/ Прочитано:

2.322

Нејасните закони, големите глоби и двојните казни – проблем за работењето на фирмите

Проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ е 4-годишен проект, финансиран од страна на УСАИД, а имплементиран од страна на ЕПИ ЦЕНТАР ИНТЕРНАЦИОНАЛ во партнерство  со Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија,  Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ.

„Со цел да се детектираат главните проблеми кои компаниите ги имаат во имплементацијата на законската регулатива, проектот спроведе серија активности со цел да се елиминираат или подобрат одредени законски решенија кои се пречка за развој на компаниите“, беше истакнато на денешната прес-конференција на Стопанската комора на Македонија.

Во декември 2016 година беше спроведена анкета меѓу компаниите преку која се детектираа клучните проблеми кои ги имаат компаниите и тоа во областа на даноците, царините, работните односи и животната средина.

Во текот на првата проектна година, покрај другите активности беа реализирани 18 инфо-сесии  и 5 форуми во повеќе градови во републиката, кои се однесуваа на горенаведените области.

„Целта на овие инфо-сесии или инфо-настани и форуми е  да се презентираат одредени законски решенија, да се укаже на потребата за усогласување на работењето на компаниите со регулативата од  областа на даноците и царините, работните односи и животната средина, презентирани од страна на експерти од тие области, но целта  е и да се чуе гласот на бизнис заедницата, да се дискутира за проблемите со кои се среќава во  секојдневното работење, а кои се однесуваат на имплементација на законските обврски“,  вели Павлина Димовска, правен советник во проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“.

На овие инфо-сесии во дискусија со компаниите, посочува Димовска,  се идентификуваа голем број проблеми со кои се соочуваат компаниите во текот на своето работење.

Од областа на  работните односи, идентификувани се како клучни: практична работа, практикантство, пред склучување договор за работа, можност да се ангажираат невработени лица  со оформено образование кои се надвор од образовниот процес, пред сè во дејнoста  вршење на интелектуалните услуги, што не е регулирано во рамките на ЗРО, потреба од постоење пробна работа пред склучување договор за работа, договор за вработување со вршење работа од дома, пред сè од ИКТ-секторот, прецизирање на обврските за исплата на регрес за годишен одмор во зависност од економската состојба, задолжителниот систематски преглед на вработените претставува  дополнително финансиско оптоварување на товар на работодавците. Компаниите предлагаат надоместокот за  оваа услуга да биде во рамките на задолжителното здравствено осигурување.

Од областа на царината беа посочени проблеми со  текстилниот отпад со неговото раздолжување и можноста за искористување/ рециклирање  на отпадот од „ЛОН“-производство, овој проблем беше посочуван од компаниите од текстилната и кожарската индустрија, и  се третираше како проблем и од областа на животната средина, развивање на етички кодекс за работа на царинските службеници, затоа што често пати како проблем беше посочуван субјективниот непрофесионален однос на дел од царински службеници, намалување на глобите, особено за незначителни прекршоци за кои се работи за очигледни технички грешки.

Од областа на даноците компаниите бараат брзо, целосно и безусловно враќање на ДДВ (враќањето да не биде условено од извршена контрола, рокот за враќање да се скрати, при плаќање на ДДВ да има премин од фактурирана ненаплатена реализација, намалување на казни  и укинување на казната за одговорното лице /двојна казна/, укинување на  мерката  забрана на вршење дејност поради сторен прекршок во согласност со Законот за регистрирање на готовински плаќања, сторнирање на обврската за плаќање на ДДВ во случај на траен отпис на побарувањето.

Од областа на животната средина повторно како проблем се појави текстилниот отпад, отпад кој се создава при кроење од „ЛОН“-производство каде што компаниите се обврзани по извршен надзор од страна на Царината да го депонираат на локалната општинска депонија што претставува дополнителен трошок за негово управување без можност за рециклирање. Проблеми се јавуваат и со примената на Законот за отпад, Законот за отпад од електрична и електронска опрема  и другите закони од областа на управување со отпад, бидејќи законските решенија се  нејасни, непрецизни, контрадикторни одредби и сето тоа создава правна несигурност и различно толкување и од надлежните органи. Потребна е поголема контрола на работата на компаниите кои имаат лиценци за постапување со отпад, особено за собирање на стари гуми и отпадни масла.  Малите и средните претпријатија се соочуваат со проблеми при подготовка на елаборатите за животна средина, долги и исцрпувачки постапки за добивање на дозволи, на пример, еколошките дозволи и недостаток на кредитирање (поволни кредити) на МСП, особено во делот на решавање еколошки проблеми.

M.В