/ Прочитано:

1.771

НИКОЛА ДОДЕВСКИ: „Непријателот на адвокатурата е менталниот склоп кој ги смета адвокатите за нужно зло!“

Говорот на Никола Додевски, претседател на Адвокатската комора на Република Македонија, по повод 70 години македонска адвокатура, одржан на 60-тото годишно собрание во Охрид.

„Денес е прекрасен момент за одбележување и почит, но и за укажување 70 години адвокатура на Република Македонија, 70 години различни времиња, различни периоди кои не само за адвокатите, но особено за адвокатите биле и се тешки времиња. Во тие тешки времиња адвокатите секогаш биеле битки за својата професија, за своето место во општеството и за своето право да ги штитат правата на другите и тоа да го чинат независно и без притисок. За жал, и денес адвокатурата на Република Македонија сè уште мора да се бори за својата вистинска улога и за почитта што ја заслужува во општеството.

Но, за битка треба да имате дефиниран непријател, инаку сè би било само празен збор. Па, ајде да го дефинираме непријателот на адвокатурата, не само во Македонија туку и во многу други држави и во регионот. Толку многу адвокати сме сега на едно место, што е логично да сме и директни и да не ги прескокнуваме фактите.

Сметам дека главниот непријател на адвокатурата е менталниот склоп кој адвокатите и адвокатурата ги сметаат за нужно зло, за противници на државата, за противници на судиите и на обвинителите и заради тоа не смеат да добијат вистинска рамноправност со другите учесници во постапките. А и ако ја добијат рамноправноста во законот, да не ја добијат во примената на законот.

Со тоа се соочува адвокатурата во Македонија, и вчера и денес, но да ги соединиме силите тоа да не биде и утре. Да бидеме заедно ако веќе дефинираме непријатели да ги немаме меѓу нас, да бидеме сите такви какви што треба за адвокатурата да го најде своето вистинско место.

На различни начини се изразува ваквиот третман на адвокатите и би било потребно уште неколку претпладниња да редиме примери, но барем неколку сум должен да назначам.

Јас многу мразам да повторувам работи, но, за жал, и на минатото собрание и на минатата годишнина и на пред минатата го изразивме нашето задоволството од многуте нови законски решенија кои, благодарејќи на иновациите на компетентните субјекти и со учеството на адвокатурата и на АКРМ, се донесоа како одлучни законски решенија кои ги чекавме со години, меѓу кои се тонското снимање на судењата и електронската достава. Овие новитети адвокатите ги поздравија веднаш. Но, тогаш го споменавме и можниот отпор кон новите решенија. За жал, персоналниот отпор на тие што се должни за примена на законите е причина поради која сè уште не функционираат овие законски решенија. Потенцирам и повторно мораме да констатираме, има отпори кон сите нови законски решенија. Отпорите точно знаеме каде да ги лоцираме, тоа се персонални отпори во фелата која сака да ги заштити своите слабости преку одбегнување и пролонгирање на решенијата. Оправдувања од типот технички неможности за адвокатите се неприфатливи и претставуваат само криење зад вистинските причини.

Други начини на кои во секојдневието се манифестира отпорот и недоволниот третман на адвокатурата се повеќе – еве го нагласувам и најновиот, кој го имаме за предмет на анализа во последно време, а тоа е обидот да се навлезе во суштествената работа за адвокатурата, тоа е начинот на вреднувањето на адвокатската тарифа. Непримерно и неприменливо се изразуваат лични ставови преку обиди на едукација на судии да кажат дека во одредени ситуации на адвокатите не им припаѓа награда, дека тарифата треба поинаку да се третира – тоа се состојби што ја манифестираат негативната клима кон адвокатурата во Република Македонија.

Едноставно, не постои причина за некому да му пречат адвокатите. Адвокатите се последното место и за тие што се силни и за тие што се слаби, и за тие што се политички надмоќни еден ден да се обратат кај адвокатите за помош. Помошта, последната сламка за спас, ја бараат кај нас.

Што сакаме ние понатаму? Сакаме и се залагаме за понатамошен развој на адвокатурата, бараме заштита на темелните права, понатаму, воведување современи постапки во сите процедури – граѓански, кривични и нивно доследно применување во практиката. Не сакаме добрите решенија да останат празно слово на хартија. Затоа ќе се залагаме да го надминеме тоа и на тој начин ќе ја добиеме битката против луѓето чиј ментален склоп е таков што ги сметаат адвокатите за непријатели и за нужно зло и ќе победиме!“

 М.В / 28.05 2015