/ Прочитано:

641

Тимовите на Народниот правобранител на терен во затворите

Понеделник, 21 септември 2015 – Народниот правобранител на Република Македонија Иџет Мемети денеска преку сооштение порача дека секоја граѓанска иницијатива, па и најавената иницијатива за собирање на потписи со цел утврдување на статус на предлагач на закон за амнестија на осудените лица е легитимна, и не гледа пречка да се даде можност за спроведување на едно вакво демократско право.

„Затворите секогаш биле во фокусот на интересирање на Народниот правобранител и тоа како од аспект на превенцијата, така и на заштитата. По добивањето на информации за иницијативата за собирање на потписи, како и најавата за штрајк со глад во казнено-поправните установи во земјата, тимовите на Народниот правобранител од главната и  регионалните канцеларии се на терен во затворите низ Републиката со цел утврдување на состојбата, како и превенција и заштита на лицата кои се приклучуваат кон инцијативата за потписи, како и на оние кои ја одбиваат затворската храна“, се наведува во денешното соопштение од канцеларијата на Народниот правобранител.

Омбудсманот, се вели во соопштението, и во оваа пригода потсетува на неговите препораки за преземање на мерки и дејства во правец на намалување на пренатрупаноста, обезбедување и подобрување на здравствените услуги со цел соодветна и навремена здравствена заштита како и подобрување на работата на Службата за превоспитување заради остварување на основната цел ресоцијализација на осудените лица.