/ Прочитано:

1.447

Ниту една пријава не е доставена од укажувачи до Државната комисија за спречување на корупцијата

Имплементацијата на Законот за заштита на укажувачите е на незадоволително ниво, констатираат од Државната комисија за спречување на корупцијата.

„Државната комисија за спречување на корупцијата, како една од  посочените институции за следење на имплементацијата на Законот за заштита на укажувачите, во текот на 2016 година констатира дека имплементацијата на Законот е на незадоволително ниво, што првенствено се должи на отсуство на изразена политичка волја за воспоставување на системот на заштита на укажувачите во јавниот и приватниот сектор“, се констатира во Годишниот извештај за примени пријави од укажувачи за 2016 година.

Незадоволително ниво од имплементацијата на законот, нагласуваат од Комисијата, е видно од исклучително малиот број институции од јавниот сектор кои во текот на 2016 година ја исполнија својата законска обврска за воспоставување на систем на пријавување и заштита на укажувачите и доставија известување за назначување на овластено лице за прием на пријави од укажувачи до Државната комисија за спречување на корупцијата.

„Анализата на доставените полугодишни/годишни извештаи за приемни пријави од укажувачи од страна на институциите до Државната комисија за спречување на корупцијата во текот на 2016 година и податоците во нив дека не е евидентирана ниту една пријава доставена од укажувачи покажа дека свеста на овластените лица и вработените лица во институциите од јавниот и приватниот сектор, како и на пошироката јавност за воспоставениот систем на пријавување и заштита на укажувачите, е на многу ниско ниво и оттаму е неопходна силна медиумска кампања за подигање на јавната свест“, истакнуваат од Државната комисија за спречување на корупцијата.

Со цел ефектите од спроведување на кампањата да ги дадат посакуваните резултати, апелираат од Комисијата, неопходно е едновремено да се спроведуваат системски и континуирани обуки на овластените лица и на вработените во институциите од јавниот и приватниот сектор.

Законот за заштита на укажувачи, со кој се уредуваат заштитеното пријавување во јавниот и приватниот сектор, правата на укажувачите, како и постапувањето и должностите на институциите, односно правните лица во врска со заштитеното пријавување и обезбедувањето заштита на укажувачите, е донесен на 9.11.2015 година од Собранието на Република Македонија, а неговата примена започна 18.3.2016 година.

Заштитеното пријавување во смисла на Законот за заштита на укажувачите се дефинира како пријавување со кое, во согласност со овој закон, се пренесува разумно сомневање или сознание дека е извршено, дека се извршува или дека е веројатно дека ќе се изврши казниво или друго незаконито или недозволиво постапување, со кое се повредува или се загрозува јавниот интерес.

Со законот се заштитува јавниот интерес што се дефинира како заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, признати со меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Македонија, спречување на ризиците за здравјето, одбраната и безбедноста, заштита на животната средина и на природата, заштита на сопственоста и на слободата на пазарот и претприемништвото, владеење на правото и спречување на криминалот и корупцијата.

Основна цел на овој закон е воведување системска заштита на лицата кои заради заштита на јавниот интерес пријавиле и на тој начин алармирале дека е извршено, се извршува или е веројатно дека ќе се изврши кривично дело против службената должност или друго незаконито и недозволиво постапување.

Воедно, целта на применување на овој закон е и постигнување поефикасна борба против корупцијата и заштита на лицата кои се подготвени во општ интерес да помогнат во борбата против корупцијата.

М.В