/ Прочитано:

950

НИМИЦ: „Народите имаат свој идентитет и за него не се преговара“

Вторник, 29 јули 2014 – Преговорите со Грција се околу разликите за името, но и не за идентитетот изјави денеска медијаторот за спорот со името Метју Нимиц, нагласувајќи дека негова заложба и мисија е да ги усогласи македонската и грчката страна околу разликите за името.

Нимиц го поддржува интересот што германската канцеларка Ангела Меркел го покажала за решавање на името бидејќи многу земји се заинтересирани за стабилноста на регионот.

„Прашањето за името на Македонија е прашање кое засега многу земји вклучувајќи ги САД и Германија и многу земји сакаат да го видат решено со оглед на случувањата во светот. Проблемите не треба да се оставаат да тлеат, туку да се решаваат навремено“, изјави Нимиц на прес-конфернцијата во Владата, по средбата со премиерот Никола Груевски.

Тој ги оцени како конструктивни разговорите со премиерот Груевски и очекува и грчката страна да покаже конструктивност, воедно потенцирајќи дека идентитетот не е предмет на преговори.

„Народите имаат свој идентитет и за него не се преговара, туку го креираат со своите дела и културата“, рече Нимиц, одбивајќи да ја коментира изјавата на Самарас за непостоење на македонски јазик, затоа што, како што рече, одбива да коментира поединечни изјави.

Медијаторот денеска во Скопје се сретна со претседателот Ѓорѓе Иванов, со шефот на дипломатијата Никола Попоски, како и со новиот македонски претставник во разговорите за името Васко Наумовски. Од Скопје Нимиц утре заминува за Атина на средби со грчкото раководство.