/ Прочитано:

2.259

Неопходни се измени во регулативата за здравствена заштита со цел унапредување на правата на лицата со инвалидитет

За разлика од развиените држави, каде што постојано се унапредуваат политиките во образованието и здравството, каде што ортопедските помагала се софистицирани и целосно покриени од ресорните министерства, центрите за рехабилитација се на највисоко ниво, сите досегашни анализи направени кај нас покажуваат дека лицата со инвалидитет се на маргините во општеството.

Само со потврда од доктор специјалист можев да добијам ортопедски чевли од Центарот за ортотика и протетика „Славеј“ АД Скопје. Со потврдата 80 отсто од трошоците за чевлите беа покриени од Фондот за здравствено осигурување, а останатите 20 отсто се партиципација која морав да ја платам јас, како пациент, вели Светлана Симоновска, која повеќе од 12 години се соочува со хендикепот хемипареза предизвикан од мозочен удар. 

„Имам среќа што по толку години веќе не ги носам чевлите, но кога со еден збор би требала да кажам низ што сè морав да поминувам за земање на секој пар ортопедски чевли, би рекла: катастрофа. Процедурата ниту беше едноставна, ниту беше брза, ниту пак евтина. Само партиципацијата за моите ортопедски чевли ме чинеше околу 3 и пол илјади денари. Освен тоа, сметам дека би било идеално за пациентите кога во Центарот за ортотика и протетика „Славеј” АД Скопје би имало постручни лица, кои би можеле да издаваат потврди со цел пациентот да не се шета од институција до институција“, вели Симоновска.

Таа појаснува дека во оваа институција се соочила и со друг проблем. 

„Во чевлите коишто ги носев беа вградени шини кои ми правеа рани на нозете. По извесно време сфатив дека раните се резултат на поместувањето на шините кои ги изработуваат мајстори во „Славеј“ и тоа најчесто без надзор и без контрола извршена од страна на лекар. По неколку корекции, шините се искривија и одењето ми беше речиси целосно оневозможено. Кога побарав да ми изработат нови чевли бидејќи вината беше нивна, без да одам по најдалечниот пат: општ лекар – упат – доктор специјалист – потврда од социјално, едвај се согласија. Иако директорот ми потврди дека ќе ми бидат изработени нови чевли со нови шини, тие се обидоа да ми дадат чевли со странична потпора во замена за шините. Силно се спротивставив и на ова, па конечно добив нови чевли. Сакам да кажам дека јас не сум единствениот случај што се соочил барем со еден проблем. Има и многу други лица со хендикеп кои минуваат низ вистински пекол“, потенцира Симоновска.

Од Центарот за ортотика и протетика „Славеј“ АД Скопје појаснуваат дека осигуреното лице го остварува правото на ортопедски и други помагала на товар на ФЗО според индикациите утврдени во Правилникот за индикации за остварување на право на ортопедски и други помагала (Сл. весник бр. 33 од 17.3.2011), а тоа се: медицинска дијагноза, возраст на осигуреното лице за одредени видови помагала, станбено-комунални и други услови кои се од значење за користење и за правилна примена на одредени видови помагала.

Потврда за ортопедско помагало може да издаде доктор специјалист од одредена специјалност (наведени во шифрарникот на помагала, објавени од страна на ФЗО на Република Македонија, Сл. весник бр. 33 од 17.3.2011) или избран доктор, само од здравствена установа која има склучено договор со Фондот. Нестандардното ортопедско помагало е целосно на товар на осигуреникот.

Според претседателот на Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност во Македонија, Бранимир Јовановски, Законот за здравствено осигурување не функционира најдобро и треба што побрзо да претрпи измени. Партиципацијата на лекарствата и ортопедските помагала за лицата со хендикеп е премногу голема, а квалитетот на ортопедските помагала е недоволен.

Во однос на здравствената заштита на лицата со инвалидност потребно е уште многу да се работи во делот на ослободување од партиципација во примарното и секундарното здравство, зголемување на листата на лекови кои помагаат во нивниот третман, бесплатно бањско лекување“, посочува Јовановски.

За разлика од развиените држави, каде што постојано се унапредуваат политиките во образованието и здравството, каде што ортопедските помагала се софистицирани и целосно покриени од ресорните министерства, центрите за рехабилитација се на највисоко ниво, сите досегашни анализи направени кај нас покажуваат дека лицата со инвалидитет се на маргините во општеството.

Според здруженијата за правата на хендикепираните лица, загрижува и фактот што Македонија како потписничка на Конвенцијата за правата на хендикепираните лица не ги почитува одредбите од овој исклучително важен документ. Имено, како што велат, според членот 25 од Конвенцијата, кој се однесува на здравствената заштита, институциите во државата мора да ги преземаат сите соодветни мерки за да обезбедат пристап на лицата со инвалидност до здравствените услуги.

Исто така, повикувајќи се на оваа конвенција, здруженијата за правата на лицата со инвалидност велат дека земјите потписнички признаваат дека лицата со инвалидност имаат право да уживаат највисоки здравствени стандарди без дискриминација врз основа на инвалидност, како и тоа дека земјите потписнички преземаат ефикасни и соодветни мерки, вклучено и преку еднаква поддршка за да им се овозможи на лицата со инвалидност да постигнат и да одржуваат максимална независност, целосна физичка, ментална, социјална и стручна способност и целосна вклученост и учество во сите аспекти на животот.

А. Б.