/ Прочитано:

1.072

Неодамна светилките, вчера правосмукалките, утре којзнае: домаќинствата во ЕУ сè поштедливи во трошењето електрична енергија

Вторник, 2 септември 2014 – Први септември донесе крупна новина на внатрешниот пазар на Европската унија: продажбата на правосмукалки со мотори, чијашто моќност надминува 1600 вати, замина во историјата.

Директивата за енергетска ефикасност што влезе во сила вчера предвидува прекин на производството на правосмукалки со снага поголема од 1600 вати, како и на триесетина други електронски уреди, чија моќност ќе биде етапно намалувана во наредните години. Со тоа, до 2017 година, ниту една правосмукалка на пазарот на ЕУ не ќе смее да биде појака од 900 вати.

Иако сè уште не се знае кои апарати од домаќинството ќе се најдат на списокот за забрана, бирократите во Брисел се единствени во својата цел: снижување на потрошувачката на електрична енергија. Додека Брисел уверливо тврди дека моделите со пониска моќност се поефикасни и ќе придонесат кон заштедувањето пари, противниците велат оти помалата моќност значи дека на потрошувачот ќе му треба повеќе време за смукање, со што, според нив, во целост се погазува наводниот позитивен ефект на заштеда.

Првпат во историјата на потрошувачкото општество на ЕУ, електронските уреди ќе носат ознаки со буквите од А до Г, коишто ќе укажуваат на количеството искористена енергија, на степенот на ефективно чистење на тврди површини и на теписи, на испуштањето прашина, како и на јачината на бучавата. Многубројни експерти веќе предупредија дека послабите правосмукалки негативно ќе влијаат врз астматичарите и врз алергичните, бидејќи машините не ќе бидат доволно моќни за да ја впијат секоја прашинка или да го соберат секое влакно од домашните миленици.

 Дотолку повеќе, критичарите се уверени дека новите модели нема ефективно да си ја вршат својата работа при чистењето, што би значело дека потрошувачот ќе биде присилен да чисти многу почесто од порано. Без оглед на разногласието, технолошкиот напредок на потрошувачот не му се остава голем простор за маневрирање: флуоресцентните фасонки се заменија со штедливи светилки; телевизиските приемници со катодна цевка се заменија со ЛЕД екрани, а фрижидерите од А++ класа дојдоа на местото на старите ладилници од Ф и Г класа.