/ Прочитано:

1.145

Неплаќањето надоместок од страна на некои корисници за користење авторско дело е противуставно, смета судијата Мурати

Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на членот 137 став 1 точки 6 и 11. За разлика од мнозинството уставни судии, уставниот судија Сали Мурати смета дека оспорените одредби се во спротивност со Уставот на Република Македонија.

Извршители

Од Законот за авторското право и сродните права оспорена е точка 6, став 1 од членот 37 кој се однесува на надоместоците за користење на авторското дело, каде што се пропишува дека кога користењето на авторското дело, односно предметот на сродните права, се врши од страна на непрофитна радио-телевизиска организација, надоместокот за користењето не се плаќа.

Исто така, во оспорената точка 11 од истиот став и член се пропишува дека не се плаќа надомест за користење на авторското дело, односно предметот на сродните права, во простории во кои занаетчиска дејност врши физичко лице – занаетчија регистриран во Регистарот на занаетчии; музеи, галерии и други простории во кои се врши организирање и јавно изложување на оригинали или примероци на дела од ликовната и применетата уметност, оригинали на книжевни или музички дела и други уметнички предмети; одморалишта и планинарски домови; трговски и други производствени погони и  превозни средства во јавен линиски превоз на патници и автотакси превоз на патници.

Според Судот, со оспорените одредби од членот 137 став 1 точка 6 и 11 од Законот за авторското право и сродните права не се доведува во прашање правото на авторите и носителите на сродните права на правичен надоместок, односно, како што се вели во Иницијативата поднесена до Судот, правата што произлегуваат од научното, уметничкото и интелектуалното творештво што се гарантирани со член 47 од Уставот.

Според оцената на Судот, оспорените одредби треба да се анализираат во корелација со останатите одредби од Законот за авторското право, посебно со одредбата од членовите 51 и 52 од Законот за авторското право, кои допуштаат користење на авторското дело без дозвола и без надоместок и кои ги утврдуваат критериумите за таквото користење.

„Судот исто така смета дека оспорената одредба од членот 137 став 1 точка 11 треба да се оценува во корелација со одредбата од точката 10 на истиот член, во која е утврдена обврска за плаќање на надоместок во паушални износи во случај кога користењето на авторското дело, односно предметот на сродните права не е нужно за вршење на дејноста на корисникот, меѓутоа придонесува кон зголемување на пријатноста на крајните корисници на нивните услуги (сместувачки капацитети, хотели, изложбени простори, угостителски објекти, превозни средства и други слични дејности), така што изземањето на определени категории на субјекти во оспорената точка 11 претставува само исклучок од правилото за плаќање во точка 10. Овие исклучоци, според оцената на Судот, се разумни и оправдани и не ги повредуваат легитимните права на авторите и носителите на сродните права“, се вели во Решението на судот.

Судот оцени дека користењето на авторските дела и предметите на сродните права од страна на субјектите кои се наведени во точката 11, како субјекти кои се изземени од плаќањето на авторскиот надоместок, претставуваат посебни случаи кои не се во спротивност со нормалното користење на делата и не претставуваат неразумна штета по легитимните носители на правата. Ослободувањето од плаќањето на надоместокот од страна на непрофитните радио-телевизиски организации (точка 6), Судот смета дека е оправдано и прифатливо особено ако се има предвид целта на непрофитните организации и нивната општествена улога и функција.

За разлика од мнозинството уставни судии, уставниот судија Сали Мурати смета дека оспорените одредби се во спротивност со Уставот на Република Македонија.

„Со одредбите од членот 137 став 1 алинеи 6 и 11 од Законот за авторското право и сродните права, со кои определени корисници се изземени од обврската за плаќање на авторски надоместок за користење на авторското дело, односно предмети на сродни права, се задира во интелектуалната сопственост на авторите и носителите на сродните права, односно им се ограничуваат нивните имотни права, спротивно на членот 30 и членот 47 став 2 од Уставот, поради што сметам дека оспорените одредби од Законот, не се во согласност одредби од Уставот на Република Македонија, поради што и го изнесувам моето спротивно становиште“, вели судијата Мурати.

М.В