/ Прочитано:

1.950

Научно толкување на членот 66 од Преодните и завршни одредби на Законот за медијација („Службен весник на РМ“ бр.188 од 31.12.2013 година)

Содржина на членот 66 од Законот за медијација гласи: „Комората на медијатори формирана согласно со Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија” број 60/2006, 22/2007 и 114/2009) престанува да функционира со денот на конституирањето на Комората согласно со овој закон.”

Медијација

Комората на медијатори побарала научно толкување на членот 66 од Преодните и завршни одредби на Законот за медијација („Службен весник на РМ“ бр.188 од 31.12.2013 година)

Содржина на членот 66 од Законот за медијација гласи:

„Комората на медијатори формирана согласно со Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија” број 60/2006, 22/2007 и 114/2009) престанува да функционира со денот на конституирањето на Комората согласно со овој закон.”

Од анализата и научното толкување на членот од страна на  Златко Николоски, Африм Османи, Арсе Петрески, Темелко Ристевски, Осман Кадриу и Борис Вандев, а поради негова имплементација произлегло следното:

*од содржината на членот 66 од ЗМ јасно произлегува дека „постојната Комора“ продолжува да функционира до моментот на формирање на новата Комора на медијатори.

„Што значи дека законодавецот не предвидел ништо друго во врска со функционирањето на постојната Комора на медијатори. Од сето погоре споменато и содржината на текстот од правната норма, јасно произлегува дека законодавецот немал намера да предвиди други услови освен стриктно наведеното за функционирањето на постојната Комора на медијатори“, се наведува во заклучокот на научното толкување.

Според  претходно изнесеното, стои во заклучокот, логички и правно произлегува дека постојните медијатори, од основањето на Комората па сѐ до денес, функционираат, односно спроведуваат постапки на медијација и со тоа се нераздвоен дел од Комората,  со што опстојувањето на Комората е невозможно без извршување на сите активностите на медијаторите.

„Па затоа постојните медијатори кои стекнале својство медијатори ќе  функционираат и ќе спроведуваат постапки на медијација, сѐ до конституирањето на Комора согласно новиот Закон за медијација“.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Научно толкување – Ваквото толкување има задача да даде клучно теоретско и методолошко-социолошка аргументирана ориентација преку која ќе се утврдат целите и задачите што треба да се постигнат со оваа конкретна правна норма.

Научното толкување игра голема улога во кристализирање на правната свест на субјектите на правото, а посебно на правната свест на оние што се должни правилно да ја применуваат оваа правна норма.

Логиката (законитостите на логиката) на толкувачите им служи за полесно да ја запознаат внатрешната смисла, односно врската и подреденоста меѓу основната и споредната содржина на правната норма. Ова значи дека логиката помага да се извлече суштината што ја содржи правната норма.

Современата практика како принцип на толкување на правните норми го применува единството на објективното и субјективното сфаќање како израз на нивната дијалектичност. Значи, современото законодавство треба да даде можност да дојде до израз дијалектиката на двете страни на правната ситуација поради тоа што секојдневниот живот ги канализира сите субјективни елементи и ги принудува да се движат врз база на релативно објективно дадените елементи.

Поради погоре изнесеното, а во врска со правилната примена на правната норма (како и на членот 66 од ЗМ), толкувањето треба да биде во тек со животните проблеми, односно решението треба да биде практично применливо бидејќи само на таков начин може да се разберат, како и да се остварат интересите на правниот поредок на Република Македонија.

Во контекст на претходното, наспоменуваме дека постојната Комора е составена од сите медијатори запишани во Именикот на медијатори, кој што го води постојната Комора.

Споменатите медијатори, со основањето на Комората, почнувајќи од 2006 г., па сѐ до денес функционираат, односно спроведуваат постапки на медијација и со тоа покажуваат дека се нераздвоен дел од Комората. Комората и законот не се функционални без функционирањето на споменатите медијатори, поточно опстојувањето на Комората е невозможно без извршување на сите активностите на медијаторите.

Во овој контекст наспоменуваме дека медијаторите до денес непречено функционираат, правејќи медијации. Ако не беше ова нивно функционирање, тогаш се доведува во прашање и исполнувањето на условот од Законот предвиден со членот 47 став 1 точка г, за полагање на испитот за медијатори („Проследување најмалку  4 постапки за медијација спроведени од медијатор…“), а со тоа и можноста за стекнување на лиценци за новите медијатори. Уште потрагично би било евентуалното поништување на испитот на единствениот кандидат што го положил испитот со потврда согласно споменатиот член од Законот, издадена од медијаторот, член на Комората, од постојниот Именик.

Доколку поинаку се толкува Законот, односно престанат да функционираат медијаторите, ќе нема постапки на медијација, а со тоа и исполнување на условот за полагање на испитот за медијатори а со тоа се доведува во прашање конституирањето на новата Комора.

Во прилог на претходното истакнуваме дека, исто така, законодавецот нема намера да ја спречи примената на Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка во однос на задолжителниот обид за медијација во стопанските спорови, за паричните побарувања чија вредност не надминува милион денари. Затоа во ставот 3 од членот 47 од истиот закон предвидел „писмен доказ издаден од МЕДИЈАТОР“. Тоа значи дека нема пречка постојните медијатори да функционираат и во стопанските спорови, согласно споменатите измени, сѐ до конституирањето на Комора според новиот Закон.

Имајќи ја предвид фактичката состојба дека до денес во Р Македонија, согласно важечкиот Закон сѐ уште нема ниту еден лиценциран медијатор, па затоа поинаквото толкување би довело до тоа во Р Македонија ДА НЕМА МЕДИЈАЦИЈА, сметано од 8.10.2014 г., од стапувањето во примена на Законот до денес, односно до денот на конституирањето на новата Комора. Ваква состојба не би сакал ниту еден законодавец во светот, па затоа споменатата одредба не смее да се толкува поинаку од толкувањето изнесено во ова научно толкување.

Законодавецот ако сакал да биде поинаку, како што споменавме погоре, сигурно би го навел решението „Постојната Комора на медијатори престанува да функционира со влегувањето во сила на овој Закон“.

Секое поинакво толкување на Законот за медијација, посебно на членот 66 од Законот, би било спротивно на основните уставни начела (владеење на правото и др.) како и спротивно на европското законодавство со кое Македонија има обврска да се усогласи.

ПРВА ЕТАПА:

Запознавање со правната норма член 66 од Законот за Медијација

За да може правилно да се примени правната норма, таа пред сѐ треба солидно да се запознае. Затоа, првенствено треба да ги видиме општите карактеристики на правната област во која припаѓа конкретната норма. Запознавањето на нормата ни наметнува да го најдеме нејзиното место на сродна норма на правната област кон која припаѓа и така полесно ќе го имаме предвид нејзиното значење во правниот поредок.

Секое изолирано гледање на поедини правни прописи, без согледување на општите интенции на правниот поредок, може да довде кон неправилно разбирање на правната норма.

Во делот на Преодни и завршни одредби од Законот за медијација e содржан  и членот 66, кој гласи:

„Комората на медијатори формирана согласно со Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија” број 60/2006, 22/2007 и 114/2009) престанува да функционира со денот на конституирањето на Комората согласно со овој закон.”

При запознавањето со содржината на правната норма вршиме и нејзино критичко согледување.

ВТОРА ЕТАПА

Критично согледување на членот 66 од ЗМ

Според јазичното толкување на значењето на поимот (зборовите) „Комората на медијатори формирана согласно со Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија” број 60/2006, 22/2007 и 114/2009) престанува да функционира со денот на конституирањето на Комората согласно со овој закон“, нивното вообичаено значење е дека постојната Комора на медијатори треба да престане да функционира, но во никој случај пред формирање на нова Комора на медијатори.

Законодавецот доколку сакал нешто друго да каже, тогаш во нашиот јазик имал на располагање други зборови, кои се еднозначно јасни и прецизни.

Од сето погоре споменато и содржината на текстот од правната норма јасно произлегува дека законодавецот немал намера да предвиди други услови освен стриктно наведеното за функционирањето на постојната Комора на медијатори.

ТРЕТА ЕТАПА

Argumentum a contrario

Argumentuam a contrario е исто така еден од начините со чија помош може да се реши правилно правната ситуација предвидена со членот 66од ЗМ. Така, со докажувањето на спротивноста имаме можност да ги решиме недоразбирањата во поглед на оваа правна норма. И тоа, преку една логичка операција од постојните спротивности. Во конкретниов случај (членот 66 од ЗМ), ако сакал законодавецот да предвиди нешто повеќе од споменатото, тогаш сигурно јасно би го искажал  во текстот со прецизни и јасни поими.

Како на пример, дека „..постојната Комора на медијатори престанува да функционира со влегувањето во сила на овој закон..“

Применувајќи ја правната аналогија при толкувањето на конкретната правна норма (член 66 од ЗМ), произлегува дека нејзиното значење е дека постојната Комора на медијатори продолжува да ја остварува својата функција до формирањето на новата Комора на медијатори.

Во контекст на истото,  наспоменуваме дека постојната Комора е составена од сите медијатори запишани во Именикот на медијатори, кој што го води постојната Комора.

Споменатите медијатори, со основањето на Комората, почнувајќи од 2006 г., па сѐ до денес функционираат, односно спроведуваат постапки на медијација и со тоа покажуваат дека се нераздвоен дел од Комората. Комората и законот не се функционални без функционирањето на споменатите медијатори, поточно опстојувањето на Комората е невозможно без извршување на сите активностите на медијаторите.

Ваквото толкување претставува конкретна примена на правната аналогија во пракса, која ја решава ситуацијата врз основа на општи принципи на кои почива целиот правен поредок, а тоа се основните начела во Уставот на Република Македонија.

Скопје, 25.2.2016 година

На собранието на Комората за медијатори на ден 5.3.2016 година, едногласно беше донесен, покрај другото, следниот:

З а к л у ч о к

Се прифаќа научното толкување на членот 66 од Законот за Медијација на Р Македонија, од што произлегува дека постојната Комора на медијаторите на Македонија ќе продолжи со своето функционирање сѐ до усогласувањето на состојбата со новиот Закон за медијација на Р Македонија (со конституирањето на новата Комора), а следствено на тоа, постојните медијатори како нејзини членови упишани во именикот на медијатори, продолжуваат со сите свои активности како медијатори согласно стекнатите права и обврски во однос на сите постапки за медијација вклучувајќи ги и постапките согласно Законот за изменување  и дополнување на Законот за парничната постапка на Р Македонија.

Имено, горенаведените права и обврски на постојните медијатори, како составен ден на постојната Комора, произлегуваат од чл.66 од Законот за медијација на Р Македонија со кој е предвидено функционирање на постојната Комора на медијатори. Бидејќи поинаку не  би можело да биде, согласно правната логика и законските прописи, поради тоа што Комората не би можела да функционира без постоење и функционирање на медијаторите како нејзини основачи.

Со почит,
Скопје, 9.3.2016

 

КМРМ
Претседател
Зоран Петковиќ –Бакли с.р.