/ Прочитано:

1.137

Национална база на податоци за лица со инвалидност – единствена евиденција и остварување на правата

Петок, 10 јули 2015  – Формирање на национална база на податоци за лица со инвалидност се предвидува во Предлог-законот за национална база на податоци за лица со инвалидност, кој се наоѓа во собраниска процедура.

Единствена електронска евиденција

Основна цел на Предлог-законот за национална база на податоци за лица со инвалидност е воспоставување единствена електронска евиденција, односно национална база за лица со инвалидност.

„Со Предлог-законот за национална база на податоци за лица со инвалидност се уредува и начинот на функционирање на националната база на податоци за лица со инвалидност, обработката на податоците во базата, користењето на податоците во базата, безбедноста на податоците и надзорот над функционирање на базата“, се вели во законското образложение.

Како што посочува предлагачот на законот, Владата на Република Македонија, Националната база на податоци за лица со инвалидност претставува дел од интегрираниот здравствен информатички систем кој овозможува обработка и давање на користење податоци меѓу надлежните органи, со цел воспоставување единствена евиденција на податоците и остварување на правата по основ на инвалидност во согласност со закон.

„Исто така со овој закон е уредена можноста за ажурирање и давање на користење на податоците во Националната база од страна на надлежните органи за обработка и давање на користење на податоците од Базата“, се образложува во Предлог- законот.

Во законското решение се вели дека Национална база на податоци за лица со инвалидност во рамките на  интегрираниот здравствен информатички систем, односно во Управата за електронско здравство.

„Базата претставува дел од интегрираниот здравствен информатички систем која овозможува обработка и давање на користење податоци меѓу надлежните органи, со цел воспоставување на единствена евиденција на податоците и остварување на правата по основ на инвалидност во согласност со закон“, се пропишува во Предлог-законот.

Комисија за управување со Базата

Заради обезбедување обработка на податоци и исполнување на стандарди за безбедност на Базата во согласност со закон, како и за постигнување ефикасна координација меѓу надлежните органи се формира Комисија за управување со Базата.

Членовите на комисијата ќе ги назначува Владата за период од четири години и ќе биде составена од девет члена и тоа: два члена на Министерството за труд и социјална политика, два члена од Управата за електронско здравство и по еден член од Министерство за образование и наука, Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, Агенцијата за вработување на Република Македонија и Дирекцијата за заштита на личните податоци.

 M.В