/ Прочитано:

1.404

Нов (не)успех на повидок: Законот за студентскиот стандард подгрева старонова надеж за домашните студентски домови

Приближувањето до Европа има сè пожесток одѕив во високообразовниот систем на Македонија. Во духот на паневропските реформи произлезени од процесот на Болоња, на предлог на Министерството за образование и наука (МОН), Законодавниот дом донесе по повеќе од една деценија нов Закон за студентски стандард. Сред континуираното незадоволство на студентската заедница од условите во установите кои вршат дејности непосредно врзани за нејзините потреби, Законот за студентски стандард треба доследно да ги уреди основањето, организацијата, функционирањето и управувањето на студентските домови низ Републиката. Со него се отвора широк простор за проектирање идни инвестициски планови за приватни студентски домови — бизнис со одамна препознаен потенцијал, но и низа предвидливи ризици.

Актуелните законски одредби го специфицираат студентскиот стандард како дејност од јавен интерес која се остварува во државни и приватни студентски домови наменети за престој на младинци кои студираат надвор од постојаното место на живеење. Во потесна смисла, тој подразбира обезбедување сместување, исхрана, школарина и стипендии за студентското тело, а намерува и на задоволување на работните, културните, информативните, спортско-рекреативните и други заеднички потреби на студентите. Од Министерството за образование и наука било воочено дека досегашната практика во оваа област била проследена со недоречености кои го отежнувале ефикасното функционирање на системот на студентскиот стандард. Оттаму тврдат дека новите нормативни решенија ќе го унапредат развојот на студентскиот стандард и ќе го приближат до системите на студентскиот стандард на земјите-членки на Европската унија.

Меѓугенерациско и многустрано незадоволство кај студентското тело

Студентите-станари во државните студентски домови, од генерација на генерација се соочуваат со исклучително тешки околности на домување. Нивната општа состојба честопати подлежела на опсежни опсервации во јавноста, но досегашниот дискурс нема постигнато пробив за изнаоѓање стратегиско решение со долгорочна делотворност. Новодонесениот закон, согласно со одново воочената потреба од оспособување на студентите за живот и работа во сплет со демократските вредности, современите технологии и научните дострели, намерува на овозможување оптимални услови за живеење и учење на студентите. Спроти ваквата намера на надлежните, Драги Јанев, студент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, станар во студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје, дословно ја пренесува актуелната слика на државните студентски домови.

„Да се живее во државен студентски дом не е воопшто лесно. Основна пречка, пред сè останато, е што за да се добие легло, нужни се протекции. По стекнувањето легло следува неодминлива „инвестиција“ за нов душек, како и за средства за бојадисување и дезинфекција. На влезот од зградата на домот каде што живеам јас стои оти е забрането користење грејни тела, што претставува уште поголема тешкотија ако се земе предвид провевот од прозорците кои воопшто не дихтуваат. Бањите се речиси без плочки, без тушеви, и, најважно, без топла вода. За тоалетите не би ни зборувал! Во извесна мера позитивно гледам на студентската менза, чијашто храна, главно, е добра, но застарениот ентериер и мешавината мириси во просторијата не оставаат многумина на подолг престој во неа, зашто облеката не може редовно да се носи на перење. Во таков амбиент, учењето е невозможно. Забавите што скоро секојдневно се организираат во домот не допуштаат посветеност и студиозност при извршувањето на должностите кон факултетот. Така, учењето останува најчесто резервирано за некоја од градските читалници“, подвлекува Јанев.

Можностите за инвестирање отворени, теренот само умерено поволен

Наспроти искуствата во државните студентски домови во Скопје, студентите во Штип имаат можност за сместување во „Хилјадников“, еден од ретките приватни студентски домови кај нас. За вкупно 85 легла во овој објект, студентите се пријавуваат на регуларниот Конкурс за прием на студенти во студентските домови спроведуван од МОН. Притоа, додека министерството учествува со педесет отсто во цената за престој во државен студентски дом, неговата партиципација во утврдената цена за сместување во приватен студентски дом не е задолжителна. Набљудувајќи ги подробностите на домашниот студентски стандард од агол на пазарната економија, Никола Спасов, директор на агенцијата за истражување на јавното мислење и пазарот „Рејтинг“, вели дека вложувањето во бизнис со приватно студентско сместување е инвестиција со прилично големи размери.

„Во овој дел, бездруго, најизразит проблем е големината на инвестицијата. Таков вид бизнис кај нас се започнува само ако претприемачот претходно етаблирал друг голем бизнис. Сметам дека таа дејност тешко би се водела од „нула“. Со оглед на релативно ниските примања на студентите како единствена целна група потрошувачи, враќањето на инвестицијата ќе оди доста бавно. Сепак, дејноста може да биде профитабилна ако се изработи добар бизнис план.“

Ваквата слика на домашниот пазар, додава Спасов, уште повеќе ја избледнуваат институциите на системот, кои се прилично затворени во поглед на давање информации и податоци за пазарните трендови, а оние кои ги даваат, пак, се нецелосни и често непроверени.

„Прашањето не е само дали институциите споделуваат информации, туку и колку ги имаат. Според мене, клучниот проблем е немањето соодветни анализи и точни статистички податоци со кои би му помогнале на приватниот сектор во можната намера за инвестирање во приватен студентски дом“, заклучува Спасов.

Потврда за затетеравениот приод на институциите во овој дел даде и Европската комисија во својот последен Извештај за напредокот на Република Македонија во 2011 година. Во поглавјето посветено на напредокот во науката и образованието, Комисијата забележа дека недостатокот од веродостојни статистички податоци го отежнува следењето на инвестициите и можните резултати од нив и повика на скорашно осовременување на инфраструктурата.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено: 30.01.2013