/ Прочитано:

1.828

Настани и процеси што ѝ се случија на Европа во 2016 година

По одлуката на Британците да го напуштат блокот, политичките аналитичари го поставија прашањето дали ваквиот чекор на Британија значи почеток на дезинтеграцијата на Европа. Преговорите формално не се отпочнати, односно премиерката Тереза Меј сè уште го нема активирано членот 50 од Лисабонскиот договор, но европските лидери: германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд, како и претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, неколку пати ја повикаа Британија да го започне процесот на излегување, кој најверојатно ќе трае најмалку две години. Премиерката Меј најави дека ќе го активира членот 50 до крајот на март 2017 година, иако експертите во земјата предупредуваат дека Велика Британија нема јасен план за тоа како да се водат преговорите со ЕУ во процесот на излегување од Унијата.

365

Мигрантската криза, терористичките напади и заканите од тероризам, Брегзит, беа главните поенти и сериозните предизвици со кои се соочи Европа во текот на 2016 година.

За првпат во историјата на Стариот Континент, Обединетото Кралство во јуни одржа референдум за напуштање на Европската Унија. По одлуката на Британците да го напуштат блокот, политичките аналитичари го поставија прашањето дали ваквиот чекор на Британија значи почеток на дезинтеграцијата на Европа. Преговорите формално не се отпочнати, односно премиерката Тереза Меј сè уште го нема активирано членот 50 од Лисабонскиот договор, но европските лидери: германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд, како и претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, неколку пати ја повикаа Британија да го започне процесот на излегување, кој најверојатно ќе трае најмалку две години. Премиерката Меј најави дека ќе го активира членот 50 до крајот на март 2017 година, иако експертите во земјата предупредуваат дека Велика Британија нема јасен план за тоа како да се водат преговорите со ЕУ во процесот на излегување од Унијата.

Британската Влада досега инсистираше да го задржи поголемиот дел од привилегиите што со себе ги носи членството во Европската Унија, а особено сака да го задржи пристапот на единствениот европски пазар, што подразбира задржување на слободата на движење на стоката, капиталот и услугите.

ЕУ, пак, инсистира на тоа дека не постои единствен пазар без четирите основни слободи на кои се темели, поради што се очекува дека ЕУ од Велика Британија ќе бара да плаќа за пристап на единствениот пазар, барем во висина на британските нето-придонеси во европскиот буџет.

Во текот на 2017 година, откако премиерката Тереза Меј ќе го активира членот 50 од Лисабонскиот договор, процесот за излегување на Британија од Европската Унија треба да заврши до крајот на 2018 година, иако според досегашните анализи не е можно за година и пол да се преговара за толку комплициран договор. ЕУ прво сака да ги договори условите за излез од ЕУ, а потоа да ги дефинира идните односи.

Во текот на годината што изминува Европа беше цел на голем број терористички напади. Во Брисел, Ница, Минхен, Берлин и во други помали градови во повеќе европски држави, десетици луѓе беа жртви на бомбашки напади, а истрагите покажаа дека дел од напаѓачите се луѓе дојдени во Европа со бегалскиот бран.

По овие настани, првпат во историјата на Европската Унија дел од земјите членки се спротивставија на одлуките донесени на европско ниво, а кои се однесуваа на релокација на бегалците.

Прв случај на непослушност од страна на земја членка на Унијата беше случајот со Словачка која се обрати до Судот на Европската Унија во Луксембург и поднесе тужба поради одлуката за распределба на бегалските квоти по земјите членки што ја донесе Советот на ЕУ со квалификувано мнозинство.

Земјите на Вишеградската група се противат и на предлог-реформата на Комисијата за Даблинските одредби за воведување автоматски механизам на распределба на баратели на азил во земјите членки на групата во случаи кога во нејзините надворешни членки нагло ќе порасне бројот на бегалците.

Основната цел на овој предлог е да се олесни товарот со кој се соочуваат Италија и Грција, како први дестинации за бегалците и мигрантите кои пристигнуваат од Северна Африка и од Блискиот Исток.

Поради големиот прилив на мигранти, дел од државите, меѓу кои и Австрија и Германија, ги засилија безбедносните мерки на границите и воведоа многу построги контроли на внатрешните граници меѓу земјите од Шенгенскиот договор. Овие неопходни мерки на министерствата за внатрешни работи од повеќе држави го доведоа во прашање едно од најголемите постигнувања во евроинтеграциите – слободното движење без внатрешни гранични контроли.

Меѓу низата мерки што ги воведе Европската Унија за спас на Шенгенскиот договор во 2016 година беше воспоставување на Европската погранична и крајбрежна стража која веќе неколку месеци наназад успешно функционира. Освен тоа, Европската комисија предложи постојано да се контролира влезот и излезот на сите патници на надворешните граници, вклучувајќи ги и граѓаните на Унијата.

Во текот на новата 2017 година, Европа очекува ефикасно да се воспостави и Европскиот систем за информации за патувањата и нивното одобрение со цел да се ефектуираат проверките на патниците кои во државите од Европската Унија  можат да влегуваат без визи. Станува збор за сличен систем кој го имаат Соединетите Американски Држави, според кој сите оние на кои за влез во САД не им треба виза, мора преку интернет однапред да се регистрираат најмалку 72 часа пред влезот и да платат надомест. Таа регистрација мора да се направи само еднаш и потоа важи за повеќе патувања и ги забрзува прегледите на граничните премини.

Сите кои влегуваат во ЕУ, а за тоа не им требаат визи, ќе треба преку интернет да побараат претходно одобрение. Возрасните лица ќе мора да платат 5 евра. Постапката за исполнување на барањата и одобренијата за патувања треба да траат само 10 минути, а одобрението би важело пет години. Тоа исто така треба да биде воведено до крајот на идната година.

А. Б.