/ Прочитано:

4.486

Научна расправа на тема „Легализација на канабис, да или не?“ ќе се одржи на Правниот факултет „Јустинијан Први“

На 12.12.2017 година со почеток во 12 часот, во салата на Наставно-научниот совет при Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, ќе се одржи научна расправа на темата „Легализација на канабис, да или не?“.

На научната расправа ќе говорат петмина панелисти во состав: еден адвокат, еден судија, еден обвинител и двајца професори, кои ќе ги изнесат своите ставови на темата со вклучена интеракција со публиката. Научната расправа е во организација на Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“ – Скопје и Здружението на млади кривичари. Повеќе за настанот може да се погледне на следниот линк.

Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“ – Скопје се залага за целосно декриминализирање на канабисот (под декриминализација се подразбира укинување на кривичните казни за поединечни постапки или нивна замена со некривични санкции во услови кога постојат меѓународно правни пречки за легализација) како во медицински, така и во рекреативни цели и цврсто се залага за заштита и унапредување на животната средина како уставно загарантирано право на граѓаните.

Главната мисија, пак, на Здружението на млади кривичари е да им овозможи на сите заинтересирани членови да ги продлабочат своите знаења во истражувањето на проблематиката што е предмет на нивниот интерес, и тоа особено во однос на теми што претставуваат актуелен предизвик и што налагаат сериозна дискусија во однос на одделните прашања што го сочинуваат костурот на казненото материјално право.

М.В