/ Прочитано:

3.598

Народниот правобранител за состојбите во затворите: Корупција, пренатрупаност и деградирачки услови

Состојбите во затворот „Идризово“ се крајно понижувачки и осудениците живеат во крајно нехумани, нечовечки и деградирачки услови, рече на денешната прес-конференција Народниот правобранител Иџет Мемети.

Народниот правобранител нагласи дека и генерално загрижува состојбата во македонските затвори, констатација што е донесена по спроведените 50 посети од кои 4 во казнено-поправни установи, 8 во полициски станици, 1 во заводот во Демир Капија и 37 во центрите за згрижување бегалци. „Во затворот ‘Идризово’ се сместени 1966 лица, што е дупло повеќе од капацитетите. Во страшна состојба се и приемното и амбулантното одделение. Во приемното одделение нема прозорци и кревети, а во амбулантното одделение болните спијат на кревети без душек. Бактерии и вируси демнат од сите страни” , посочи Мемети, додавајќи дека  во затворот владее корупција и дека со пари затворениците можат да купат мобилни телефони, кревети, други погодности и дрога.

Во својот годишен извештај, Народниот правобранител констатира дека, како што вели, здравствениот систем во казнено-поправните установи изумира.  Здравствената заштита во затворите е под секакво ниво и стандарди, а по три години од донесените законски измени, таа не е целосно преземена од Министерството за здравство, ниту за нејзино ефикасно функционирање се обезбедуваат потребните финансиски и  материјални средства.

„Загрижува состојбата во затворите, затоа што во дел од нив воопшто нема вработено лекар, а таму каде што има, тој е достапен само до 16 часот, по што за осудените и притворените лица се грижи друго осудено лице или затворската полиција. Појавата на смртни случаи на осудени лица во извештајниот период, која е нотирана и во периодот потоа, алармира на потребата од сериозен пристап и решавање на проблемот со здравствената заштита, како од аспект на превенција така и од аспект на навремена, соодветна и ефикасна здравствена заштита на притворените и осудените лица“, истакнува Народниот правобранител.

Според Правобранителот, не е решен најгорливиот проблем во казнено-поправните установи – пренатрупаноста, што во најголема мера придонесува осудените и притворените лица да ја издржуваат казната во лоши и деградирачки услови, што претставува нехуман и деградирачки третман.

Системот на здравствена заштита во казнено-поправните установи не е функционален, уште помалку е ефикасен, а во некои и воопшто го нема. Осудените и притворените лица добиваат некаков здравствен третман само во работното време на здравствената служба. Во спротивно, за нив се грижи или друго осудено лице или затворската полиција, а само во посебни случаи се носат на Клиника.

Пристапот на осуденичките до здравствената служба во КПД „Идризово“, додава Народниот правобранител, е тежок и многу редок. Отсуствуваат редовни и контролни прегледи, рана детекција и превенција на болести кај жените, нема обезбедено гинеколошки прегледи, а во установата нема вработено лекар-гинеколог.

„Со години не е обезбеден редовен образовен процес во казнено-поправните установи, ниту е соодветно екипиран Секторот за превоспитување, што негативно влијае врз ефикасноста на процесот на ресоцијализација и социјална адаптација на осудените и притворените лица. Случаите на прекумерна употреба на сила врз осудени лица од страна на затворската полиција укажуваат на недоволна едуцираност и непрофесионален однос на вработените во вршењето на службата“, вели Правобранителот.

M.В