/Прочитано:

3.536

Научна конференција на „Јустинијан Први“ за дилемите околу измените на ДДВ во однос на физичките лица

Денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ беше одржана научна конференција на тема „Данокот на додадена вредност – измени во однос на физичките лица: дилеми и перспективи“.

Денешната научна конференција ја отвори деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, проф. д-р Горан Коевски кој нагласи дека на научната конференција ќе се говори за тема која е многу актуелна и за која Правниот факултет ќе даде свој научен придонес во  општествената дебата.

„Благодарение на иницијативата на неколку професори од Правниот факултет, Наставно-научниот совет  на Правниот факултет ‘Јустинијан Први’ одлучи да ја одржи оваа конференција, со што уште еднаш докажува дека Правниот факултет заслужено се смета за носител на иницијативите за научно елаборирање на прашања кои директно ги засегаат граѓаните“, истакна Коевски.

Проректорот на УКИМ оцени дека научната конференција ќе даде голем придонес кон комплексната проблематика иако, како што подвлече, многу е подобро кога законите се носат во постапка за која има јавна расправа и за која гласот на науката може да даде исклучителен придонес.

На денешната научна конференција говореа: проф. д-р Весна Пендовска која говореше општо за измените во законската регулатива, проф. д-р Александра Максимовска која говореше за дилемите при примената на новите правила во законската регулатива за ДДВ, проф. д-р Ванчо Узунов кој говореше за скриена прогресија преку ДДВ, проф. д-р Александар Стојков кој даде компаративен осврт на ДДВ-правилата за прагот на регистрација во ЕУ и РМ, доц. д-р Јован Зафировски кој говореше за можностите и опасностите од даночна евазија поради измената на ДДВ-регулативата и д-р Елена Ќосева, која се осврна на уставноста и забраната за ретроактивното важење во однос на регулативата за ДДВ.

Покрај претставниците на научната јавност, на денешната научна конференција свои излагања имаа и генералната директорка на УЈП, Анастасија Илиеска и Виолета Ставрова, раководителка на одделение во УЈП која говореше околу примената на ДДВ-измените во практиката.

Професорката Весна Пендовска, надоврзувајќи се на деканот Коевски за придонесот на Институтот за деловно право при „Јустинијан Први“, истакна дека професорите од Правниот факултет веќе 20 години работат на проблематиката на даночното право.

„Даночното право е дел од корпусот на економските права. Данокот во суштинска смисла е политички и социјален феномен – засега секаде и тангира секого. Проблематиката на даноците мора позасилено да се изучува, со што, пак, воедно се создаваат претпоставки за унапредување на правната рамка во поглед на даночното право“, истакна Пендовска.

Во однос на прашањето за ДДВ за физички лица, Пендовска подвлече дека секогаш при измените на даночната регулатива мора да се почитуваат даночните начела, а тоа е начелото на јасност и транспарентност.

„Почетна слабост на овие измени е отсуството на јавна расправа преку  која секој, како од теоријата, така и од практиката, ќе го кажеше својот став. Поаѓајќи од заклучоците на таа јавна расправа и изнесените ставови, и ќе се излезеше со компромисно  решение“, истакна Пендовска.

Проф. д-р Александра Максимовска нагласи дека почетната идеја за воведување на ДДВ била добра и се вовела и спровела во согласност со современата и европската регулатива. Но, истакна професорката Максимовска, ваквото воведување на ДДВ може да се каже дека се спроведе според правното и економското сфаќање дека кога се мисли на ДДВ се мисли на компании а не на физичките лица.

Ваквата измена, посочи професорката, значи отстапка од шестата ДДВ-директива според која се правени сите други ДДВ-закони и на членките на ЕУ и на аспирантите за членство во ЕУ бидејќи, првенствено, се мешаат поимите на приход и промет.

Во врска со намалувањето на прагот на регистрација за даночни обврзници од 2 милиони на 1 милион денари  на денешниот настан беше истакнато дека со ваквото решение физичките лица кои оствариле дополнителни приходи кои надминале еден милион денари по автоматизам стануваат ДДВ обврзници, односно се подложни на плаќање на оваа законска обврска.

„Највпечатлива е промената на прагот на регистрација кој е симнат од два на еден милион денари што значи дека поголем број физички лица кои претходно не биле, сега ќе бидат опфатени како ДДВ обврзници во поглед на закупнините што ги остваруваат како приходи при издавање на простор за вршење на деловна дејност“, истакна проф. д-р Александра Максимовска.

Професорката Максимовска предупреди дека со законските измени за ДДВ, во однос на физичките лица како даночни обврзници, се воведува правна несигурност, со што се нарушува еден од најзначајните принципи на правниот систем, но и се воведува ретроактивност која е забранета во член 52 од Уставот на Република Македонија.

Максимовска  додаде дека законските измени во однос на ДДВ биле донесени во „тишина“. Не може, нагласи професорката, за вакво значајно прашање регулатива да се носи без расправа. Ова прашање директно ги тангира граѓаните и на крајот никако не смее да се заборави дека и секој данок има скриени трошоци.

Според професорката, со законските измени за ДДВ во однос на физичките лица како даночни обврзници се воведува правна несигурност, со што се нарушува еден од најзначајните принципи на правниот систем, но и се воведува ретроактивност која е забранета во член 52 од Уставот на Република Македонија.

Генералната директорка на УЈП, Анастасија Илиевска, и во своето обраќање го поздрави денешниот настан, изразувајќи задоволство што дебатата се одржува на УКИМ како расадник на нови правници и економисти. Директорката на УЈП искажа и благодарност до Правниот факултет за одржаната конференција, како суштински придонес во дебатата за прашањето за ДДВ.

„Даночната регулатива не е запишана во камен и сите предлози за подобрување на регулативата се добредојдени. Нашиот пристап кон даночните обврзници е транспарентен и  затоа треба да се знае дека УЈП не е репресивен орган“, истакна Илиевска.

Професорот Ванчо Узунов истакна дека е мошне конструктивно што на конференцијата темата за дискусија може да биде погледната од правен и економски аспект. Во тој контекст, истакна професорот, мора да се нагласи дека даночниот систем кој е составен од директни даноци, индиректни даноци, социјални придонеси и локални даноци мора да биде конзистентен. Конзистентноста, посочи Узунов, најдобро се обезбедува преку правичноста.

„Правичност има кога правилата се знаат однапред, не може да постои правичност кога не се знаат правилата, незнаењето не носи правичност. Во насока на тоа дали оваа измена е добра или не, треба го гледаме даночниот систем во целина. И затоа и со оваа измена, ако ја гледате во целината на даночниот систем, ќе заклучите дека таа го искривува тој даночен систем“, истакна професорот Узунов, предупредувајќи дека со ваквите измени може да се зголеми даночната евазија.

Професорот Александар Стојков на научната конференција имаше излагање насловено „Шест не за законските измени за ДДВ“. Непрецизноста на новите норми, воведувањето нова практика  која е неконзистентна со даночната практика, нарушувањето правна сигурност, создавањето револт кај даночните обврзници и напуштањето на принципот ДДВ како општ данок и различниот третман на лицата со иста даночна способност, прикриена даночна прогресија, се дел од аргументите кои ги нагласи Стојков против новата регулатива.  Мојата порака до УЈП, нагласи професорот, е да ја реобмисли ваквата практика.

Доц. д-р Јован Зафировски истакна дека ДДВ не смее да се поистоветува со данокот на доход. Централно прашање, подвлече Зафировски, е разграничувањето на поимите доход и промет и во таа насока е потребно прецизно законско регулирање.

„Не смее на УЈП да се остави да толкува што е тоа доход, а што е тоа промет. За овие прашања мора да има прецизна и јасна законска формулација“, истакна доц. д-р Јован Зафировски.

Зафировски предупреди дека новите измени на регулативата за ДДВ, во однос на физичките лица како даночни обврзници, низ практиката ќе пројават скриени трошоци и ќе бидат мотив за даночна евазија и поттик за сивата економија.

На денешниот настан, д-р Елена Ќосева се осврна на уставноста и забраната на ретроактивното важење во однос на регулативата за ДДВ. Со оваа регулатива, подвлече Ќосева, ретроактивно им се наметна обврска на граѓаните бидејќи законодавецот ретроактивно ги инкорпорирал како даночни обврзници во тековната година. Уставот, посочи Ќосева, е јасен, а тој вели дека ретроактивноста е забранета.

„За новите законски измени во однос на ДДВ за физички лица, до Уставниот суд е поднесена иницијатива со која треба да се оцени неговата уставност, но воедно се поднесени и тужби до Управниот суд“, истакна Ќосева.

Денешната научна конференција се заокружи со излагањето на Виолета Ставрова, раководителка на одделение во УЈП, која  говореше околу примената на ДДВ-измените во практиката.

Намалениот праг за ДДВ обврзници го нарушува принципот на правната сигурност и воведува ретроактивност, предупредува стручната јавност

М.В