/ Прочитано:

4.604

Научната и стручната јавност дискутираше за итните реформски приоритети во судството и јавната администрација

Денеска во Македонската академија на науките и уметностите се одржа работен состанок на тема итни реформски приоритети, со фокус на заштитата на човековите права; реформите во судството, реформите во јавната администрација и реформите во системот за безбедност.

Основа за денешната расправа беше Извештајот на Рајнхард Прибе за Република Македонија и препораките на Групата искусни експерти за системските прашања за владеење на правото, поврзани со следењето на комуникациите откриени во пролетта 2015, потоа последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2016 година, како и предлог-стратегија за реформа на правосудниот сектор.

На почетокот на денешната расправа беше нагласено дека мора да постои комуникација помеѓу институциите, носителите на власта и академската заедница особено кога се подготвуваат законски решенија и реформи кои првенствено мора да бидат во корист и интерес на граѓаните.

Во минатиот период, подвлече академикот Владо Камбовски, се даваа само некои парцијални совети од некои експерти, а реформите остануваа на хартија. Како да беше целта да се донесат законите без никакви акциски планови за нивно спроведување, наместо за секое решение да има логистика и подготовка за неговото применување.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој исто така присуствуваше на денешниот настан, рече дека и во иднина сите релевантни чинители ќе бидат повикувани на јавните расправи и во консултација со нив ќе бидат донесувани одлуките. Битно е да комуницираме, рече Манчевски и битно е заеднички да изнаоѓаме решенија, особено во поглед на реформските приоритети.

Академикот Камбовски во контекст на итните реформски приоритети го нагласи и значењето од постоење на стручен совет кој ќе даде придонес во суштинското и итното реализирање на реформските приоритети во судството и јавната администрација.

Проф. д-р Борче Давитковски, исто така, нагласи дека во Владата на Република Македонија потребно е да има правни совети. Ова, истакна Давитковски, не е новина, порано овие совети функционираа и сите законски прописи мораше да поминат на правен совет на Влада, па дури потоа се пуштаа во владина и собраниска процедура.

Проф. д-р Ана Павловска-Данева истакна дека во земјава, покрај проблемот со носењето на закони без консултации со стручната јавност, голем проблем е и постоењето на државни комисии со парасудски надлежности.

„Имаме комисии со парасудски надлежности, изрекуваат казни небаре се судови. Вакви тела не постојат никаде во светот. Не може за граѓански слободи и права да одлучуваат државни службеници и тоа во парасудски постапки. Ќе дозволи ли новата Влада да постојат вакви парасудски тела“, запраша професорката Данева.

Професорката Павловска-Данева, осврнувајќи се на поставеноста на Академијата за судии и јавни обвинители, истакна дека на Академијата ѝ се потребни реформи во смисла на тоа дека Академијата треба да едуцира, а не да биде клучен услов за да се стане судија. Критериумите во Академијата се такви, рече професорката, што истакнати адвокати, истакнати правници, универзитетски професори не можат да станат судии.

 Во таа насока, и универзитетскиот професор и судија д-р Лазар Нанев нагласи дека почетниот чекор кој треба да се направи е реформирање на институцијата Академија за судии и јавни обвинители, со што би се прифатил системот на менторство. Понатаму, потребно е и, нагласи Нанев, редефинирање на статусот на Судскиот совет и измени на законодавството за судството. Професорот ја оцени состојбата во судството како драматична, што во еден дел се должи и на лошиот менаџмент во судството.

„Го читав извештајот на Судскиот буџетски совет, таму практично и се нотира дека судскиот систем ќе крахира, извештајот сам по себе говори во каква драматична состојба се наоѓа судството“, рече Нанев.

Академијата за судии и јавни обвинители, рече судијката Маргарита Цаца Николовска,  е формирана како продолжение на Центарот за континуирана едукација на судиите и идејата не беше она што е Академијата денес. Основната идеја на Центарот, образложи Цаца, беше само да се едуцираат судскиот кадар и судската администрација. Во однос на едукацијата, Цаца упати и критика за правосудниот испит.

„Сегашниот правосуден испит не е испит. Мислам дека многу повеќе се учи за тестови за возачки испит отколку што се учи сега за правосудниот испит. Зошто сега дојде до такво ревидирање, треба некој друг да даде одговор“, нагласи Цаца Николовска.

Повикувајќи се на искуствата од практиката и истражувањата поврзани со управното право, адвокатот Жарко Хаџи Зафиров истакна дека еден од најголемите проблеми на управното судство е недоставувањето на списите од страна на управните органи. Реформите, подвлече Хаџи Димитров, потребно е да се движат и во оваа насока.

М.В