а 11 не користат ниту локални, ниту регионални депонии. Истражувањето покажува дека само 19 општини вршат одредена селекција на отпадот, а само 6 имаат донесено план за управување со отпад.

„Во Македонија повеќе години се одвива неуспешна реализација на изградба на регионални депонии. Единствено Градот Скопје и Општина Прилеп работат на реализација на комплекс во кој нема само да се депонира, туку и ќе се преработува отпадот. Истражувањето ги потврдува досегашните укажувања на Народниот правобранител дека е неопходна поголема координација меѓу сите учесници, локалната власт која има централна улога во планирањето и воспоставувањето одржлив систем за управување со отпадот, домаќинствата, претпријатијата, приватниот сектор, НВО, како и поединците“, посочи Бајрамовска- Мустафа.

М.В