/ Прочитано:

1.245

НОТАРСКАТА КОМОРА: Адвокатурата не смее, ниту може да биде господар на нашата слобода и независност

Вторник, 22 септември 2015 – Нотарската комора на РМ преку отворено писмо до јавноста, како и до сите чинители кои учествуваат во донесувањето на Предлог-законот за нотаријатот бара, како што се вели, да биде вклучена во процесот на изработка на текстот на законското решение со кое се воведува обврска за ангажирање адвокат при одредени постапки и склучување на акти пред нотар.

„Со наметнатата реформа на нотаријатот која се предвидува со овој предлог-закон, за кој нотарите ниту се информирани, ниту се консултирани, се наметнуваат стерилни решенија, кои водат кон намалување на правната сигурност и кон зголемување на трошоците за граѓаните и за правните лица“, сметаат од Нотарската комора.

Со законското решение, според нотарите, исто така се руши нивната независност.

„Независност која не може да биде доверена на друга правосудна институција, во конкретен случај на адвокатурата, која не смее, ниту може да биде господар на нашата слобода и независност. Досегашната законска регулатива и нашата практика, ни наметнуваат највисоки стандарди на дисциплина и одговорност, која е гарант на нашата независност“, се вели во писмото.

Тие понатаму наведуваат дека предложеното решение длабоко навлегува во слободите и правата на граѓаните и во нивната деловна способност за лично преземање на правните дејствија.

„Застапувањето на странките во граѓанското право е во диспозиција на странките, а никако  ултимативно задолжение, од причини што со своите имотни права граѓанинот може слободно и самостојно да располага, без било каква интервенција од страна на државата“, се наведува во писмото.

„Во оваa смисла треба супсидијарно да се примени Законот за парничната постапка, каде децидно е уредено застапувањето на странките и активно е опфатена улогата на Адвокатот“, се додава.

Според нотарите законот се коси со приципите на Латинскиот нотаријат и не е во согласност со правниот поредок, односно, како што велат,  „се прави конфузија помеѓу две услуги, и двете од суштинско значење, но сепак сосема различни“.

„Оттаму, наметнатите решенија со овој предлог закон се толку спротивни на интересите на граѓаните и стопанските субјекти, што се губи и од вид дека само апсолутната лојалност на нотарите кон правото и правосудниот систем на Република Македонија, и нивната независност може да обезбеди непречено одвивање на правниот промет во Република Македонија преку довербата која е веќе е воспоставена помеѓу сите субјекти кои учествуваат во него“, се вели во писмото.

Според нотарите краток е периодот за водење темелна расправа, согледување на сите ефекти и можни последици и целосно усогласување на ставовите со засегнатите страни.

„Затоа сметаме дека е потребно активно вклучување на академската и стручната јавност, пред се Нотарската комора во сестрано разгледување на предложените решенија. Во спротивно, брзата одлука за донесување на измените на Законот за нотаријатот, без темелна анализа може да доведе до големи последици во правниот систем и правниот промет во земјата“, се потцртува во писмото. 

>> АДВОКАТСКАТА КОМОРА: Однесувањето на нотарите ја потврдува потребата од целосно преиспитување на системот на нотаријат во Македонија

Е. П.