/ Прочитано:

3.218

НЕ САМО ОСМИ МАРТ: Панел-дискусија на „Јустинијан Први“ за родовата еднаквост и учество на жените во политиката

Во Македонија се потребни  промени што ќе ја однесат  жената на заслуженото место во општествено-политичкиот живот. Тие општествени промени се случуваат и потребни се заеднички напори за остварување на целите на родовата еднаквост, кои подразбираат и охрабрување на жените да го зголемат своето учество во политичкиот, економскиот и јавниот живот. Во таа насока е  формирано тело за родова рамноправност, кое ќе се грижи за имплементација на родовите перспективи во креирањето на политиките и буџетите, но и започнувањето на процесот на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство од 2011 година.

Ова беше истакнато на панел-дискусијата во организација на UN Women – Телото на ОН за родова рамноправност и зајакнување на жените, Шведската амбасада и Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје на тема „Жените лидерки и нивното учество во политиката – пат кон еднаквостa“.

На панел-дискусијата со свои воведни обраќања се обратија: Доминика Стојаноска, раководителка на Канцеларијата на UN Women во Скопје и проф. д-р Горан Коевски, декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, кои го потенцираа значењето на родовата еднаквост од аспект на човековите права.

Исто така, на посебната сесија од панел-дискусијата се обратија: д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија, Никола Димитров, министер за надворешни работи и Алија Ел-Јасир, регионална директорка од UN Women Европа и Централна Азија. На оваа сесија се обрати и Маргот Валстром, шведската министерка за надворешни работи, која ги пренесе шведските искуства за родовата еднаквост и учеството на жените во политиката.

„Ќе воспоставиме посебно владино тело за родова рамноправност и ќе воспоставиме мрежа на стандардизирани институции чијашто обврска е заштита од домашно насилство, ќе предложиме нов Закон за родово базирано насилство и измени на Кривичниот закон, ќе воведеме програми за помагање на развојот на жените претприемачи, особено во руралните области, ќе се заложиме за вклучување на родовата перспектива во колективното договарање на сите нивоа.

Ќе предложиме воспоставување регионален родов омбудсман, кој ќе се грижи за реализација на политиките за еднакви можности, создавање регионална политичка академија за градење капацитети на политичките партии, финансирана преку ИПА, при што ќе предложиме Македонија да биде домаќин.

Ние веќе претставиме е-модули за родова еднаквост, подготвени со поддршка на UN Women, задолжителни за сите административни службеници. Министерството за образование ги повлече учебниците по граѓанско образование со стереотипи врз родова основа и се заложивме за заедничко користење на родителско отсуство на двајцата родители за првите 3 месеци“, истакна премиерот Зоран Заев.

Заложбите за родова еднаквост, рече Заев, се пред сè и над сè, одраз на тоа како ние ја гледаме нашата држава, а така го гледаме и светот, како општество на еднакви граѓани.

„Ние сме големо семејство на граѓанки и граѓани во кое над патријархалните норми и ставови сме овозможиле ’видливи‘ жени, што значи способни, мудри, храбри, жени кои рамо до рамо со мажите креираат политики на еднаквост на пазарот на трудот во политиката“, посочи премиерот.

Понатаму, на панел-дискусијата на настанот се говореше за можности и предизвици за жената политичарка, за што беа пренесени видувањата на парламентарките од Собранието на Македонија, кои преку Кубот на пратенички дејствуваат со заедничка и единствена цел – преку законски решенија да се постигнат родова еднаквост и унапредување на правата на жените, нивно активно вклучување во процесот на одлучување во државата, како и зајакнување и ширење на демократијата во сите сфери на македонското општество.

На панел-дискусијата говореа и: Ана Василева, активистка за родова еднаквост, проф. д-р Каролина Ристова-Астеруд и проф. д-р Ненад Марковиќ. Темата за жените политичарки на локално ниво, исто така, беше предмет на елаборација на конференцијата и за таа цел говореше д-р Гордана Силјановска-Давкова. На настанот имаше и проекција на филмот: „Ада за градоначалничка“. Завршна дискусија на настанот имаа: Ана Василева, активистка за родова еднаквост, Сара Миленковска, активистка и политикологот Лура Положани.

M.В