/ Прочитано:

2.153

НБРМ: Нестабилната политичка состојба ја зголеми каматната стапка на благајничките записи

„Одлуката за затегнување на монетарната политика е реакција на зголемената побарувачка на девизи и притисоците врз депозитната база на банките, коишто во целост се последица на влошените очекувања на економските субјекти, предизвикани од нестабилната политичка состојба во земјата. Со тоа, промената на каматната стапка е одговор на влијанието на фактори од неекономска природа“, се наведува во соопштението на НБРМ.

Народна банка на РМ

Каматната стапка на благајничките записи како основна каматна стапка се зголемува на 4 %, односно за 0,75 проценти. Како што информираат од Народната банка на Република Македонија, ваквата одлука била донесена на вчерашната редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ.

„Одлуката за затегнување на монетарната политика е реакција на зголемената побарувачка на девизи и притисоците врз депозитната база на банките, коишто во целост се последица на влошените очекувања на економските субјекти, предизвикани од нестабилната политичка состојба во земјата. Со тоа, промената на каматната стапка е одговор на влијанието на фактори од неекономска природа“, се наведува во соопштението на НБРМ.

Од друга страна, НБРМ и понатаму ги оценува економските фундаменти како здрави, без присуство на поголеми нерамнотежи во економијата, велат оттаму.

„Сите досегашни показатели упатуваат на солиден економски и кредитен раст, без ценовни притисоци и без притисоци во надворешниот сектор. Дефицитот во тековната сметка и натаму е умерен, со позитивни преносни ефекти од структурните промени во извозниот сектор и со доволно финансиски приливи за негово финансирање. Воедно, сите показатели за девизните резерви постојано покажуваат нивно соодветно ниво, што е доволно за справување со шокови“, стои во соопштението од Народната банка.

НБРМ, како и досега, и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи дополнителни промени во монетарната политика за целосно стабилизирање на состојбите и на очекувањата на економските субјекти со цел успешно да се остваруваат целите на монетарната политика, велат оттаму.