/ Прочитано:

828

Непоколебливи и солидарни: Српските адвокати комплетно го парализираа правосудството

Четврток, 18 септември 2014 – Работата на полицијата, обвинителството и судовите во Србија заради адвокатскиот штрајк се потполно парализирани. Според најавите на адвокатите и Комората, следните денови ќе бидат одложени скоро сите судења и истраги, а нема да има ниту сослушувања во полицијата за случаите во кои е непходно присуство на адвокат.

Претседателот на Дисциплинскиот суд на Адвокатската комора, Драган Палибрк, вели дека адвокатите ќе бидат доследни во штрајкот, но и дека ќе можат да ги посетуваат клиентите и да имаат средба со нив во канцелариите или во притворот, како и да поднесуваат одредени акти за да се испочитува рокот за конкретен предмет.

„Нашите барања се познати и реални. Адвокатите не се проблем, државата е проблемот“, вели Палибрк, кој патем укажува и на тоа дека евентуално непочитување на одлуките на Адвокатската комора од одредени членови – адвокати значи и нивно губење на адвокатската лиценца затоа што тоа претставува тешка дисциплинска повреда.

Драгољуб Ѓорѓевиќ, претседател на Aдвокатската комора на Србија

„Протестот на адвокатите започна вчера во цела Србија и ќе трае додека не се исполнат барањата на адвокатите како што се намалувањето на давачките и дискриминацијата на адвокатите во однос на нотарите“, вели Драгољуб Ѓорѓевиќ, Претседател на Адвокатската комора на Србија.

Поради новите даноци, белградските адвокати штрајкуваа и минатата среда, но и претходно, а вчера и денеска кон нив се приклучија адвокати од цела Србија.

Солидарно, тие се против повеќекратното оданочување на нивната дејност и бараат од Министерството за финансии да ги стави вон сила новите решенија, а кои се однесуваат на адвокатурата и плаќањето на новите финансиски обврски, но исто така бараат и измени на законите за нотаријатот и вонпарнична постапка.

Покрај новите оданочувања, причина за штрајкот е и донесувањето на разни прописи со кои се одземаат надлежностите на адвокатите и им се доверуваат на нотарите и медијаторите.

Адвокатите се револтирани и од самиот начин на утврдување на новите давачки кои според нив, се засновани на „нејасни и неодредени критериуми“, а реформите во правосудството ги оценуваат како тенденциозни, дискриминирачки и неуспешни, за што и бараат оставка од министерот за правда, Никола Селаковиќ.

ОДЛОЖЕНИ ПОВЕЌЕ ОД 40 СУДЕЊА

Заради штрајкот на адвокатите, само вчера во најголемиот суд во земјата, Вишиот суд во Белград, одложени се 37 кривични постапки, додека во посебното одделение на овој суд одложени се четири постапки.

(М.В)