/ Прочитано:

699

НБРМ: Економската активност и понатаму расте со солидно темпо

Среда, 11 септември 2015 – Oцената на економските и на финансиските услови покажа дека постојната монетарна поставеност. Економската активност и понатаму расте со солидно темпо. Економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци. Во октомври, ликвидноста на банките под влијание на автономните фактори се намали, што услови понизок интерес на банките за монетарните инструменти…,  соопшти Народната банка (НБРМ).

На редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, која се одржала вчера биле разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари, движењата во банкарскиот систем и најновите макроекономски показатели во контекст на поставеноста на монетарната политика.

„Oцената на економските и на финансиските услови покажа дека постојната монетарна поставеност е соодветна, при што Комитетот за оперативна монетарна политика одлучи на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво од 25.500 милиони денари, со непроменета каматна стапка од 3,25%.

Најновите показатели покажуваат дека економската активност и понатаму расте со солидно темпо, делумно поддржана од кредитната активност на домашните банки. Економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци и без притисоци во надворешниот сектор. Девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво, коешто е доволно за справување со евентуални непредвидени шокови во иднина. За ефектите врз домашната економија, поврзани со домашните политички случувања и економско-политичките случувања во Грција, се оценува дека се ограничени и дека главно се остваруваат преку каналот на очекувањата. Сепак, и понатаму постои неизвесноста во окружувањето, што создава ризици за следниот период. Во вакви услови, излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од понатамошното стабилизирање на домашните шокови и нивните ефекти врз економијата, како и од промените во надворешната позиција и ефектите врз девизните резерви. 

Најновите макроекономски показатели не упатуваат на поголеми промени во амбиентот за водење на монетарната политика. Во реалниот сектор, високофреквентните податоци навестуваат продолжување на досегашното темпо на економски раст и во текот на третиот квартал. И покрај солидната динамика на раст, сепак во услови на понеповолен глобален амбиент, понеповолна конјунктура на пазарот на метали и неизвесноста создадена од домашниот политички контекст, се оценува дека нема можности економијата во следниот период да расте со динамика каква што беше очекувана со априлските проекции. Општото ценовно ниво во октомври стагнира на месечна основа, при пад на цените на храната, додека цените на енергијата и базичната инфлација забележаа раст. Во просек, во првите десет месеци од годината, општото ниво на цените во домашната економија се намали за 0,3% на годишна основа, како последица на падот на цените на енергетската компонента. Инфлациските остварувања во октомври се под проекциите. Овие остварувања, заедно со новите очекувања за пониски светски цени на енергијата и на прехранбените производи, покажуваат дека инфлацијата ќе биде пониска во однос на априлските очекувања. Честите промени во очекувањата за цените на примарните производи упатуваат дека неизвесноста околу идното движење на овие производи е значителна, а можноста за ненадејни промени кај овие категории е голема. 

Според последните расположливи податоци, девизните резерви во текот на октомври и ноември не бележат поголеми промени, а девизниот пазар веќе подолг временски период е стабилен и НБРМ не интервенира со продажба/откуп на девизи. Расположливите показатели за надворешниот сектор покажуваат помал дефицит во тековната сметка од претходно очекуваниот, при подобри остварувања кај сите нејзини компоненти. Оцената на финансиската сметка покажува дека приливите и во следниот период ќе бидат комбинација од должнички и недолжнички текови, а ваквата позиција на билансот на плаќања обезбедува одржување на девизните резерви во сигурната зона.

Во октомври, ликвидноста на банките под влијание на автономните фактори се намали, што услови понизок интерес на банките за монетарните инструменти. При пониска ликвидност, банките активно тргуваа со депозити на пазарот на пари, а релативно висока трговска активност беше забележана и на секундарниот пазар со хартии од вредност. На девизниот пазар, релативно подобрите остварувања кај корпоративниот сектор и откупот на девизи од физички лица придонесоа за значително подобрување на девизната позиција на банките и поволни движења кај девизниот курс. 

Во однос на кредитниот пазар, првичните податоци за октомври покажуваат понатамошен месечен раст на вкупните кредити на приватниот сектор, при што кредитната поддршка беше насочена кон секторот „население“. Кредитите на приватниот сектор и натаму растеа со солидна годишна стапка на раст, но сепак пониска во однос на проекцијата. Во однос на депозитниот потенцијал, првичните податоци заклучно со октомври покажуваат нивно зголемување, главно заради растот на депозитите на претпријатијата, додека депозитите на населението се речиси непроменети. Остварувањата кај вкупните депозити заклучно со октомври покажуваат значително послаб раст од проектираниот. Ваквите движења кај депозитите укажуваат на потенцијални ефекти врз штедењето од шоковите од домашен и надворешен карактер, присутни во изминатиот период. Надолните отстапувања во овој сегмент, при оцени за побавно економско закрепнување од претходно очекуваното, покажуваат побавен кредитен и депозитен раст, во споредба со априлската проекција. 

Движењата на меѓународните финансиски пазари во октомври беа под натамошно влијание на одлуките на водечките централни банки за спроведување на монетарната политика во наредниот период. Остварувањата кај инфлацијата и останатите монетарни показатели за евро-зоната укажуваат на потреба за дополнително олабавување на кредитните услови, што би можело да се постигне преку намалување на депозитната каматна стапка на ЕЦБ или преку продолжување на откупот на хартии од вредност по првично утврдениот термин, зголемување на месечниот износ на откуп или проширување на типовите хартии од вредност коишто се откупуваат. Од друга страна, во услови на стабилизирање на глобалните финансиски пазари, сѐ поизвесно е дека ФЕД на декемврискиот состанок ќе донесе одлука за зголемување на каматните стапки, со што би отпочнал циклусот на постепено затегнување на монетарната политика. 

Општо земено, последните остварувања укажуваат на задржување слична макроекономска слика како и во априлските проекции, со оцени за малку послаб, но солиден економски и кредитен раст, отсуство на ценовни притисоци и платнобилансна позиција којашто обезбедува одржување на девизните резерви на адекватно ниво. Основите на економијата и натаму се солидни. Ризиците произлегуваат од надворешното, но и од неизвесното домашно окружување и се понагласени во однос на претходните проекции. Во однос на надворешните фактори, тие и натаму се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и движењата на цените на примарните производи на светските берзи. Во однос на домашните ризици, и покрај тоа што во досегашниот период нивното влијание беше релативно мало и ограничено, евентуалното пролонгирање на неизвесноста поврзана со политичките случувања доведува до можност таа да се прелее во економијата, заради поголемата воздржаност на домашните и странските субјекти. Сепак, дел од ризиците се ублажени со последната мерка на НБРМ од август. Оваа мерка, со којашто се направија промени во поставеноста на инструментот задолжителна резерва, има за цел да обезбеди понатамошна поддршка на долгорочното штедење во домашна валута, а со тоа и поддршка на процесот на „денаризација“ на економијата. 

НБРМ и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи соодветни промени во монетарната политика за успешно остварување на целите на монетарната политика“, се вели во соопштението на НБРМ.