/ Прочитано:

2.412

Независниот синдикат на „Нова Македонија“: Вработените на работ на егзистенција

Задоцнетата исплата на плати во дневниот весник „Нова Македонија“ континуирано трае веќе неколку години, се вели во денешната реакција на Независниот синдикат на вработените во овој медиум. „Наместо состојбата да се подобрува, како што ветуваше менаџментот, таа само се влошува и долгот на фирмата кон вработените се зголемува. Исто толку време ние немаме здравствено осигурување бидејќи сопственикот на весникот, Минчо Јорданов, не ги уплаќа навреме здравствените придонеси и поради тоа мора да се лекуваме на сопствен трошок, што е речиси невозможно бидејќи во мај ја чекаме јануарската плата и немаме пари да ги платиме високите сметки за приватно лекување“, истакнуваат од Синдикатот.

Независниот синдикат на вработените во дневниот весник „Нова Македонија“ денеска соопшти дека од почетокот на годинава не им е исплатена ниту една плата на вработените и дека тие се доведени до степен на очај и на работ на егзистенција. Во реакцијата на Синдикатот по повод ваквата сериозна состојба во овој медиум, се вели дека задоцнетата исплата на плати континуирано трае веќе неколку години.

„Наместо состојбата да се подобрува, како што ветуваше менаџментот, таа само се влошува и долгот на фирмата кон вработените се зголемува. Исто толку време ние немаме здравствено осигурување бидејќи сопственикот на весникот, Минчо Јорданов, не ги уплаќа навреме здравствените придонеси и поради тоа мора да се лекуваме на сопствен трошок, што е речиси невозможно бидејќи во мај ја чекаме јануарската плата и немаме пари да ги платиме високите сметки за приватно лекување. Иако во неговата корпорација спаѓа и болницата ‘Ремедика’, Минчо Јорданов ниту еднаш досега не понудил бесплатно лекување во неговата болница за вработените, што само покажува колкава е неговата грижа за здравјето на работниците. Директорот на „Нова Македонија“, Ратко Лазаревски и главниот уредник Александар Димковски со години нè лажат дека состојбата ќе се подобри. Последна лага беше дека сопственикот Минчо Јорданов обезбедил средства да ни врати дел од парите што ги должи и дека до јуни годинава неговиот долг кон нас ќе се сведе до минус две плати, но наместо забрзана исплата на заостанатите плати, долгот во изминативе месеци се зголеми“, истакнува Независниот синдикат на вработените во „Нова Македонија“.

Оттаму потенцираат дека уште поголем револт создава тоа што главниот уредник Александар Димковски одбива да разговара за платите, а истовремено бара секојдневно извршување на работните обврски. Велат и дека директорот Ратко Лазаревски воопшто не се појавува на работа за да им образложи или да им даде каква било информација за платите.

„Затоа јавно прашуваме: Зошто Управата за јавни приходи, Трудовата инспекција и другите надлежни институции го толерираат ваквото незаконско работење на г. Минчо Јорданов? Како е можно г. Минчо Јорданов во чија сопственост се компании како ‘Бетон’, ‘Факом’, кои заработија милиони евра од државните проекти како ‘Скопје 2014’ и кои редовно се рекламираат на насловната страна на весникот да нема пари за исплата на плати на вработените во ‘Нова Македонија’? Дали пропаѓањето на ‘Утрински весник’ и ‘Вест’ и незавидната состојба во која е втурната ‘Нова Македонија’ имаат политичка заднина и обид со притисок, односно неисплата на плати да се замолкнат и новинарите на првиот дневен весник во Македонија ‘Нова Македонија’? Искрено се надеваме дека ќе ни помогнете за нашата мака да ја чујат целата македонска јавност и надлежните институции, бидејќи состојбата во ‘Нова Македонија’ станува неподнослива“, се наведува во денешната реакција на Независниот синдикат на вработените во „Нова Македонија“.

А. Б.