/ Прочитано:

896

НЕВИН ЗАД РЕШЕТКИ: Американец пуштен на слобода по четири децении одлежани во затвор

По четири децении зад решетки, Рики Џексон, припадник на црната раса од сојузната држава Охајо, е пуштен на слобода. Џексон бил осуден на смртна казна врз основа на фиктивно сведоштво на малолетник – присилен на лажна изјава од страна на полицијата. Досега, ниеден граѓанин на САД не отслужил невин толку долга затворска казна, тврди неговиот адвокат-раководител на проект за докажување на невиноста и за рехабилитирање невини осуденици по пуштањето на слобода. Од 1973 година наваму, Џексон е 149 кандидат осуден на смртна казна, којшто подоцна бил прогласен за невин – како и петти ваков случај оваа година.

Рики Џексон, припадник на црната раса и жител на сојузната држава Охајо, по речиси четириесет години поминати во затвор е пуштен на слобода. Џексон бил осуден на смртна казна врз основа на лажни сведоштва на малолетно лице. Досега, ниеден граѓанин на САД не отслужил невин толку долга затворска казна, тврди Марк Годисеј, адвокат на затвореникот и раководител на проектна организација за рехабилитирање невино осудени лица и за поттикнување реформи во кривичниот правосуден систем, со цел во иднина да се спречат слични неправди.

Џексон, денес на возраст од 57 години, беше осуден на смрт во 1975 година, бидејќи со двајца соученици, во продавница за намирници убил припадник на белата раса и тешко ранил една жена. Тогаш имал само 18 години. Пресудата била донесена врз основа на искази на 12-годишен сведок, којшто тогаш ги идентификувал наводните сторители. Дури како возрасен човек му доверил на свештеник дека воопшто не бил сведок на настанот и дека во моментот на убиството се наоѓал во училишниот автобус, оддалечен неколку блокови од местото на настанот.

Со повлекувањето на првичната изјава пред надлежниот суд, лажниот сведок го расчистил патот кон слободата на Џексон, кој сите овие години не престанал да ја потврдува својата невиност. Поради недоследности во судската постапка и поради тогашниот времен мораториум на смртната казна во Охајо –која денес повторно се применува – неговата смртна казна била преиначена во доживотна затворска казна во 1978 година. На денот на ослободувањето, судијата на Џексон му порачал: „Животот е исполнет со мали победи, а оваа е голема победа“.

 Проблемот и натаму лежи во практиката на лажно сведочење

И покрај децениската неправедност што му е нанесена, Џексон се покажа во јавноста смирен и сталожен. Во својата изјава пред камерите објасни дека тогашниот сведок бил присилен на лажна изјава од страна на полицијата, но истакна дека не го мрази и дека му посакува сè најдобро во животот. Според податоците на тамошниот Информативен центар за смртната казна, од 1973 година до денес, Џексон е 149 кандидат осуден на смртна казна, којшто подоцна бил прогласен за невин. Дотолку повеќе, Џексон е петти ваков случај во текот на оваа година.

По речиси 15 илјади ноќи поминати во ќелија, Џексон излезе минатиот петок (21.11.2014) на слобода, без скршена пара во џебот и без зимска облека. Организацијата за докажување невиност ќе му помага и ќе го поддржува сè додека не се добијат изгледи за можна отштета од државата. Оттаму објаснуваат дека мнозинството невини осуденици излегува од затвор без голема помпа, без какво било извинување и без покрив над главата. Нивната интеграцијата е различна од држава до држава и затоа е многу важно да им се помогне уште по самото излегување од затвор.

Од друга страна, коренот на проблемот и натаму лежи во практиката на лажно сведочење, коешто најчесто се изведува во замена за соодветна награда: извесна сума пари или избегнување казна. Лажното сведочење, велат од организацијата, за многумина е последна шанса да добијат нешто во своја корист. На пример, ако некому му се заканува казнена пресуда, лажното сведочење може да го искористи како последна можност да ја избегне затворската ќелија. Некои, пак, одат дотаму, што самите се пазарат за својата наградата или настојуваат да се изборат за посебен третман.

САД се една од последните земји во светот, каде што смртната казна сè уште наоѓа своја примена. Со оглед на лесниот пристап до оружје, тамошното јавно мислење и натаму е во голема мера наклонето кон смртната казна. Бидејќи според своето уредување е сојузна држава, сите држави го задржуваат правото на самостојно уредување на законите за смртната казна. Според принципите на Роберт Бадинтер, укинувањето на смртната казна останува единствен лакмусов тест за цивилизираното општество што го почитува човечкиот живот како неприкосновена вредност.


Подготви: Далибор Стајиќ Објавено: 24.11.2014