/ Прочитано:

1.328

Ниска свест во институциите за Законот за заштита на укажувачи, се констатира во Годишниот извештај за примени пријави од укажувачи

Резултатите и искуството од досегашната примена на Законот за заштита на укажувачи покажуваат незадоволително ниво на спроведување на Законот, се вели во Годишниот извештај за примени пријави од укажувачи, подготвен од Министерството за правда.

Недоволно изразена политичка волја и ниско ниво на свест

Незадоволителното ниво на спроведувањето на Законот, се вели во Извештајот испратен до Собранието на РМ, првенствено се должи на недоволно изразената политичка волја за добро управување и за воспоставување на системот на заштитено пријавување и заштита на укажувачите.

Исто така, незадоволителното ниво се должни и на недоволно спроведените активности за подготовка на засегнатите страни за примена на Законот, потоа на отсуството на стратегија и на непостоењето надлежна институција за надзор на примената на Законот.

Ниското ниво на свест на раководните лица, на лицата овластени за примање пријави од укажувачи и на лицата вработени во институциите во јавниот сектор, како и на пошироката јавност за воспоставениот систем за пријавување и заштита на укажување, исто така е причина за незадоволителното ниво за спроведување на Законот за заштита на укажувачи.

Во Извештајот се препорачува Законот за заштита на укажувачи да претрпи измени, да се усогласат законите од трудовоправната област со законските решенија за укажувачите, да се измени и да се дополни регулативата за спречување на корупцијата, како и да се врши континуирана едукација во насока на јакнење на јавната свест и знаење за примената на Законот за заштита на укажувачи.

Ниту една пријава од укажувачи не е доставена до Државната комисија за спречување на корупцијата

Инаку, и Државната комисија за спречување на корупцијата констатира незадоволително ниво на примена на Законот за заштита на укажувачите. Според податоците на Комисијата,  ниту една пријава од укажувачи не е доставена до Државната комисија за спречување на корупцијата.

„Анализата на полугодишните/годишните извештаи за приемни пријави од укажувачи доставени од страна на институциите до Државната комисија за спречување на корупцијата во текот на 2016 година и податоците во нив дека не е евидентирана ниту една пријава доставена од укажувачи покажаа дека свеста на овластените лица и на лицата вработени во институциите од јавниот и приватниот сектор, како и на пошироката јавност, за воспоставениот систем на пријавување и заштита на укажувачите е на многу ниско ниво, и оттаму е неопходна силна медиумска кампања за подигање на јавната свест“, истакнуваат од Државната комисија за спречување на корупцијата.

Измените на Законот за заштита на укажувачи влегуваат во собраниска процедура

Со предложените измени на овој закон, кои влегуваат во собраниска процедура, се врши усогласување со меѓународните стандарди пропишани во оваа област и се обезбедува поголема заштита на укажувачите. Основна цел на предложениот закон е усогласување на Законот за заштита на укажувачи со препораките во однос на истиот дадени со Мислењето на Венецијанска комисија бр. 829/2015 од 15.03.2016 година, надминување на непрецизноста и обезбедување внатрешна усогласеност на законските одредби што ги уредуваат каналите за заштитено пријавување и заштитата на укажувачите.

Исто така, се вели во законското образложение, целта на носењето на овој закон е унапредување на легислативата со која се уредуваат каналите за заштитено пријавување и заштита на лицата (укажувачите) кои заради заштита на јавниот интерес пријавуваат незаконито и недозволиво постапување во јавниот и во приватниот сектор, на начин утврден со закон.

Потребна е поголема промоција на Законот за заштита на укажувачите, порачуваат експертите 

Во врска со примената на Законот за заштита на укажувачите и неговата улога во заштитата на човековите права и спречувањето на корупцијата, Институтот за стратешки истражувања и едукација, во соработка со Амбасадата на САД во Македонија, организираше настан на кој говореше директорот за правни работи во Проектот за владина одговорност од Вашингтон, Том Девајн.

За доследно применување на Законот за заштита на укажувачи и на неговите цели, велат експертите, неопходно е јавноста и општеството да бидат запознаени со одредбите и со можностите кои ги дава овој закон, кој не само што има цел да ја спречи корупцијата туку и да ги заштити човековите права.

„Укажувачите се уши и очи на јавноста, и кога корупцијата ја издава довербата на јавноста, тие ја користат слободата да предупредат и да можат да ги спречат последиците од тоа“, нагласува Девајн.

Проф. д-р Мишо Докмановиќ од Институтот за стратешки истражувања и едукација вели дека во Република Македонија најголем предизвик е примената на законите и од тој аспект треба да се гледа и функционирањето на Законот за заштита на укажувачите.

„Ако ги погледнете извештаите на Државната комисија за спречување на корупција од донесувањето на Законот досега, нема регистрирано укажувач, така што овој концепт е сè уште нов. Станува збор за концепт кој е карактеристичен за англосаксонскиот систем и затоа во таа насока сакаме негова промоција. Македонското општество не е запознаено со можностите што ги нуди новиот Закон за заштита на укажувачите и затоа е  потребна промоција на овој концепт во функција на спречување на злоупотреби и корупција во различни институции“, посочува  Докмановиќ.

Измените на Законот за заштита на укажувачи влегуваат во собраниска процедура

Ниту една пријава не е доставена од укажувачи до Државната комисија за спречување на корупцијата

Потребна е поголема промоција на Законот за заштита на укажувачите, порачуваат експертите

М.В