/ Прочитано:

1.761

Неразбирливите закони кои често и брзо се менуваат се голем проблем за фирмите

Брзото и често менување на регулативите е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат микро, малите и средните претпријатија во Република Македонија.

Тешко приспособување на прописите од работните односи и даночната политика

За фирмите, велат од Стопанската комора, е особено тешко да се приспособат на законите за работни односи и за безбедност и заштита при работа, а не помали пречки им се и правата и обврските од законите за даночна и царинска политика, животна средина и урбанизам.

„За што подобро информирање на компаниите, но и за детектирање на нивните проблеми, почнуваме со т.н. инфо-сесии, вкупно 18, во десет градови низ Македонија. Стартот е задутре, 22 март, со првиот информативен настан во Велес. Клучни сектори што ќе бидат опфатени со анализите се: земјоделството, текстилот, градежништвото, ИКТ и туризмот“, вели Јадранка Аризанковска, виш советник во Комората.

Информативните настани ќе се одржуваат до 7 јуни годинава, во Велес, Куманово, Тетово, Кавадарци, Битола, Струга, Охрид, Струмица, Штип и Скопје.

Потребно е информирање и детектирање на промените

Инфо-сесиите, образложуваат од Стопанската комора, се дел од проектот на УСАИД што го спроведува „Епицентар интернационал“ – Скопје во партнерство со Стопанската комора на Македонија, Комората за информатичка и телекомуникациска технологија МАСИТ и Стопанската комора на Северозападна Македонија. Целна група се сите микро, старт-ап, мали и средни претпријатија, но не е исклучена можноста и за присуство на претставници од големите компании.

Целта, вели директорот на „Епицентар интернационал“ – Скопје, Љупчо Димовски, е двојна – подобра усогласеност на бизнисот со законската регулатива преку информирање и детектирање на промените што фирмите би сакале да ги видат во соодветните регулативи.

Законите, наместо да ја олеснат, дополнително ја комплицираат работата на компаниите

Неразбирливоста на законите како проблем беше потенцирана и во рамки на презентацијата на проектот за поддршка на микро, малите и средните претпријатија. Полесно имплементирање на законите и јакнење на јавно-приватниот дијалог се целите на новиот четиригодишен проект со кој првпат, во насока на донесување подобра бизнис-регулатива, капацитетите ги здружуваат Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ).

Законите во  последниве години, наместо да ја олеснат и да ја поедностават, дополнително ја комплицираат работата на компаниите. Законите, беше потенцирано на овој настан, се добри на хартија, но во практика создаваат проблеми.

Се носат закони преку ноќ

Законите често се менуваат и не се разбирливи. Од тие причини, законите тешко можат да се следат и да се применуваат. Во 2015 година Собранието донесе 541 закон, од кои 57 отсто преку ноќ, без јавни консултации. Иако тоа беше во насока на подобрување на регулативата, сепак, беше нагласено на настанот, се покажа како голем предизвик за бизнисите и за нивните напори да се приспособат кон направените промени.

Честата промена на законите и невклученоста на деловната заедница во јавните расправи се проблем и за странските инвеститори. Исто така, поефикасната администрација и поедноставувањето на административните постапки и правните процедури се клучните прашања на кои посочуваат инвеститорите, а кои се нагласени во Белата книга на Советот на странски инвеститори.

М.В