/ Прочитано:

1.425

(Не)очекуван расплет за претседател на најголемиот Кривичен суд: Пропадна изборот меѓу судиите Панчевски и Ристов, се отвора место за трет кандидат

Четврток, 12 јули 2012 година – Претседателското столче на скопска Кривичниот суд, остана празно. За ниту еден од двајцата кандидати, судиите Владимир Панчевски и Ѓоко Ристов, немаше двотретинско мнозинство гласови од членовите на Судскиот Совет на РМ (ССРМ). Овој состав на советот не избраа ниту 3-ца компетентни кандидати од предложени 39, за судии во Врховниот суд на РМ. Очекувано, најпрво ќе се чека избор на претседател(ка) на Врховниот суд на Македонија, па потоа претседател на скопска “Единица”. Не е исклучено претседател да биде некој трет кој досега не се кандидирал.

 Членовите на ССРМ од 39 кандидати за врховни судии, не избраа ниту еден, а остана празно и претседателското столче во скопскиот Кривичен суд. Со 6 гласови за и 7 гласови против, судијата Владимир Панчевски не го доби двотретинското мнозинство за да стане претседател на судот. Слична беше ситуацијата и со судијата Ѓоко Ристов, за него имаше 6 гласови за и 6 гласови против.

Повторно пропадна обидот Врховниот суд да добие уште тројца судии. Ваква ситуација има на последните две седници на ССРМ, кога точка на дневен ред е избор на судии за Врховниот суд. За судии во Врхониот суд на РМ се пријавиле 39 кандидати. Членовите на ССРМ предложија 8, но ниту еден од нив не доби двотретинско мнозинство на гласови.

Нема политички договор при избор на судии

Најголемиот кривичен суд во Скопје доби 4 нови судии, а двајца судии од Кривичниот суд беа избрани за судии во Апелациониот суд во Скопје. Претседателката на ССРМ, Александра Зафировска ги негира шпекулациите дека не се избира претседател на Основен суд Скопје 1 поради не постигање на политички договор меѓу владината коалиција.

Нема притисоци, се останува во делот на гласењето на членовите на Судскиот совет, не говориме за политички договор кога зборуваме за избор на судии. Нема позадина, за изборот за кој било судија или претседател на суд. Самите сте присутни и можете да забележите дека изборот се сведува со гласање на членовите на Судскиот совет, а предложените кандидати треба да го добијат потребното мнозинство за судија или претседател, изјави претседателката Зафировска.

Според неа, на огласот се пријавиле искусни кандидати за врховни судии, но за жал нема двотретинско мнозинство за нив.

 Во никој случај не негираме дека меѓу предложените кандидатите има искусни судии, не негираме дека се професионално докажани, но факт е дека не можат да го добијат двотретинското мнозинство од 10 гласови, поради тоа сите кандидати повторно се пријавуваат на огласите“, вели Зафировска.

 Стручните соработници пред дипломците на Академијата за судии и јавни обвинители

Членовите на советот ретко предложуваа кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители, членовите на советот предложија само двајца судии од Академијата, а многу повеќе стручни соработници од судовите.

Имаме забелешки во тој дел дека не бираме кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители, имавме двајца кандидати од Академијата, но тоа не значи дека огласот е само за нив, сметаме дека има доста солидни стручни соработници во судовите“, изјави Александра Зафировска.

За еден час, 14 членови на Судскиот Совет избраа 2-ца судии во скопска апелација, претседател на гостиварскиот Основен суд, судија во крушевскиот Основен суд, еден судија во Основен суд Скопје 2, еден судија во битолскиот Основен суд.

Се чека избор на претседател(ка) на Врховниот суд

Судскиот совет следната недела ќе треба да избира меѓу екс претседателката на скопска единица Лидија Неделкова и Врховниот судија Ристо Катавеновски, за претседател на Врховниот суд на РМ. На актуелниот претседател Јово Ванѓеловски му истекува мандатот на 17 јули оваа година. Неодамна Ванѓеловски ја повлекол кандидатурата за уште еден мандат во највисоката судска инстанца, според тоа во трка остануваат судијката Лидија Неделкова и судијата Ристо Катавеновски. Потенцијален кандидат за претседател на судот е судија Лидија Неделкова, ако се земе предвид молскавичното напредување во нејзината кариера во последните пет години. Ако во овој временски период колегијалното тело заклучи дека Неделкова треба да биде претседателка на најфреквентниот Кривичен суд во земјата, а лани заклучи дека претседателката повеќе од другите пријавени заслужува да прескокне една  инстанца и да се вгнезди во Врховниот суд, тогаш нема место за сомнеж дека Неделкова ќе биде новата претседателка на Врховниот суд на Македонија. Дури тогаш ќе се избере претседател на Основниот суд Скопје 1 во Скопје.