/ Прочитано:

3.216

Не запира трендот на иселување од Македонија – агенциите за посредување за вработување во странство вршат масовна регрутација

Според агенциите кои посредуваат за добивање работа во странство, најголемиот број кандидати кои сакаат да заминат од Македонија се на возраст меѓу 19 и 25 години. Станува збор за млади луѓе кои тука не успеале да го продолжат образованието, како и за оние кои се стекнале со високо образование, но не успеале да се вработат. Отворањето агенции кои посредуваат за вработување во земјите од Блискиот Исток беше во подем веднаш по ратификувањето на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Државата Катар за регулирање на вработување на работна сила во Државата Катар, кој беше склучен на 17 октомври 2011 година во Скопје.

терминал аеродром

Иселувањето на младите од Македонија е процес кој во последниве години е во постојан подем. Во отсуство на најважната статистичка метода – попис на населението, нема официјална бројка за иселени млади луѓе од земјава. И покрај тоа што на 30 ноември 2010 година, врз основа на членот 75, ставови 1 и 2  од Уставот на Република Македонија, Претседателот на Република Македонија и претседателот на Собранието на Република Македонија издадоа Указ за прогласување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во 2011 година, пописот што требаше да се спроведе од 1 до 15 април не се реализираше. Единствените податоци со кои располага македонската јавност се од Еуростат (Агенцијата за статистика при Европската Унија), која утврди дека од 1998 година до 2011 година имигрирале 230 илјади млади луѓе. Меѓутоа, според агенциите кои посредуваат за работа во странство, според организациите кои посредуваат за студии во странство, според граѓанските асоцијации кои се занимаваат со социоекономските прашања во Македонија, бројот на иселени е далеку поголем.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во II тримесечје од 2016 година, стапката на невработеност е 24 отсто, што е причина број еден поради која младите ја гледаат својата перспектива надвор од Македонија.

Милан Џилев, сопственик на „Прајорити солуции за вработување“, една од агенциите што посредува за работа во странство, вели дека оваа година спровеле масовна регрутација на млади луѓе кои сакаат да заминат во Дубаи и во Катар и да се вработат во угостителско-туристичкиот сектор. Тој нагласи дека станува збор за категорија млади лица на возраст од 19 до 25 години кои тука не успеале да го продолжат образованието, како и за оние кои се стекнале со високо образование, но не успеале да се вработат во Македонија. Објаснувајќи ја целата процедура за добивање работа во странство, Џилев нагласи дека секоја од агенциите која посредува за работа во странство мора да ги почитува одредбите од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, особено одредбата дека агенциите не смеат да наплаќаат за услугите.

„Користењето на услугите на советување за професионална ориентација е бесплатно и се врши на начин утврдени со акт на Агенцијата, во согласност со овој закон.“ (чл. 25)

„Посредување за вработување во земјата и странство врши Агенцијата.

Посредувањето за вработување Агенцијата го врши бесплатно и се спроведува непристрасно, под услови и на начин утврдени со овој закон.“ (чл. 26)

Во овој контекст, сопственикот на „Прајорити солуции за вработување“ вели дека многумина од кандидатите кои аплицираат во агенциите не знаат дека агенциите не смеат да им наплаќаат за целокупната постапка за добивање работа во странство, иако во членот 26 од Законот јасно е утврдено тоа.

Освен тоа, како што дообјаснува Џилев, на секои две години имаат законска обврска да ја обновуваат лиценцата на агенцијата за посредување за работа во странство.

„Потребната документација, во која се наведени сите услови кои треба да ги исполнува агенцијата, ја носиме во Инспекторатот на Министерството за труд и социјална политика и на секои две години ја продолжуваме лиценцата, односно дозволата за работа како агенција која посредува за вработување во странство. Досега преку „Прајорити солуции за вработување“ работа во Дубаи и во Катар обезбедија околу 120 луѓе од Македонија. Сите се на возраст меѓу 20 и 23 години. Само во последните два месеци имаме и неверојатна бројка на новорегрутирани кои чекаат одговор од компаниите со кои соработуваме. Во ниту еден момент не сме наплатиле за ниту една услуга што им ја даваме на луѓето кои добиваат работа во Дубаи или во Катар. Процентот го добиваме директно од компаниите“, вели Џилев.

Тој исто така нагласи дека отворањето агенции кои посредуваат за вработување во земјите од Блискиот Исток беше во подем веднаш по ратификувањето на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Државата Катар за регулирање на вработување на работна сила во Државата Катар, кој беше склучен на 17 октомври 2011 година во Скопје.

Катар

„Министерствата за труд и социјална политика на Република Македонија и на Државата Катар ги утврдија потребните правила и прописи за спроведување на одредбите од овој договор. Сите закони, вклучително и Законот за работни односи, во арапските земји се многу строги, така што одредбите мора да ги почитуваат двете страни, и работодавачите и вработените“, вели Џилев.

Ова го потврдија и менаџерите на одделите за човечки ресурси во две компании.

„Мора докрај да го исполниме потпишаниот договор, со кој им ги гарантираме сите права на вработените, без разлика од која земја доаѓаат. Сите имаат право на редовна исплата на платите, на точно определено работно време, на слободни денови, на годишен одмор… Поради непочитување макар и на еден договор може да заработиме и затворски казни. Меѓутоа, тоа е најмалку што може да се случи. Во случај да биде прекршен договорот за работа од наша страна, работникот може да поднесе тужба, а со тоа да биде урната и целата компанија. Во тој случај, казните се многу построги“, вели Шарбел Мана, генерален директор во „Палма хоспиталити“.

Сухаил Дакак, пак, директор на Секторот за човечки ресурси во компанијата „Ју си си“, вели дека и вработените целосно мора да го испочитуваат потпишаниот договор.

„Депортацијата е неминовна во случај некој од вработените сериозно да го прекрши договорот. Кога велам сериозно, мислам на постојано доцнење на работа, постојано користење пауза подолго од предвиденото, непристојно однесување, агресивност – сето тоа води кон добивање отказ и депортација во земјата од каде што дошол“, објасни Дакак.

Младите гледаат уште една можност да заминат од земјава и да ги уживаат сите права како и останатите европски граѓани преку добивање бугарско државјанство и бугарски пасош. Последните податоци од Министерството за правда на Република Бугарија потврдуваат дека речиси 60 илјади Македонци се здобиле со бугарско државјанство и со бугарска патна исправа, а повеќе илјади Македонци се во процес на добивање. Некои од нив со нетрпение го чекаат бугарскиот пасош.

бугарски пасош

„Неколку пати бев повикан на разговор во Софија. Ми дадоа бугарско државјанство. На интервјуата е потребно да кажете дека сте Бугарин, дека се чувствувате како Бугарин, дека имате бугарско потекло. Исто така, треба да ги знаете нивните национални празници и барем малку да го знаете јазикот. Добро поминав. Во јануари, евентуално во февруари 2017 година чекам Министерството за внатрешни работи да ми го издаде и пасошот. Потоа ниту еден ден не седам во земјава“, изјави Л. М.

Соговорникот нагласи дека единствената причина поради која се одлучил на ваков чекор е тоа што по цели 6 години не можел да најде работа во земјава, иако станува збор за личност со високо образование од Електротехничкиот факултет во Скопје.

Од земјава заминуваат и голем дел од средношколците, кои школувањето го продолжуваат на некои од универзитетите во Европа, во Соединетите Американски Држави, во Канада, како и во соседните држави, во Грција и во Бугарија. Интересот на средношколците за продолжување на образованието во странство е сè поголем, велат организаторите на седмиот саем по ред „Студирај во странство“, кој се одржа викендов во Скопје.

Универзитет Лајпциг

„Тука сум за да ги разгледам можностите што ми се нудат, иако веќе воспоставив директни контакти со повеќе универзитети во неколку западноевропски земји. Условите ги исполнувам. Потребно е знаење на јазикот на највисоко ниво за да се здобијам со диплома за завршено средно образование, со положена државна матура, но најмногу поени носат вонучилишните активности, како што се: вклученост во разни организации, волонтирање во невладини организации, разни проекти од областа на екологијата и слично. Се надевам дека ќе успеам. Тука не би го продолжил школувањето“, вели Мирослав Стојановски, средношколец.

Во Извештајот за миграциите и за нивното економско влијание во Источна Европа, што го објави Меѓународниот монетарен фонд во јули годинава, се наведува дека економската миграција бележи невиден раст во последниве пет години и дека емигрантите од источните земји во Европа се млади и со високо образование, што досега не беше случај.

А. Б.