/ Прочитано:

3.390

НАУЧНА И СТРУЧНА РАСПРАВА: „Импликациите од реформираниот концепт на истражната постапка“

Здружението за кривично право и криминологија на Македонија (ЗКПКМ) во соработка со Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ и Амбасадата на САД во Република Македонија денеска организираа научна и стручна расправа на тема „Импликациите од реформираниот концепт на истражната постапка“.

На научната расправа  пред голем број меѓународни и домашни академици, универзитетски професори, судии, адвокати, обвинители, практичари и експерти, беше истакнато дека Здружението за кривично право и криминологија и Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ, во континуитет настојуваат да говорат за прашања што предизвикуваат проблеми низ практиката, а кои првенствено се однесуваат на човековите права и слободи низ призма на кривичната постапка.

За доследно почитување на човековите права и слободи, беше истакнато на денешниот настан, мора да се почитува начелото на владеењето на правото и уставните одредби меѓу кои е и нагласено владеењето на правото како вредност. Владеењето на правото, исто така, е принцип кон кој мора да бидат усогласени и законите кои пак мора да бидат во функција на заштита на човековите права и слободи.

Само таквите закони, подвлече академикот Владо Камбовски, може да имаат легитимитет. Легитимните закони, додаде Камбовски, значат праведни закони и тие мора да бидат со највисоките вредности пропишани и во Уставот на Република Македонија.

„Кога се говори за Уставот, мора да се нагласи дека судијата е чувар на демократијата, како и на уставните вредности. Уставот мора да биде незаобиколен извор во судската практика. Судијата мора да гледа во Уставот и да ги применува неговите одредби. Начелото на владеењето на правото не е метафизичка конструкција туку начело што укажува како треба да постапи судијата“, истакна Камбовски.

Во контекст на Законот за кривичната постапка и човековите права, Камбовски истакна дека промените на кривичната постапка во светлината на владеењето на правото се потребни, на што укажуваат и идентификуваните примери од практичната примена на ЗКП, кој, пак, има делови кои воопшто не се имплемeнтирани.

Проблемот со неприменувањето на Законот за кривичната постапка, особено во делот на истражните центри, го акцентираше и проф. д-р Гордан Калајџиев, кој на денешниот настан говореше  за основните карактеристики за реформираната истражна постапка.  Според професорот Калаjџиев, еден од проблемите со примената на ЗКП е тоа што МВР сакало да го здржи монополот врз истрагите, особено откако увидело дека ЗКП во тој поглед дава резултати.

Калајџиев, исто така, посочи и дека било сосема јасно дека одредени сегменти од Законот за кривичната постапка не само што се проблематизирале низ практиката, туку и останале недозавршени како реформа.

„Ние бевме убедени дека реформата не е завршена, туку дека е само започната. На Министерството за правда му беше полесно да каже дека е завршена и така да ја претстави. Со некои решенија кои не се дозавршија и јас не сум среќен, да речеме такво е прашањето со правните лекови. За некои прашања, исто така, однапред ни беше јасно дека ќе ни требаат помош и странски искуства, како на пример, прашањето за вкрстенoто испрашување“, рече Калајџиев.

Проф. д-р Тодор Витларов од Вишото ОЈО Штип говореше за раководната улога на јавниот обвинител во истражната постапка. Според новиот Закон за кривичната постапка, истакна професорот Витларов, обвинителите добија централна улога. Надоврзувајќи се на прашањето за истражните центри, Витларов посочи дека  јавниот обвинител не е оперативен орган и истражните центри требаше да придонесат во таа улога.

Јавниот обвинител, подвлече Витларов, треба да биде координатор во постапката. Добар јавен обвинител кој ги знае елементите на кривичното дело може да раководи и со истражната и со предистражната постапка. Од тој аспект, додаде Витларов, требаше да се формираат истражните центри.

„Во јавните обвинителства со проширена надлежност можат двајца до тројца инспектори да бидат додадени во канцелариите на овие јавни обвинителства, а со тоа да не се наруши кадровската структура на Министерството за внатрешни работи“, рече Витларов.

Ленче Ристоска, обвинител во СЈО, говорејќи за спецификите на постапувањето на ова обвинителство, истакна дека најголемата специфика е што предметите започнуваат буквално од самите индиции. Во фазата на обезбедување докази наидовме на посебен предизвик, во однос на член 287 од ЗКП во однос на времетраењето на постапувањето по барањата и практиката на судот по предлозите за казнување на одговорни лица. Во однос на вештачењата, додаде Ристоска, наидовме на ограничени капацитети на МВР, ангажирање на независни вешти лица и барања за меѓународна правна помош. Во таа насока, Ристоска како предизвик на кој наишле во работењето ги посочи и претресите и побарувањето на компјутерските системи и привременото обезбедување. Обвинителката посочи и дека во работењето се соочиле и со апсурдни жалби.

Во однос на завршувањето на истрагите, Ристоска подвлече дека во поглед на поставеноста на ЗКП се појавува дилемата дали јавниот обвинител има на располагање доволно процесни инструменти, со цел да ја спречи злоупотребата на процесните овластувања од страна на одбраната и осомничените лица.

Во врска со прашањето за положбата на одбраната во истражната постапка,  адвокатот Дељо Кадиев посочи дека со новиот ЗКП има придобивки, но има и низа слабости кои мора да бидат надминати, а во светло на доследното почитување на Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи.

„Сакаме да ја почитуваме Европската конвенција за заштита на човековите права и неоспорно многу од правата од Конвенцијата се воведени во ЗКП, но дали е тоа случај со еднаквоста на оружјата.  Во Законот за кривичната постапка, а во поглед на Европската конвенција, голем проблем е еднаквоста на оружјата, а особено во контекст на истрагата. Понатаму, втор проблем на одбраната е увидот во списите, а трет проблем е прашањето за притворот за чие определување треба да постојат сомнение и разгледување на доказниот материјал во целина. На тоа укажува и Европскиот суд за човековите права. ЕСЧП вели дека кривичната постапка секогаш мора да обезбеди еднаквост на оружјата, која не може да се обезбеди без почитување на правата на одбраната“, истaкна Kадиев.

Универзитетскиот професор и судија д-р Лазар Нанев, во контекст на кривичното законодавство, нагласи дека не само што е потребно да се надминат слабостите на ЗКП, туку потребно е и итно да се укине Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната. Овој закон, подвлече судијата, е спротивен на Уставот и сериозно го нарушува начелото на поделба на власта и му дозволува на законодавецот да влијае врз судиското одмерување на санкциите. Со тоа, додаде Нанев, решението е во спротивност и со принципот на владеење на правото како клучен принцип во остварување на слободите и правата на граѓаните.

Денешниот настан се заокружи со излагањата на судијката Маја Денковска, која говореше за предизвиците на судијата во текот на истражната постапка, оцената на законитоста и карактеристиките на доказното рочиште и истражителот од СЈО, Атанас Гинев кој говореше за позитивните и негативните искуства во постапувањето на истражителите во претходната постапка. Негативните искуства, нагласи Динев, првенствено се однесуваат на опструкции од повеќе државни органи во примена на законските овластувања и надлежности на Специјалното јавно обвинителство.

М.В