/ Прочитано:

2.359

(НЕ)ЗАДОЛЖИТЕЛЕН К-15: Некои работодавачи ќе може да го исплаќаат и симболично, велат од ОРМ

Вторник, 14 јули 2015 – Сојузот на синдикати на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонија постигнаа договор околу исплаќањето на регресот за годишен одмор, популарно наречен К-15.

Предвидениот К-15 од 8.400 денари може да биде намален и до „симболичен износ“

Од Организацијата на работодавачи за Академик велат дека договорот со Сојузот на синдикати бил постигнат и дека, според она што е договорено, обврската за работодавачите останува, но доколку одреден работодавач има, како што велат оттаму, финансиски тешкотии во работењето, тогаш износот на предвидениот К-15 од 8.400 денари може да биде намален и до „симболичен износ“.

„Спогодбата ја потпишавме, не е оспорено правото и обврската, но се предвидува уште еден член, според кој, во договор со синдикалниот претставник, може за одреден работодавач износот да биде намален или симболично да се исплати, во зависност од неговата финансиска моќ. Значи, обврската за К-15 останува, но доколку одреден работодавач преку конкретни показатели, на пример од Централен регистар или од ревизорски извештај, покаже дека не е во можност да исплати К-15, во согласност со синдикалниот претставник, односносо претставникот на работниците,тој износ може се намали или симболично да се исплати. Значи, максималната сума e 8.400 денари, минималната не е лимитирана.“

ССМ: Правото на регрес за годишен одмор може да се утврди и во помал износ од утврдениот

„Ценејќи ја економската и финансиската состојба, постоењето на последиците од економската, финансиска и должничка криза и потешкотиите кај одделни работодавачи, а со цел да се обезбеди сигурноста на работните места и елиминирање на опасноста од нивно губење, партнерите како исклучок договорија дека правото на регрес за годишен одмор може да се утврди и во помал износ од утврдениот, но само доколку се постигне спогодба потпишана од работодавачот и синдикалната организација, но по претходна задолжителна консултација со синдикатот на ниво на гранка или оддел. Кај работодавачите во кои нема формирано синдикат, спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците, велат преку соопштение од ССМ.

Во текот на преговорите меѓу ССМ и Организацијата на работодавачи на Македонија, идејата за исклучоци во однос на максималната исплата на К-15 ја истакна и претседателот на Организацијата, Ангел Димитров.

„Значи, при исплатата би се земала предвид економско–финансиската состојба на работодавачот и во таа насока би имало исклучоци во однос на исплатата на регресот за годишен одмор. Тоа лесно се утврдува преку документација, преку извештај од Централниот регистар, преку биланси и итн.“, вели Димитров, додавајќи дека на средбата е договорено формирање работна група која е должна да го утврди точниот текст на измените и дополнувањата“, рече тој.

На ваквиот став на Организацијата на работодавачи и ССМ реагираа од левичарските движења, кои посочија дека работниците не смеат да бидат инстанција во стопанските процеси врз чиј грб ќе се амортизираат финансиските проблеми.

„Работодавачите, за финансиските тешкотии со кои се соочуваат, нека  се обратат до Владата која ги генерираше лошите услови за стопанисување, а не, како по навика, да им ги кратат правата на работниците чиј труд, за жал, најчесто се користи за збогатување“, истакнаа од Синдикалната повелба.

ДИМИТРОВ: К-15 само за помоќните фирми, СИНДИКАЛНА ПОВЕЛБА: Измените се врз грбот на работниците

М.В / veljanoskim@akademik.mk