/ Прочитано:

1.999

Научна конференција за млади правници и практичари за правото и неговата примена какви што би требало да бидат

Институтот за правно-економски истражувања и едукација „Iuridica Prima“ организира научна конференција за млади правници и практичари: „De lege ferenda: Правото и неговата примена какви што би требало да бидат“. Научната конференција ќе се одржи од 29 септември до 1 октомври 2017, во  хотел „Парк“ во Неготино.  

Во Република Македонија, истакнуваат од Институтот за правно-економски истражувања и едукација „Iuridica Prima“, за прв пат се организира конференција од ваков карактер, со меѓународно учество, која е посветена на актуелните правни прашања и проблеми во законодавството од повеќе области на правото (граѓанско, казнено, управно, финансово, меѓународно и др.). Целта на конференцијата е да се посочат законските решенија кои создаваат проблеми во практиката, правните празнини и нелогичности, но и да се предложат решенија за нивно надминување.

„Оваа конференција им овозможува на младите правници, докторанди, магистри, магистранди и студенти да ги изложат своите првични трудови од  направените магистерски и докторски истражувања кои, по анонимна рецензија, ќе бидат публикувани. Покрај младите правници, на конференцијата ќе учествуваат, со свои излагања, и врвни професори од областа на правото и практичари (судии, нотари, адвокати, извршители, стечaјни управници и др.)“, велат од Институтот за правно-економски истражувања и едукација „Iuridica Prima“.

Спојот на теоријата, практиката и искуството, додаваат од Институтот „Iuridica Prima“, ќе придонесе да се изнајдат најдобрите законски решенија кои ќе му бидат предложени на законодавецот во идните реформи, во насока на постигнување подобра законска регулатива и хармонизација на нашето право со правото на Европската Унија.

„Најпосле, учеството на конференцијата е можност за вработување и ангажирање на младите правници од страна на правниците од практиката (нотари, адвокати, извршители)  кои имаат потреба од талентирани и успешни кадри“, нагласуваат од Институтот за правно-економски истражувања и едукација „Iuridica Prima“.

M.В