/ Прочитано:

1.657

Научна и стручна расправа на тема: „Парадигмата на незаконитите докази и плодовите на отровното дрво“

Здружението за кривично право и криминологија на Македонија (ЗКПКМ), во соработка со Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ и Амбасадата на САД во Република Македонија, на 21.4.2017 година (петок), со почеток од 10 часот во хотел „Арка“, Скопје, ќе организираат научна и стручна расправа на тема „Парадигмата на незаконитите докази и плодовите на отровното дрво“.

Предметот на научната расправа е насочен кон неколку прашања кои се издвојуваат според сериозноста и комплексноста, а тоа се доказните забрани во светлина на начелото на владеење на правото, CIPA и употребата на класифицирани докази во кривичната постапка со фокус на политиките и практиките на исклучување на јавноста од судницата, улогата на судиите во оцена на дозволеноста на доказите и искуствата на правните практичари во постапката на докажување, примена на ПИМ и недозволените докази – пропишани како начин за прибавување на доказите кои се применуваат во краен случај (ultima ratio) и  недозволените докази во јудикатурата на Европскиот суд за човекови права.

На научната расправа свое учество ќе земат меѓународни и домашни практичари и експерти, кои имаат за цел да идентификуваат примери на добри практики како и да ги дискутираат другите судски примери од предметот на дискусијата.

„Откако ќе бидат донесени препораките и заклучоците од расправата, надлежните организации ќе подготват извештај кој ќе ги содржи резултатите од неа и кои ќе ги објават во посебен тематски број на Македонската ревија за казнено право и криминологија – официјалниот зборник на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија“, велат од Здружението за кривично право и криминологија на Македонија.

М.В